• четврток, 22 август 2024

Миовски на промоцијата во Жирона: Одлуката не беше тешка, цел живот работев за ова

Миовски на промоцијата во Жирона: Одлуката не беше тешка, цел живот работев за ова

Жирона, 21 август 2024 (МИА) - Шпанскиот член на Примера, Жирона денеска го промовираше македонскиот фудбалски репрезентативец, Бојан Миовски како свое ново засилување.

Миовски на прес-конференцијата зборуваше за преминувањето во шпанскиот фудбалски тим, кој оваа година ќе настапи во Лигата на шампионите, како и за своите амбиции.

-Одлуката не беше тешка. За мене ова е одлична можност. Целиот мој живот работев за ова. Мичел е одличен тренер, со големи амбиции. Има многу добра атмосфера во соблекувалната, како семејство е. Одлично сум прифатен тука и едвај чекам да почнам да играм, истакна Миовски.

Додаде дека за него е исполнување на сон потписот со Жирона и дека ќе му помогнам на тимот да ги оствари целите во сите натпреварувања.

Миовски доаѓа на местото од Довбик кој беше најдобар стрелец во Ла Лига, па беше запрашан дали се плаши од споредбите со Украинецот.

-Не, не се плашам. Јас сум поинаков играч и ќе се обидам да постигнам колку што е можно повеќе голови. Се надевам дека ќе бидам најдобар стрелец во оваа лига. Но, туку сум за да играм колективно, од првиот момент тоа ми е интересот, тоа е филозофијата која ја гледам тука и ќе се обидам да ја следам, порача македонскиот репрезентативец.

Миовски може да дебитира за Жирона во Ла Лига уште во недела, кога екипата гостува на Атлетико Мадрид. дс

Фото: ФК Жирона

Остани поврзан