• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Важно е состанокот со банките за унгарскиот заем да заврши успешно, за македонската економија оваа зима има два предизвика

Мицкоски: Важно е состанокот со банките за унгарскиот заем да заврши успешно, за македонската економија оваа зима има два предизвика

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) – Многу важно за Владата состанокот што ќе го имаме в недела со банките да заврши успешно и конечно да почнеме со користење на заемот, во јавноста познат како унгарски заем, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска по годишната конференција на граѓански организации одговараше на новинарско прашање, дали е задоволен од инвестициите во сопанството и дали ќе продолжи инвестицискиот циклус.

- Очекуваме тука да се акцелерира еден бран од најмалку 300 милиони евра, тоа е некаде 1,6, 1,7% од нашиот вкупен домашен производ, плус имаме бран инвестиции во општините, кои се финансирани од страна на централната Влада ќе ве потсетам шест милјарди денари во овој циклус, 15 милјарди денари веќе следната година, шест милјарди проекти, коишто преку Министерството за животна средина, знаете дека имавме настани во вицепремиерот, Меџити на оваа тема за проекти кои беа запоставени од претходната Влада сега се реализираат во делот на изградба на водоводи, канализациски системи, системи за третирање на отпадни води и слично и тука очекувам еден огромен бран отприлика 27,28 до 30 милијарди денари, изјави Мицкоски.

Премиерот, Мицкоски забележа дека тоа се многу пари за македонската економија. Но, забележа дека оваа зима чувствува дека ќе имаме два предизвика, од кои првиот ќе биде енергетската стабилност,а вториот ќе биде кризата која се чувствува од Германија, посебно во автомобилската индустрија. Посочи дека за овие предизвици веќе се бараат и решенија, како да се надминат.

-За првиот видовте и вчера, месеците претходно, многу внимателно планиравме и мислам дека таму состојбата е стабилна, со потпишување на меморандумот за разбирање меѓу ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ и Сокар азербејџанскиот гигант и ќе имаме стабилно и евтино снабдување со природен гас, што е многу важно за затоплувањето на Скопјани, но и за производството на електрична енергија. Дотурот на јаглен и ископот веќе функционира најнормално, би рекол и повеќе од нормално, веќе Блоковите работат на моменти по 200 мегавати нешто што беше незамисливо во изминатите седум години, вели Мицкоски.

Премиерот истакна дека сепак хидрологијата е проблематична, но какошто рече „очекувам дека со есенските дождови, со зимските снегови тука ќе можеме ситуацијата да ја подобриме“.

-Тоа не зависи од нас, тоа зависи од некои други метафизики. Но, како и да е, тој проблем е под контрола и мислам дека ќе имаме, не мислам сигурен сум дека тоа ќе биде успешно и граѓаните не треба да се грижат, изјави Мицкоски.

Што се однесува за вториот предизвик поврзан со економијата на Германија, премиерот Мицкоски смета дека е  можно намалување на економската активност за некои од компаниите, коишто се дел од автомобилскиот сектор. Но, негово мислење е дека овој предизвик може да се совлада со инвестиции.

-Затоа овој бран што го кажувам 300 милиони плус 500 милиони евра, околу 800 милиони евра имајќи предвид дека некаде околу 15, 16 милјарди е нашиот БДП, зборуваме за бројка меѓу четири и пет проценти и мислиме дека на тој начин нема да се почувствува таа криза и нема да се афектира негативно на нашиот Бруто домашен производ(БДП), изјави Мицкоски.

Забележа дека тоа се двата генерално суштински проблеми, а какошто рече „покрај многуте стотици коишто ги решаваме на дневна основа, но тоа ни е работата и наша природна задача“. вдј/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан