• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Граѓаните да се чувствуваат безбедно, криминалците ќе завршат таму каде што им е местото

Мицкоски: Граѓаните да се чувствуваат безбедно, криминалците ќе завршат таму каде што им е местото

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Криминални структури имало и ќе има, но, жестоко ќе се спротивставиме како држава и ќе ги победиме. Граѓаните да се чувствуваат безбедно и слободно, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали граѓаните треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во главниот град. 

За тоа дали има повеќе детали за денешното убиство во Скопје, Мицкоски рече дека од информациите со кои располага едно лице е фатено, а по другото се трага и оти за сите детали ќе информира МВР.

Според Мицкоски, „во овој период на транзиција поединци земаат замав“, но, како што рече, уверен е  дека „ваков тип на криминални битанги ќе завршат онаму каде што им е местото“.

-Криминални структури имало и ќе има. Во овој период на транзиција поединци земаат замав. Некои се охрабрени од некои центри на моќ, но ние ќе се бориме и ќе ги победиме. Да знаете дека жестоко ќе се спротивставиме како држава и ќе ги победиме. Граѓаните да се чувствуваат безбедно и слободно. Ваков тип на криминални битанги ќе завршат онаму каде што им е местото и јас ве уверувам во тоа, изјави изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по средбата со претседателката на Судски совет, Весна Дамева. аа/сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан