• среда, 27 ноември 2024

Мицкоски со повик до граѓанските организации да учествуваат во градењето на поквалитетен национален образовен систем

Мицкоски со повик до граѓанските организации да учествуваат во градењето на поквалитетен национален образовен систем

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски во соработка со Меѓународниот републикански институт - ИРИ, како дел од проектот за дијалог помеѓу Владата и граѓанскиот сектор одржал средба со повеќе невладини организации посветена на образованието и младинското учество.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски посочил дека образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети.

-Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја, порачал премиерот Мицкоски до младинските организации.

Мицкоски, се наведува во соопштението, со жалење констатирал дека образованието во минатото ни е значително опаднато.

-Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор, рекол Мицкоски.

Тој додал дека Владата работи транспарентно и создава услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.

Повикал да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рекол, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.

За време на дебатата, дел од младинските организации изнеле свои предлози за мерки, проекти и системски решенија со кои, како што рекле, ќе се задржат младите во својата земја и тука ќе го градат и реализираат својот потенцијал. 

Биле повикани, се посочува, и сите останати здруженија да достават свои иницијативи во одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Владата, како и до надлежните министерства.

Обраќања имале и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за локална самоуправа Златко Перински.

-Заеднички став е дека односите со граѓанскиот сектор се развиваат во добра насока и се очекува политиките кои се креираат преку меѓусебната соработка, да дадат позитивен исход, стои во соопштението. вг/лв/

Фото: Влада

 

 


 

Остани поврзан