• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Изминативе седум години сме сведоци само на скандали

Мицкоски: Изминативе седум години сме сведоци само на скандали

Скопје, 27 јануари 2024 (МИА) - Со оваа власт се случуваа скандали на секојдневна основа во изминативе седум години, а потребно е луѓето кои ја водат државата да демонстрираат лична заложба и да бидат пример што ќе ги охрабри сите да направат нешто повеќе, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

-Секогаш кога говорам со меѓународни претставници кои се присутни во државата или кои остваруваат посета во нашето седиште на партијата вообичаено ме прашуваат па добро што ќе направите, што ќе сторите вие. Не постои рецепт што јас би требало да направам, не постои таков случај. Потребно е да има политичка волја која би требало да биде одлучна без било каков компромис, без било какви концесии и отстапки. И однесувањето на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе две години е типичен пример на тоа дека не сме исти, рече Мицкоски на конференција во Скопје во организација на Паневропската унија на Македонија.

Нагласи дека откако градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се на чело на општините нема ниту еден единствен случај за корупција или криминал што е поврзан со нив.

-Ние имаме брилијантни законски решенија пишани на хартија, меѓутоа она што недостасува е спроведување. На пример, имаше еден случај за М-НАВ, група на политички активисти со криминалци влегуваат во објект кој што е од круцијално значење за НАТО државите. Меѓу нив е еден кој што е претседател на локалниот огранок на партија ДУИ. Само што го притворија, вчера беше пуштен на слобода, рече Мицкоски.

Тоа, како што посочи, не е добар пример и затоа, додаде, укажуваме дека има двојни аршини и за жал ова е реалноста со која што се соочуваат граѓаните секојдневно со оваа власт.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на ДУИ, партија коалициски партнер во власта заедно со СДСМ која се промовира како проевропска.

-Најголемиот промотор на европските вредности, ДУИ не се дел од ниту едно европско политичко семејство. Ние сме дел од Европската народна партија, некои се дел од социјалдемократите, либералите, зелените итн. Замислете ДУИ, проевропски настроените не се дел од ниту една европска политичка организација. Веројатно тоа ќе го сменат, кажа Мицкоски.

Тој се осврна на отстапките кои земјава ги прави низ годините на патот кон Европската Унија.

-Луѓето имаат направено многу за европските вредности како никој претходно. Имаме многу проблеми и предизвици во образованието, здравството. Но, кога зборуваме за надворешните предизвици, треба да нагласам дека како никој кој е дел од ЕУ, ние инвестиравме многу. Го сменивме знамето во 90-тите, ја поддржавме Алијансата во 1999 година против режимот на Милошевиќ, примивме 500 илјади бегалци, имавме конфликт 2001 и направивме де факто федерализација, го сменивме Уставот, го сменивме името и повторно го сменивме Уставот и по се следеа само ветувања. Патот кон ЕУ го почнавме со Хрватска, која е сега членка десеттина години и го користат еврото и се дел од Шенген зоната, а ние не сме ни на масата, туку сме во лобито, рече Мицкоски и додаде дека повторно имаме вештачки услов за внесување на Бугарите во Уставот, а никој не кажува дали е тоа последниот услов.вј/ев/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан