• четврток, 26 декември 2024

Милојевиќ и Мијалковски ја промовираа новата книга „Механика за тројца кошаркарски судии“

Милојевиќ и Мијалковски ја промовираа новата книга „Механика за тројца кошаркарски судии“

Скопје, 7 март 2024 (МИА) – Поранешниот македонски интернационален судија со знакот на ФИБА, а сега комесар за натпреварување во Македонската кошаркарска федерација Александар Милојевиќ и актуелниот судија Иван Мијалковски ја промовираа новата книга „Механика за тројца кошаркарски судии“.

- Иднината на кошаркарското судење е во механиката со тројца судии. Основното поставување и движење на теренот за игра, администрирање грешки и прекршоци и другo, се работи кои треба да се учат, знаат и почувствуваат. Механиката на кошаркарското судење е впрочем како возење на автомобил. Нема да знаеме да возиме автомобил, ако имаме само теоретско познавање, а немаме возачко искуство, изјави Милојевиќ.

Во книгата, со свои текстови се присутни луѓе од кошарката, како Панче Милевски, долгогодишен кошаркарски тренер, Миливоје Јовчиќ, еден од најдобрите европски и светски кошаркарски судии, потоа Бојан Живковиќ, фитнес и кошаркарски тренер, специјалист за кондициска подготовка, како и Војислав Синадиновски, биолог  и нутриционист, фитнес и кондициски тренер.

На промоцијата, во улога на рецензенти зборуваа најдобрите македонски и светски ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, а свое видување даде и еден од нашите најдобри фудбалски судии со знакот на ФИФА, Александар Ставрев.

Присутните имаа можност да ја купат книгата „Механика за тројца кошаркарски судии“, по цена од 300 денари, а авторите порачаа дека собраните средства од продажбата ќе бидат донација, за лекувањето на Леонид Индов.

Претходно двајцата судии го издадоа „Прирачник за кошаркарско судење“. зс/

Остани поврзан