• сабота, 23 ноември 2024

Министерот за одбрана на БиХ во Вашингтон побара посилен воен ангажман на САД

Министерот за одбрана на БиХ во Вашингтон побара посилен воен ангажман на САД

Сараево, 13 април 2023 (МИА) - Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, побара од САД да го зголемат своето воено присуство во неговата земја, а ова барање го упати веднаш откако лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, најави дека ќе преземе дополнителни чекори за да не запре патот на БиХ кон членство во НАТО.

Хелез оваа недела е во посета на САД, а Министерството за одбрана на БиХ денеска соопшти дека тој во Вашингтон се сретнал со координаторката на Советот за национална безбедност, Кара Аберкромби, на која и упатил ненадејно барање за зголемување на американското воено присуство во БиХ, нагласувајќи ја својата загриженост за можните ефекти од војната во Украина на ситуацијата на Балканот.

„Ќе ја препратам до Пентагон на разгледување иницијативата за зголемување на присуството на американските сили во БиХ“, му кажала Аберкромби на министерот за одбрана на БиХ.
 
Во БиХ сега дејствува контингент на воените сили на Унијата наречен ЕУФОР, но бројот на војници во него е релативно мал и сега е намален на ниво од околу 600 војници.
 
Американската армија во Босна и Херцеговина е присутна само симболично преку седиштето на НАТО, кое има советодавна улога и чија примарна задача е да и помогне на Босна и Херцеговина да ги спроведе реформите во одбранбениот сектор.

Американскиот потсекретар за одбрана Колин Кал, со кого министерот Хелез исто така се сретна во САД, потврди дека Вашингтон ги „разгледува сите опции“ поврзани со ситуацијата во Босна и Херцеговина.

„Американската влада и Пентагон продолжуваат да ги разгледуваат сите опции во врска со зголемената поддршка за БиХ, особено во спроведувањето на реформите во судството и владеењето на правото. Нашата заложба е да ја интензивираме поддршката и да го прошириме нивото на соработка меѓу Босна и Херцеговина и НАТО, а од европските партнери ќе бараме да го зголемат своето воено присуство во мисијата Алтеа“, рече Кал. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан