• понеделник, 23 декември 2024

Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил: Се молиме и посакуваме вашата Црква да стекне автокефалност

Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил: Се молиме и посакуваме вашата Црква да стекне автокефалност

Дебар, 28 септември 2023 (МИА) – Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, во присуство на голем број верници ја одбележа втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен крст Господов – Крстовден.

Во манастирот беа присутни и митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил и епископот Дремвицки г. Давид.

- Исклучителен благослов за годинешнава слава на оваа Свештена Обител на славниот Великомаченик е присуството на нашиот драг и возљубен во Христа брат и сослужител, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил. Светиот Имвроски, пожртвуван и трудољубив работник на Господа и докажан пријател и спомагател на нашата Црква, ни доаѓа за празникот на Чесниот Крст од една распната Црква, но која постојано го навестува и го живее Воскресението. Ни доаѓа од Мајката Црква Константинополска, која се распнува и бдее за своите рожби, за тие да напредуваат во добро и да растат во слобода и вистина. Навистина неизречива е нашата благодарност кон Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, што повторно ни го испрати својот татковски благослов преку Архиерејот на неговиот роден Имврос, рече во обраќањето епископ Антаниски г. Партениј.

Тој додаде дека посебна радост претставува и присуството на Преосветениот Дремвицки г. Давид, викарен Епископ на Неговото Блаженство Архиепископот г. г. Стефан.

- Со Светиот Дремвицки се знаеме долги години, уште од почетокот на обновувањето на монашкиот живот кај нас. Впрочем, тој е една од првите рожби на возобновеното општежително монаштво во нашата татковина и тоа ја прави нашата чест уште поголема што го имаме вечерва заедно со нас. Ерудит, елоквентен теолог, поет на црковното слово, врз кого во еден дел од неговиот живот исто така падна неблагопријатниот товар на денешните мачни состојби во Православието, нагласи г. Партениј.

Епископот Дремвицки г. Давид, рече дека ја споделувам истата радост со Преосвештениот Епископ Партениј, што денес тука е присутен Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, којшто ни доаѓа од Великата Црква Христова, од распнатата Константинополска Патријаршија, којашто секогаш е верен сведок на Воскресението Христово и од којашто на мнозина им блеснала светлината на Светото Евангелие.

- Денес сме заедно со него на оваа Вечерна богослужба, којашто трогателно, молитвено блеска со црковно благолепие. Оваа вечерна богослужба и Литургијата на којашто, со Божја помош, утре ќе се причестиме, сведочат за единството на нашата помесна Црква, за единството и соборноста коишто, како што на сите многу добро ви е познато, не се само некаков непотребен надворешен украс за Црквата, туку се самата суштина на Црквата, без коишто Црквата и не би можела да се именува како Црква. И затоа сите сме должни, со саможртвена љубов токму овие соборност и единство да ги чуваме како зеница во окото, посочи тој.

Во своето слово на вчерашната Божествената Литургија, Неговото Високопреосвештенство Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирик порача дека „нашиот живот е крстовоскресен, христијани мои. Го понесуваме својот крст, за да стасаме до воскресението. И се молиме и бараме силата на Чесниот Крст да нè поткрепи во тоа“

- Преосвештени браќа, свети архијереи, г. Давиде и г. Партениј, сечесни отци и почитувани браќа и сестри, возљубени Старици и монахињи, ги имам радоста и благословот да доаѓам од еден друг врв на распетието – сечесниот врв на Вселенската Патријаршија, којашто е распната веќе стотици години. Но, среде своето распетие, таа им го дарува воскресението на сите други. И тоа ние го живееме секој ден. И вие го живеете тоа овој период уште поистакнато. Вселенската Патријаршија ви подари каноничност на Црквата, по една агонија од многу години. Распнатата жртвена прегратка на Константинопол ве прегрна и вас, вашата Татковина. И дојдовме до овој најубав момент – денеска да бидеме овде сите тројца архијереи заедно, во каноничноста на Црквата и да се причестуваме со едниот Христос, со Телото и Крвта Христови. И да се молиме и да посакуваме добриот Бог, под покровот на Чесниот Крст, да ги доведе во ред сите нешта, така што да завршат проблемите, и вашата Црква да ја стекне својата автокефалност, посака г. Кирил.

Според сестрите особена чест предизвикувало тоа што тој го носел штедриот благослов од Првопрестолната Црква во православието, возглавена од Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, кој ја врати нашата Помесна Црква во канонско единство со одлуката од 9 мај 2022 година. вт/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан