• понеделник, 16 декември 2024

Мицкоски: Распуштање на судскиот и на советот на јавни обвинители, сами нека си избираат на непосредни избори

Мицкоски:  Распуштање на судскиот и на советот на јавни обвинители,  сами нека си избираат на непосредни избори

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) - Фронтот против криминал и корупција што го најавува ВМРО-ДПМНЕ подразбира распуштање на републичкиот судски совет и советот на јавни обвинители, истакна вечерва лидерот Христијан Мицкоски. 

-Во кампањата ние зборувавме дека создаваме фронт против криминалот и корупцијата и тој фронт подразбира дека ние ќе го распуштиме републичкиот судски совет и советот на јавни обвинители таа ни е целта, но не значи тоа дека сега ние треба да предложиме, така беше протолкувано од владините партнери дека еве сега ВМРО ќе ги распушти едните за да ги постави своите партиски октруирани судии, не, самите тие нека си изберат на непосредни избори, рече Мицкоски во гостување на ТВ Канал5. 

Тој ги претстави плановите за животниот стандард и економијата и инвестицискиот пакет уште во првите 100 дена.

-Веќе е завршена една сериозна странска инвестиција која што е отпочната во делот на енергетиката, без посебни закони, без загарантирана цена на откуп, без повластици, која би се движела меѓу 400 и 500 милиони евра и која што ќе произведува некаде од прилика околу 1 терават часови електрична енергија годишно. И тоа ќе биде објавено во првите 100 дена, рече Мицкоски. 

Најави дека ќе донесат и други две странски инвестиции, финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од милијарда евра, со, како што рече, исклучително поволни услови, со добар грејс период и со исклучително атрактивна каматна стапка. 

Планираат ребаланс на Буџетот во втора половина на јули, а во првата половина на септември да почнат проект за децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините во износ од 250 милиони евра. - Сега дека сме на половина година и овој буџет во 2024 ќе опфати 125 милиони евра, инвестиции во општините, посочи Мицкоски. 

Линеарното покачување на пензиите од 5.000 денари, како што кажа, ќе се реализира согласно со законот во септември годинава и во март 2025 година.

Во коментар на барањата за покачување на платите во администрацијата за коишто изминатиот период имаше протести  наведе дека многу внимателно ветувале во Програмата, која посочи дека се темели на инвестиции, а не на јавна потрошувачка. 

-Продуктивноста, инвестиции, зголемените плати мора да одат паралелно. Економија од типот на досегашната видовме до кај не донесе, наведе Мицкоски.

За барањето на синдикатите за минимална плата од 450 евра  посочи дека треба да се седне и да се разговара, да се видат перформансите на Буџетот и најави дека се што е во рамки на реалноста ќе биде исполнето. 

Ветува и дека државата ќе биде со најатрактивна даночна политика.

-Ќе продолжиме со политиката на рамен данок, борба со сивата економија, доколку имаме поголеми приходи дури и рамниот данок од 10 проценти може да дојдеме до 8 проценти, со што би ја направиле Македонија најатрактивна држава во рамки на даночната политика. Планираме данокот  на  профит за консолидирање на мултинационалните компании од 50 милиони евра да биде до 5 проценти со што ќе ја направиме Македонија повторно една од државите кои ќе бидат  најатрактивни. Со тоа очекуваме приходи во буџетот, пари за капитални инвестиции, поддршка на инвестициите, рече Мицкоски. лв/вј/

фото:ВМРО-ДПМНЕ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан