• среда, 25 декември 2024

Митаракис ги информира Јохансен и Леклерк за потонатиот чамец со двајца загинати мигранти

Митаракис ги информира Јохансен и Леклерк за потонатиот чамец со двајца загинати мигранти
Атина, 5 декември 2020 (МИА) – Загубата на човечки животи можеше да се избегне, доколку интервенираа турските власти кога чамецот со мигранти побара помош додека се наоѓаше во морските води на Турција, пишува, меѓу другото министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во писмата испратени до еврокомесарката Илва Јохансон и претставникот на УНХЦР во Грција Филипе Леклерк за несреќата на чамецот со мигранти во средата кога животот го загубија две лица, јави дописничката на МИА од Атина. Митаракис детално објасни како дошло до инцидентот во близина на островот Лезбос, во кој две жени го загубија животот, а беа спасени 32 мигранта, меѓу кои и три деца, ја изразува загриженоста на Грција и бара од Јохансен и Леклерк да интервенираат надлежните за да се запрат кримучарите. Според сведочењата на спасените и на службениците од крајбрежната служба на Грција, Митаракис објаснува дека околу 5 часот наутро во средата на 2 декември, грчки и бугарски патролен брод биле информирани за несреќата и помогнале во спасувањето, додека, пак, турски патролен брод, иако бил во близина не интервенирал. Чамецот со мигрантите тргнал од турското крајбрежје кон Грција. - Патниците не сакале да го продолжат нивното патување поради неповолните временски услови и веднаш побараа помош од турската крајбрежна служба, додека нивниот чамец сè уште се наоѓаше во морските води на Турција. Според сведоштвата на мигранти, брод на турската крајбрежна служба пристигна на самото место, но наместо да понуди помош како што побарале, направи бранови и ги охрабри да го продолжат патувањето, придружувајќи го чамецот во грчките територијални води, пишува Митаракис во писмата. Објаснува дека целиот случај предизвикува сериозна загриженост од две причини: поради тоа што можела да се избегне загубата на животи, но и поради тоа што постои охрабрување за криумчарите, кое, како што пишува Митаракис, понекогаш е и од одредени невладини организации. - Ве повикувам, вашиот персонал и вашите соработници да ја поддржат нашата заедничка цел - справување со мрежите на криумчарите, да се спречи и обесхрабри секој обид за нелегално преминување, пишува Митаракис во писмата до Јохансон и Леклерк. ср/гт/

Остани поврзан