Мицкоски: Народот е мудар, ги одбива политичките пораки на опозицијата, ДУИ не направиле ништо добро додека владееше
Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Народот е мудар, без разлика на етничката припадност и ги одбива политичките пораки од опозицијата, заклучи денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поставување камен темелник на спортска сала во Општина Гази Баба.
Прашан за коментар по изјавите на ДУИ дека Владата нема легитимитет, тој посочи дека над 600.000 граѓани на 8 мај го дале својот глас за оваа Влада и оти е една од ретките со околу 80 пратеници во Парламентот.
- Да, точно, оваа Влада е без ДУИ и тоа ние го кажавме. Кога го зборувавме тоа, кажавме и причини зошто е тоа така. Гледам дека од таму сеуште како да не ја научиле лекцијата. Во отсуство на било какви други идеи кои ќе значат подобар живот за граѓаните тие се обидуваат да ги поларизираат граѓаните и мислат дека таквата политика им носи резултати. Јас мислам дека е погрешно сето тоа. И тоа го гледаат на мерењето на јавното мислење. Но добро, они ако мислат дека така треба да продолжат да работат, нека си продолжат. Тоа е нивна работа. Наместо да се извинат и да побараат бегалците од правда да се вратат, тие продолжуваат и понатаму да го делат народот. Но народот е мудар, без разлика на етничката припадност и овие политички пораки од опозицијата ги одбива. И тоа е добро и така ќе продолжиме, изјави Мицкоски.
Во однос на вчерашното излагање на претседателот на ДУИ Али Ахмети дека партијата е ураган и нема да дозволат промена на Законот за јазици, премиерот кажа дека за тоа ќе одлучи Уставниот суд.
- Тие мислат дека со закани ќе мобилизираат повеќе луѓе. Законот за јазици дали ќе се смени или нема да се смени и што ќе се случува треба да одлучи Уставниот суд. Таму треба да има јавна дебата, тие ќе побараат мислење од Венецијанската комисија и слично, рече претседателот на Владата.
Тој го постави прашањето зошто во повеќе од две децении владеење ДУИ не направиле ништо добро, туку се што правеле било со недостатоци.
-Прашањето е зошто повеќе од две децении не успеаа да направат ништо добро, туку се што направија има недостатоци и тоа е најголемиот проблем. Тие пред се треба да направат некоја автоцензура и да си одговараат самите на себе си зошто ги оставија сите овие работи такви како што ги оставија. Но не забворавија да купуваат трговски центри, скапи ролс ројс автомобили, инстант компании кои што увезуваат јаглен, игрите на среќа и злоупотребите со дозволите за игри на среќа... Тоа некако не го заборавија изминатите повеќе од две децении, но се останато на кое ја добиваа довербата заборавија да го направат онака како што треба, заклучи Мицкоски. сс/ев/
Фото: МИА Архива