• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Ќе испратиме допис до амбасадите на земјите членки на ЕУ и до ЕК за злоупотребата на европското знаменце

Мицкоски: Ќе испратиме допис до амбасадите на земјите членки на ЕУ и до ЕК за злоупотребата на европското знаменце

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државава на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотребата на европското знаменце при носење на законските измени за коридорите, информира денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Велес.

Мицкоски вели дека чека реакција од страна на канцеларијата на Европската комисија во државава и очекува реакција на амбасадорите кои што се земји членки на ЕУ.

-До овој момент нема никаква реакција. Очигледно дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам. Но, доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на Парламентот е на брза трака, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

Тој додаде дека во државава како земја кандидат на отворена сцена се кршат европските вредности.

-Наше е да ги предупредиме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се бориме против цела Европа и европска комисија, не можеме да се бориме против криминална власт и политичари кои што се дел од оваа коалиција на СДСМ поддржана од помалиот партнер ДУИ но треба да направиме се што е во наша моќ за да укажеме на јасното кршење на законите, уставот и процедурите во Македонија и да упатиме со јасни факти на криминалниот карактер на овој тендер кој што има за цел да отпочне со изработка на делови од коридорите 8 и 10Д. Проект кој што започна со трошење на неколку стотици милиони евра народни пари за пенали и аванси а гледате вие дека ниту лопата е фрлена, ниту пак шајка е закована, нагласи Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски наласи дека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ треба да си поднесе оставка, затоа што според него, тој јавно признава дека поддржува кршење на законите и процедурите.

-Тој таму е поставен за да ги почитува законите и процедурите и тоа е многу важно. А, тој пак, јавно признава дека поддржува кршење на процедурите и треба да е свесен дека еден ден, а тој ден е се поблиску, ќе има и одговорност за таквото однесување. Тој покажа и докажа дека проектот за изградба на дел од коридорите 8 и 10Д, кој што силно го форсираат владата на ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер, СДСМ не претставува ништо друго освен еден голем криминален епски потфат на оваа влада. А, соучесник во тој опфат е вицепремиерот кој што би требало да биде задолжен за евроинтеграции на Македонија и се потврдува тезата дека тие го користат или, да бидам попрецизен, го злоупотребуваат името на Европската Унија само кога треба да крадат, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека најновиот извештај на Заводот за статистика потврдува дека „инфлацијата не е увезена, туку е последица на епската неспособност на власта“.

-Јасно е и од последниот Извештај на Заводот за статистика дека тоа е повеќе од европскиот просек, би рекол повеќе од двојно од европскиот просек. Мислам дека е за април веќе 13-тина проценти, мислам дека просекот во првите четири месеци е 15 проценти, за лебот и за храната е повеќе од 25 посто, и тоа само по себе покажува дека инфлацијата не е увезена како што тоа не убедуваше Владата, туку дека станува збор за епска неспособност на криминалната Влада на ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер СДСМ на сметка на граѓаните, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш нагласи дека се потребни предвремени парламентарни избори.

-Колку подолго оваа Влада е на власт толку повеќе Македонија ќе губи. Тие еден ден ќе бидат жестоко поразени и нема да бидат повеќе таму, и ќе има одговорност. Но, штетата која што прават на дневна основа е навистина преголема и ќе ни треба многу напор и многу време за да истата ја санираме. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори што поскоро за да може да народот избере политичари кои што имаат визија, имаат план и знаат како да ја развиваат Македонија, нагласи Мицкоски. мс/са/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

 

 

Остани поврзан