
3 март 2025
Скопје - Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е партнер на Министерството за образование и на Ректоратот не само во процесот на остварување на правата на вработените на Скопскиот универзитет туку и во грижата и залагањето за поквалитетно високо образование и унапредување на научните истражувања.
Ваквиот став го делат првите луѓе на Синдикатот, МОН и Ректоратот и тоа го соопштија на денешната конференција насловена „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“ која ја организираше Сојузот на синдикати на УКИМ по повод пет години од неговото основање.
Скопје - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ овој месец почнува со целосна дигитална трансформација. Најпрво ќе ги дигитализира сите студентски сервиси и планот е до почетокот на учебната 2025/2026 основните сервиси да бидат целосно завршени, а процесот ќе биде заокружен со воведувањето електронски индекс.
- Ова е процес што ќе трае. Мојата претпоставка е дека во текот на една година или година и половина, овој процес може да се заокружи, но УКИМ влегува во овој процес и тоа е наш приоритет, изјави ректорката на Скопскиот универзитет Биљана Ангелова.
Скопје - Политиките што ги спроведуваме во авиосообраќајот даваат конкретни резултати. После 12 години успеавме повторно да ја вратиме линијата Скопје-Амстердам, напиша денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во објава на Фејсбук.
Авиокомпанијата Трансавиа ќе лета двапати во неделата, во четврток и во недела на релација Амстердам-Скопје-Амстердам.
Ова е нова можност граѓаните да ги искористат бенефитите од воведувањето на нови дестинции низ Европа и светот.
Скопје - Во текот на февруари годинава во рамки на сообраќајните контроли издадени биле 23.844 платни налози, од кои 1.508 се однесувале за некористење сигурносен појас, 766 за користење на мобилен телефон при возење, а санкционирани биле и 475 пешаци.
МВР денеска соопшти дека најголем број од прекршочните пријави се за неправилното паркирање 5.746 прекршоци.
Од сообраќај вкупно биле отстранети 2.059 возачи што управувале возила без возачка дозвола, 617 возачи кои возеле под дејство на алкохол, додека пак дури 7.473 возачи добиле прекршочни казни заради возење со поголема брзина од дозволената...
Скопје - Полициски службеници од СВР Куманово на 1 март во 00:40 часот во Куманово, го лишиле од слобода дваесетгодишниот кумановец М.М.
Како што соопшти денеска МВР, при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Скопје - Јавната здравствена установа Здравствен дом „Железничар“ воведе прва работна сабота во месецот, поради зголемување на достапноста и ефективноста на здравствените услуги.
Како што информираат од установата, со оваа новина е започнато од 1 февруари. Работното време е од осум до 14 часот.
Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан го критикуваше самитот во Лондон, обвинувајќи ги европските лидери дека „избраа да го продолжат војувањето наместо мир“, нарекувајќи го таквиот пристап погрешен, опасен и штетен.
Според независниот унгарски портал Direkt36, Орбан испратил писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, барајќи итни преговори за прекин на огнот во Украина.
Заедно со словачкиот премиер Роберт Фицо, кој исто така има проруски ставови, Орбан најави можност да ги блокира заклучоците на Европскиот совет за Украина, кои треба да бидат усвоени оваа недела.
Тирана - Меѓународниот аеродром во Тирана конечно го направи реалност она што многу патници се прашуваа зошто тоа не се прави во Албанија, кога тоа е применливо на многу меѓународни аеродроми, а тоа е електронскиот билет, објави на социјалните мрежи управата на аеродромот.
-Не само рекордни бројки и импресивен раст на бројот на патници, аеродромот во Тирана реализира и конкретни инвестиции кои го олеснуваат животот на граѓаните. Патниците кои имаат електронска карта за бординг на телефонот можат да патуваат од меѓународниот аеродром во Тирана до земјите од Шенген зоната без да мора да ја испечатат, пренесуваат медиумите.
Тирана – Денеска почна исплатата на пролетниот бонус за сите 730.430 пензионери во Албанија, за што владата ќе издвои средства во износ од 62 милиони евра.
-Врз основа на одлуката на Владата пензионерите се поделени во две категории. Оние кои примаат пензија пониска од 200 евра или 520.443 пензионери ќе добијат по 100 евра, додека бонус од по 50 евра ќе добијат 209.987 кои примаат пензија повисока од 200 евра, објави Министерството за економија, култура и иновации.
Виена – По 155 дена преговори, најдолги во историјата на земјата, Австрија доби нова Трипартитна Влада, составена од Австриската народна партија (ОВП) и Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) и Неос.
Новата австриска Влада денеска положи заклетва пред претседателот Александар ван дер Белен.
Новата Влада е предводена од канцеларот Кристијан Штокер (лидер на ОВП), вицеканцелар е Андреас Баблер (претседател на СПО), додека лидерката на Неос, Беате Мајнл-Рајзингер е министерка за надворешни работи,
Женева - Обединетите нации се сериозно загрижени поради „фундаменталната промена“ во насоката на американската политика, изјави Високиот комесар за човекови права Фолкер Тирк.
Без да го спомене директно американскиот претседател Доналд Трамп, Тирк истакна дека „на парадоксален начин, политиките кои имаат за цел заштита од дискриминација сега се квалификуваат како дискриминаторски“.
Брисел – Данската групација на супермаркети „Селинг Груп“ реши да им посочува на своите потрошувачи кои намирници на нивните рафтови се производени во Европа.
Според идејата, во маркетите од брендовите „Нето“, „Билка“ и „Фотекс“ до цената на намирниците произведени од европски компании ќе стои и „ѕвездичка“, што ќе им укажува на потрошувачите дека станува збор за производ по потекло од Европа.
Москва - Русија и Турција ќе одржат контакти на највисоко ниво кога тоа ќе биде потребно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
- Доколку биде потребно, ќе има средби на највисоко ниво. Нашите односи се толку блиски и функционални што сите неопходни контакти може да се организираат за само неколку часа, рече Песков.
На Самитот на БРИКС во Казан, главниот град на руската република Татарстан, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека очекува посета од рускиот претседател Владимир Путин „во многу блиска иднина“. Во одговор, Путин потврди дека ќе ја посети Турција.
Тел Авив - Израел ќе набави повеќе од 40.000 авионски бомби Mк-84, од кои секоја тежи 900 килограми, а содржи 429 килограми експлозивен материјал. Договорот за оваа набавка изнесува две милијарди долари.
Израелската влада ќе купи 35.529 бомби Mк-84 или BLU-117E, како и дополнителни 4.000 продорни боеви глави I-2000 Penetrator. Покрај бомбите, договорот вклучува резервни делови, потрошен материјал, дополнителна опрема, поддршка за поправка и транспорт.
Овие бомби се стандарден модел на американското воено воздухопловство и се користат низ светот за уништување на живи цели и фортификациски објекти, со можности за зголемена прецизност, пишува Дневни аваз.
Токио - Јапонија нема да учествува на конференцијата на Обединетите нации за договорот за забрана на нуклеарното оружје, изјави министерот за надворешни работи Јошимаса Хајаши, нагласувајќи дека американскиот нуклеарен чадор е клучен за безбедноста на земјата, јави Радио Слободна Европа.
Министерот истакна дека јапонската национална безбедност е главната причина зошто владата нема да учествува дури ни како набљудувач на конференцијата што започнува денеска во Њујорк.