• сабота, 10 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Флеш

  17  април 2025

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати, во Дубаи имал повеќе средби меѓу кои со Мохамед Алабар - основач и управен директор на Игл Хилс, со Мохамед Хасан Ал-Суваиди - директор на Абу Даби развојна холдинг компанија која е главен глобален инвеститор, како и со Мохамед Јамеел Ал Рамахи - извршен директор на Масдар Енерџи Инвестмент Компани, една од најголемите светски инвеститори во обновлива енергија и двигатели на енергетската транзиција.

Мицкоски на Фејсбук објави дека на средбите ги преставил можностите за инвестирање во Македонија и напорите на Владата земјата да се најде на мапата на светските инвеститори.

Скопје - Од Јавното обвинителство тврдат дека ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација.

- Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија, велат од Обвинителството.

Скопје – Советот на јавни обвинители на денешната седница едноглано го избра Никола Јолески за в.д. Основен јавен обвинител во ОЈО Струга. 

Како што информираше претседателката на Советот, Душица Димитриеска, заклучно со 24 овој месец на Стојанчо Арнаудовски му истекува мандатот како в.д. основен јавен обвинител во ОЈО Струга, а поради отсуство на дел од членовите на Советот и немање кворум за избор, ќе се избере вршител на должност. 

Јавниот обвинител Стојанчо Арнаудовски, со одлука на Советот, се враќа во ОЈО Охрид. 

Скопје - Во пресметката на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуват во земјава, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Како што истакна Трипуновски на прес-конференција во Владата, овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сеознски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат. За оваа цел е веќе изготвен посебен календар кој е доставен до Министерството за економија.

Скопје - Контролите на летање на Северна Македонија и Албанија работат на јакнење на соработката со цел зголемување на безбедноста на авиосообраќајот. Посебен фокус е подигнување на размената на радарски податоци на повисоко ниво, како дел од регионалните напори за оптимализација на оперативната функционалност на податоците, соопштија од МНАВ по средбата на директорите на воздухопловна техника на М-НАВ и Албконтрол,  Климент Чепуњоски и Сокол Мукај. 

На средбата, како што беше соопштено, било договорено продолжување на договорот за размена на сервиси меѓу двете држави.

Скопје - Министерството за внатрешни работи во пресрет на претстојните Велигденски празници, соопшти дека утре сите Отсеци за управни работи при Одделот за управни работи на МВР, освен Одделението за управни работи Скопје, ќе работат во периодот од 08.00 до 16.00 часот.

Одделението за управни работи Скопје, пак, односно неговите организациони единици утре ќе работат со следниот временски распоред:

Пункт Пролет - двосменски од 07.30 до 19.30 часот;

Пункт МТВ - двосменски од 07.30 до 19.30 часот, а со истиот распоред ќе работат и пунктовите во Беко и во Ѓорче Петров;

Пунктовите Драчево и Бутел ќе работат во една смена во периодот од 10.00 до 18.00 часот.

МВР ги известува граѓаните дека фотографирањето за лични документи ќе се врши без закажување на термин, а издавањето на документите ќе се одвива тековно.

Скопје - Од вкупно издадените 1507 платни налози во текот на изминатите два дена од страна на полициските службеници во рамки на сообраќајни контроли на патиштата низ земјата, по основ на прекршоци од делот на неправилно паркирање биле изречени 517 платни налози, а по основ на непридржување до пропишаната брзина на движење беа евидентирани 259 прекршоци.

Според статистичките бројки, соопштија денеска од МВР, се изречени 103 прекршоци по основ на неносење сигурносен појас, 55 по основ на користење мобилен телефон, изречени се 29 санкции за прекршоци што ги прават пешаците, пет мерки за неносење на заштитна кацига, а санкционирани се и 16 возачи на електрични тротинети.

Скопје - Судијката Марија Маневска од Основниот суд во Струмица прифатила да биде делегирана и да биде веде претседател на ОС Берово, а судијката Анита Стојанова се враќа во Апелациониот суд. Во Основниот суд во Кичево поради алрмантната состојба со бројот на судии се делегираат тројца судии од Основниот суд (ОС) Гостивар, од кои еден судија од ОС Гостивар кој и претходната година бил делегиран и работел на граѓански предмети прифатил да остане да работи во Кичево. Судиите Ќуким Фетаи и Алим Садику од ОС во Гостивар се новоделегираните да работат во ОС Кичево, ова е одлуката на членовите на Судскиот совет по точката „Одлучување по барање на делегирани судии,а која беше донесена денеска на 520 седница. 

Потпретседателот на Советот, судијата Ханиф Зендели кој воедно и координатор за Основен суд Кичево образложи дека минатата година биле делигирани тројца судии од ОС Гостивар во ОС Кичево.  

Скопје - Здружението на приватни аптеки на Република Северна Македонија бара изземање на аптеките од новиот Правилник за објавување цени на стоки од 3 април годинава, нагласи за време на денешната изјава за медиуми, Билјана Божиновска, член на Извршниот одбор на здружението.

Божиновска рече дека аптеките не треба да се третираат како обични трговци.

Кавадарци - Општина Кавадарци со триста илјади денари ќе субвенционира купување велосипеди, денеска е објавен јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за купување велосипеди за оваа година. 

- Општина Кавадарци, со цел да ги стимулира граѓаните за користење на велосипеди, обезбедува повраток на дел од потрошените средства, за набавка на велосипед од денот на објавување на овој јавен повик, се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, се вели во јавниот повик, кој трае до седми мај. 

