• понеделник, 30 март 2026

Мировник на ОН убиен, друг ранет во експлозија во јужен Либан

Мировник на ОН убиен, друг ранет во експлозија во јужен Либан

Бејрут, 30 март 2026 (МИА) – Индонезиски мировник на Обединетите нации е убиен, а друг сериозно ранет кога проектил вчера експлодирал на позиција на ОН во јужен Либан, соопшти организацијата.

„Никој никогаш не би требало да го изгуби својот живот служејќи на каузата на мирот“, објавија Привремените сили на ОН во Либан (UNIFIL) на Х рано утрово.

„Не го знаеме потеклото на проектилот. Почнавме истрага за да ги утврдиме сите околности“, додадоа тие.

„Намерните напади врз мировниците се тешки прекршувања на меѓународното хуманитарно право и на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност и можат да претставуваат воени злосторства“, соопшти мисијата.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди смртоносниот инцидент и изрази сочувство до семејствата на жртвите, изјави неговиот портпарол Стефан Дижарик.

- Ова е еден од низата инциденти кои ги загрозија безбедноста и сигурноста на мировниците, вклучително и во текот на изминатите 48 часа – рече Дижарик.

- Уште еднаш, генералниот секретар ги повикува сите актери да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право и да ја осигураат безбедноста и сигурноста на персоналот и имотот на ОН во секое време – додаде тој.

Борбите меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран повторно се разгореа во Либан во контекст на војната во Иран, при што мировниците на ОН постојано се наоѓаат среде вкрстен оган по должината на границата.

Обединетите нации имаат распоредено мировници во граничниот регион од 1978 година. Мисијата моментално вклучува околу 7.500 војници од речиси 50 земји. јт/мс/

Остани поврзан