• четврток, 26 декември 2024

Министерката Јаневска ја посети Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип 

Министерката Јаневска ја посети Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип 

Штип, 19 ноември 2024 (МИА) – Едносменската настава за учениците во Гимназијата  „Славчо Стојменски“ во Штип се одвива без никакви проблеми, а за подобрување на условите во ова училиште веќе се планираат и дополнителни инвестиции, односно реконструкција за да се подобрат условите за настава на учениците и наставниците, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на СОУ „Славчо Стојменски“- Штип.

Таа посочи дека Штип е образовен центар, но и често е во посета на штипските училишта, бидејќи градоначалникот Јорданов покажува проактивност во сферата на образованието, како и директорите на училиштата, кои многу сериозно го имаат сфатено процесот на промени во образованието.

-Со задоволство можам да заклучам дека промените во Штип се почнати и дека покажуваат одлични резултати, вели Јаневска.

Директорката на Гимназијата „Славчо Стојменски“-Штип Весна Ристова рече дека на средбата со министерката за образование и наука Јаневска и со градоначалникот на Општина Штип Јорданов е разговарано за првичните позитивни ефекти од воведувањето на едносменската настава, како и за идните проекти и инвестиции во училиштето.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов истакна дека средбите со министерката за образование и наука Јаневска овозможуваат и одблиску да ги пренесат идеите и состојбите во училиштата.

-Секако дека е потребно да се реформира образованието, да се случат одредени промени. Но, не може тоа преку ноќ да се случи. Затоа разговараме во насока што е приоритетно, кои инвестиции се приоритетни. Така сетоа она што ќе следува верувам дека ќе значи подобрување на условите на настава и еве значително ќе се додаде вредност во образованието, вели Јорданов.

На новинарско прашање дали со формирањето на државното, односно регионално училиште „Коле Нехтенин“ ќе се припои и средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“, министерката за образование и наука Јаневска изјави дека се размислува за оваа идеја. Формирањето на еден ваков регионален училишен центар, како што рече, ќе значи и инвестиции во него, но и нови струки, според потребите на пазарот на трудот на источниот регион.

-Значи мора да се направат првенствено тие анализи, за да видиме што е потребно во регионот, за да обезбедиме работна сила на пазарот на трудот. Да, се размислува и текстилното училиште да влезе во рамки на регионалниот центар, но се размислуваат и многу други модерни струки да се воведат во овој центар.Секако дека тоа ќе го направиме кога ќе ја завршиме анализата, изјави Јаневска.

Министерката Јаневска додаде дека користа од ваквите центри е учениците веднаш по завршувањето на своето образование да стапат на пазарот на трудот. вдј/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан