• вторник, 24 декември 2024

Мицкоски: Целосно се реконструира граничниот премин Деве Баир, дел од Коридорот 8

Мицкоски: Целосно се реконструира граничниот премин Деве Баир, дел од Коридорот 8

Крива Паланка, 5 октомври 2024 (МИА) – Македонските граѓани ќе имаат модерен граничен премин којшто е дел од Коридорот 8 и тоа е една силна политичка порака затоа што изминатиов период бевме обвинувани дека Коридорот 8 не бил толку приоритетен, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот со кој официјално беше означен стартот на проектот за изградба на нов современ административен објект на терминалот за стоково царинење, како и целосна реконструкција на самата управна зграда на граничниот премин Деве Баир.

Проектот е финансиран со кредит од Светска Банка и изнесува 96.000.000 денари.

На настанот присуствуваа и министерот за тарнспорт и врски, Александар Николоски, директорот на царинската управа, Бобан Николовски и Масимилијано Паолучи, претставник од Светска банка во земјава.

-Добро е тоа што македонските граѓани коишто ќе го враќаат овој кредит од Светската банка ќе имаат модерен граничен премин, дел од Коридорот 8 и тоа е една силна политичка порака затоа што изминатиов период бевме обвинувани дека Коридорот 8 не бил толку приоритетен, друг коридор Коридорот 10 бил приоритетен. Но, со самото ова и она што ќе започне од понеделник, тоа е реконструкција на ГП Клепало покажуваме јасна определба дека секоја точка на Македонија нас ни е важна, и дека нема да оставиме ниту една точка којашто нема да биде реконструирана и реновирана, порача Мицкоски.

Тој посочи дека македонските граѓани кои што ќе ги плаќаат овие кредити коишто ги зема македонската Влада ќе добијат европски услови кога ќе ги поминуваат граничните премини и ќе нема повеќе гужва и турканици како што тоа било во минатото, како и поефикасна работа на Царинската управа.

-Инвестирањето во модернизација на граничното управување и подобра поврзаност со нашиот источен сосед Бугарија се дел од заложбите за побрзо интегрирање во единствениот пазар на Европската унија. Денеска официјално започнуваме со изградба на нов собремен административен објект на терминалот за стоково царинење, како и целосна реконструкција на самата управна зграда на  граничниот премин Деве Баир. Со реконструкција на управната зграда ќе добиеме нови помодерни услови, современи услови за работа на царинските, но и на полициските службеници, а со изградба на новиот објект за стоково царинење, покрај царинските службеници, бенефит ќе имаат и сите инспекциски служби како државниот инспекторат за земјоделие, граничната фито-санитарна инспекција и агенцијата за храна и ветеринарство. Воедно, процедурите за извоз, увоз и транзит ќе се одвиваат на едно место, што ќе значи олеснување за економските оператори и скратено време за завршување на псотапките, рече директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

Годинава заклучно со септември на овој граничен премин поминале 88.213 камиони, 11 проценти повеќе од минатата година. Од аспект на наплата на приходи на буџетот на терминалот на стоково царинење на Деве Баир наплатени се 1.4 милијарди денари или 110 милиони повеќе од лани, тенденција што одговорните планираат да расте.

-Денеска означуваме важна пресвртница за Северна Македонија, со отпочнување градежни активности што значително ќе го подобрат работењето на сите службеници на граничниот премин Деве Баир. Економската интеграција во регионот и во ЕУ останува клучен двигател на економскиот раст и за просперитет на Западен Балкан. ЕУ е најголем трговски партнер и најголем извор на директни странски инвестиции во регионот, нудејќи пристап до пазар со повеќе од 500.000 потрошувачи со висок приход. На самитот на Берлинскиот процес минатиот септември, лидерите од Западен Балкан дадоа поддршка за поголема поддршка и транспорт, но и олеснување како следен чекор до полесен пристап кон единствениот пазар на ЕУ. Ова вклучува намалување на чекањето на граничните премини, намалување на трошоците и давачките за увоз-извоз, намалување на времето за транзит, како и намалување на разликите во поглед на Европските стандарди. Приближувањето на Западен Балкан поблиску до Европскиот пазар е еден од четирите столбови на планот за раст на ЕУ и се очекува да им донесе придобивка на сите граѓани пред влез во ЕУ, рече Паолучи.

Посочи дека Светска банка ја поддржува оваа агенда преку многу проекти, но, пред се преку олеснување на трговија и транспорт на Западен Балкан, со подобра транспортна ефикасност, зголемен пристап до трговија и инвестиции. Модернизацијата, рече, е само почеток, а во следниот период овде на Деве Баир ќе се имплементира и проширување на лентите.  

-Истовремено се поддржува и модернизација на Ќафасан, подобрување со инсталација на современа опрема со зголемена контрола на патничките и товарни возила, како и возилата на овластени економски оператори. Ваквите подобрувања значително ќе го зголемат протокот на возила и ќе го намалат времето на чекање. Зголемениот фокус  врз интегративниот процес и палнот за раст на ЕУ, иницијативата за зелени ленти и континуираниот дијалог со Берлинскиот процес овозможуваат одлични услови за забрзување на напредокот и подобри услови за трговија на приватниот сектор низ границите, рече претставникот на Светска Банка.

Министерот Николоски рече дека реконструкцијата на оваа прва фаза од граничниот премин се очекува да заврши до мај 2025, а оти веќе се работи на втората фаза, на изработка на ДУП за втора фаза за граничниот премин, што, според него, ако почне да се реконструира во 2025 година, во 2026 ќе има комплетно новореконструиран граничен премин на Деве Баир. ид/сст/

фото и видео МИА 

 

Остани поврзан