Скопје - До Министерството изминатиот период пристигнале околу 1 600 понуди за давање во закуп државно земјоделско земјиште, а донесени се 982 одлуки за вкупна површина од околу 2 862 хектара. Доставени биле и 220 понуди за легализација на земјиште над кое има подигнато долгогодишни насади и донесени се 160 одлуки за избор со вкупна површина од 380 хектари, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Скопје - Полициски службеници вчера во Кичево го привеле Е.З.(28), кој прво со закана со остар предмет сопрел такси возило и му се заканувал на возачот, по што во две средни училишта агресивно се однесувал и физички нападнал ученици и вработени. Потоа нападнал и случаен минувач на Градскиот кеј на реката Сушица и вработен како обезбедување во Медицинскиот центар во Кичево, на кого му нанел повреда со остриот предмет, соопшти МВР.

Скопје - Единаесетта година по ред, ТАВ Македонија учествува во хуманитарната акција „Подај рака” со која заедно со општина Илинден помага на луѓето кои живеат во околината на скопскиот аеродром 

Како дел од хуманитарната иницијатива „Подај рака“, а во пресрет на големиот христијански празник Велигден, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, денеска, 17-ти април, донира пакети со прехранбени производи и со хигиенски средства за 37 семејства од Општина Илинден, кои живеат во социјален ризик. 

Скопје - Министерството за образование, култура, спорт, наука и технологија (MEXT) на Јапонија објави повик за доделување студентски стипендии за македонски граѓани кои сакаат да комплетираат додипломски студии или истражување во Јапонија.

Како што денеска соопштија од Амбасадата на Јапонија, кандидатите треба да ги поднесат своите документи не подоцна од 16-ти мај. Одбраните кандидати ќе бидат поканети на тестирање во јуни.

Скопје - Во Даут пашин амам вечер во 20 часот ќе биде одржан концерт на интернационалното дуо составено од Даниела Неделковска (флејта, Северна Македонија) и Пинар Челик (пијано, Турција).

Концертната програма опфаќа дела од македонски и турски автори, нудејќи музичко доживување кое ги спојува традициите, културата и естетиката на Балканот и Анадолија. Настанот има за цел да ја потенцира блиската културна соработка помеѓу двете пријателски земји преку јазикот на музиката.

Настанот се одржува под покровителство на Турската амбасада во Скопје, а во организација на Институтот Јунус Емре.

Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама, говорејќи на настанот „Зајакнување на вештачката интелигенција во дигиталните јавни услуги во Албанија“, ги коментираше и кибер нападите од Иран.

Според него во текот на минатата година извршени се 42 сериозни напади врз државни институции, но оти истите се одбиени без поголеми штети.

-Иран не е случаен хакер. Тоа е една од најголемите сили на дигиталниот терор. Нападот го одбивме без поголема штета. Само минатата година се забележани 42 сериозни напади врз државните системи, додека во 2023 година беа регистрирани 63 такви напади, рече Рама.

Брисел – Еврокомесарката за проширува Марта Кос денеска престојува во Софија, каде ќе има средби со највисоките бугарски политички претставници, а ќе учествува и на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“. 

Како што соопшти Европската комисија, Кос ќе се сретне со претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот Росен Жељазков и со министерот за надворешни работи Георг Георгиев. 

Својата посетата на Софија, Кос ја потврди и во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од кој дел е и МИА, најавувајќи дека една од темите на разговори со нејзините домаќини ќе бидат и можностите за деблокада на пристапниот процес на земјава. 

Брисел - Шестмина пратеници во Европскиот парламент од словачката опозициска партија Прогресивна Словачка (ПС) упатија отворено писмо до премиерот на Словачка, Роберт Фицо, со кое бараат од него да се откаже од планираното присуство на воената парада на 9 мај во Москва и на останатите прослави по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.  

Европратениците во писмото нагласуваат дека е неприфатливо присуство на прослави во Москва во услови кога Русија води војна против Украина и продолжува со она што го започна уште во 2014 година со окупацијата на делови од украинската територија и анексијата на полуостровот Крим. 

Брисел - Во март годинава цените на јајцата во Европската Унија во просек беа за 6,7 отсто повисоки во споредба со истиот месец лани, соопшти денеска Европската статистичка агенција – Евростат во пресрет на Велигденските празници. 

Според податоците на Евростат, минатиот месец на годишно ниво јајцата најмногу поскапеле во Чешка и тоа за 46 отсто, по што следуваат Словачка  со 29,8 и Унгарија со 26,1 проценти. Спротивно на ова, цените на јајцата споредено со лани се намалиле во Холандија за 3,6 отсто, во Луксембург за 3,2 и во Грција за 2,0 проценти. 

Лондон - Официјални претставници на Белата куќа веруваат дека трговскиот договор со Велика Британија може да биде постигнат во рок од три недели, објави британскиот весник  „Телеграф“.

Извор запознаен со ситуацијата рече дека Лондон има добра позиција за брзо склучување договор.

Ова доаѓа еден ден откако американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс предвиде дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе постигне „одличен“ трговски договор со Велика Британија поради неговата „културна блискост“ со таа земја.

Москва - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи пристигна во Москва, каде ќе се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Претходно, Арагчи рече дека главната цел на неговата посета е да му ја пренесе на рускиот претседател Владимир Путин пораката од иранскиот врховен лидер Али Хамнеи.

Нејпидо - Воената власт на Мјанмар амнестирала околу 4.900 затвореници по повод прославата на традиционалната Нова година, објави денеска државната телевизија МРТВ.

Според независната организација за човекови права, меѓу ослободените има најмалку 22 политички затвореници.

Најмалку 19 автобуси со затвореници го напуштија затворот Инсеин во Јангон, каде од утрото ги чекаа членови на семејства и пријатели. 

Тагови

Остани поврзан