• четврток, 07 ноември 2024

Мицотакис-Сакеларопулу: Грчко-американските односи се стратешки и ќе продолжат независно кој ќе биде избран за претседател

Мицотакис-Сакеларопулу: Грчко-американските односи се стратешки и ќе продолжат независно кој ќе биде избран за претседател

Атина, 5 ноември 2024 (МИА) – Изборите во САД беа во фокусот на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, кои истакнаа дека без разлика кого ќе изберат американските граѓани, односите меѓу Грција и САД се традиционално стратешки и сојузнички, јави дописничката на МИА од Атина.

- Мојата прва забелешка е дека без разлика на изборниот резултат во САД, грчко-американските односи се стратешки и верувам дека нема да има влијание врз нивната содржина. Втората забелешка е поврзана со фактот дека, повторно без оглед на исходот во Соединетите Држави, геополитичкото полнолетство на Европа сега станува апсолутно неопходно, рече Мицотакис.

Додаде дека „многу интензивната поларизација, до одреден степен токсичност во САД, претставува проблем за нашите демократии“.

Сакеларопулу истакна дека изборите се особено важен настан не само за американските граѓани, туку и за целата меѓународна заедница и особено за Европската Унија, во период на „општата несигурност и геополитичките предизвици што ги живееме“, но и посочи дека е „од особен интерес и продолжувањето на политиката што ќе ја води идниот претседател или идната претседателка на САД“.

- Во секој случај, јасно е дека нашата земја ќе продолжи да соработува со кој претседател и да избере американскиот народ, одржувајќи ги партнерските и сојузничките врски што традиционално ги имавме, истакна грчката претседателка. ср/

Остани поврзан