• понеделник, 16 декември 2024
МИА Флеш

10 декември 2024 

Скопје - Буџетот за 2025 година е документ со кој Владата ги најавува промените во политиките коишто се во насока на остварување на планот за фискална консолидација, обезбедување фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, обезбедува непречено функционирање на институциите и државата, редовно сервисирање на обврските и она што е најважно за новата Влада е неговата развојна компоненета преку поттикнување реализација на еден значаен инвестициски циклус, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето за Предлог-буџетот за 2025 година пред пратениците. 

Идната година, како што истакна министерката, ќе биде година на инвестиции што ќе дадат додадена вредност и што ќе го „откочат тркалото“ и ќе не искачат на едно скалило погоре во остварување на повисоки стапки на економски раст. Димитриеска Кочоска најави инвестиции на ниво од над 47 милијарди денари само во јавниот сектор, за кои очекувањата се дека ќе имаат и значајно позитивно влијание врз економската активност. 

Скопје - Борбата против сивата економија е актуелна тема, но и предизвик со кој постојано се соочуваме. Геополитичката сцена брзо се менува, со зголемени закани за слободната трговија, при што Македонија и земјите од регионот како мали земји, се најмногу изложени на опасностите од нелегална трговија, истакна директорот на Царинската управа Бобан Николовски на регионалната конференција за сузбивање на сивата економија што се одржува во Скопје во организација на Американската стопанска комора на Македонија и на Србија.

Клучот за справување со овие закани, според Николовски, е високата подготвеност на земјите во спречување на секој обид за криминални дејствија и сузбивање на сивата економија, но исто така и зголемувањето на соработката со приватниот сектор и споделувањето на искуствата и предизвиците со кои се соочува овој сектор.

Скопје - Претставниците на Европската Унија и на Обединетите нации во земјава, Михалис Рокас и Рита Колумбија, денеска на промоција на едукативна видеоигра за човековите права - „Навигатор“, и по повод меѓународниот ден, пратија пораки  за подигање на свеста за нивното значење и за важноста од постојано унапредување на човековите права особено  на најранливите во општеството.

-Човековите права се нешто што никогаш не треба да се земат здраво за готово и треба континуирано да работиме на нив. Ни една секунда не смееме да заборавиме дека многу луѓе секојдневно страдаат од прекршување на човековите права. Ова е ден за промислување, кога е неопходно да најдеме повеќе инспирација за нивната заштита, истакна евроамбасадорот во земјава Рокас.

Скопје - Бројот на вработени на збирно ниво во јавниот сектор е намален за 2.488 лица за разлика од 2022 година, кога вкупниот бројот вработени изнесуваше 130.377 лица, наспроти 127.889 лица ви 2023 година, покажува Посебниот извештај за 2023 година изработен од Народниот правобранител, а кој се однесува на следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност во јавниот сектор.

Народниот правобранител, Насер Зибери на денешната прес-конференција истакна дека анализата покажува дека мал е бројот на институции, установи, единици на локалната самоуправа и субјекти формирани од нивна страна, кои имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња.

Скопје - Амбасадорката на САД во земјава, Ангела Агелер денеска на прес-конференција информираше дека поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети се ставени на американската црна листа поради политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата. Таа подвлече дека на нив и на нивните најблиски им е забранет влезот во САД, а во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции.

-Стејт департментот на Соединетите Aмерикански Држави вчера презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството. Затоа, на нив и на нивните најблиски членови на семејството им е забранет влезот во САД. Во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции, рече Агелер.

Скопје - Собранието во рамки на 22. пленарна седница денеска ја започна петдневната расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Согласно Деловникот на Собранието, на седницата пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Скопје - Предлог-буџетот за 2025 година не одговара на реалноста, ниту нуди одржливи политики што ќе овозможат структурни реформи, економски раст и развој. Поттикнува селективност и прави суштинска неправда кога станува збор за пензиите и платите кај вработените во јавниот сектор, не го прикажува реалниот дефицит и демонстрира крајно игнорантски однос кон експертите. Без инклузивен модел кој ќе ги вреднува сите, предложениот буџет станува монолог на власта, наместо дијалог со граѓаните, оцени денеска пратеникот Фатмир Битиќи.

Во рамки на собраниската расправа, Битиќи укажа дека огромни суми одат на нерационални проекти без каква било економска оправданост, како мебел и возила за функционерите, поради што, рече, „предложениот буџет не се грижи за граѓаните, туку за елитата“.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците.

- Како партиски, како лични, како субјективни одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар. Најмалку е што можат да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи согласно Уставот и Деловникот, рече Сиљановска – Давкова како коментар на изјавите на партискиот лидер на ДУИ Али Ахмети во пресрет на одлуката на Уставниот суд за Законот за јазици.

Скопје - Не смееме како досега да останеме мирни и така некои кои се нашле на црните листи да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и во случајов. Постојат во меѓународното право, постојат и во меѓусебните односи начини како да се дојде и до тие докази и да се започне постапка овде зошто во спротивно ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и всушност на тој начин го толерираме беззаконието. Значи, очекувам судот, очекувам јавниот обвинител да почне да постапува, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во однос на одлуката на американскиот Стејт департмент, за ставање на црна листа на Артан Груби и на апелацискиот судија Енвер Беџети.

Таа истакна дека особена загриженост претставува името на судија на таа црна листа.

Скопје - Претседателот номинира, ама Собранието бира. Не можам јас која што, односно претходникот којшто тој ги номинирал, но одговорноста за изборот е на Собранието. Мора да престане нивниот мандат согласно законот, за да може претседателот да номинира нови. Јас немам надлежност по Уставот да ги сменам, рече претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, одговарајќи на новинарски прашања по брифингот за борбената подготвеност на Армијата.

Таа истакна дека нејзина забелешка кога стапила на функција во поглед на членовите номинирани од претседателот или од претседателите била дека очекувала и мисли дека е тоа важно најдобрите во Судскиот совет да бидат номинирани од претседателот, бидејќи какошто рече „во минатото се работело секогаш за луѓе докажани во професијата, тоа го бараат всушност и условите во Законот за Судски совет“.

Скопје - Навистина се надевам дека ниту една политичка партија или личност би работела на дестабилизација на својата земја. Не гледам дека тоа може да биде во нечиј интерес, а особено не во интерес на граѓаните на оваа земја, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер.

Прашана за стабилноста на земјава и дали разговарала со владини претставници за можна дестабилизација, Агелер рече дека секојдневно зборува со претставници на владата, бидејќи тоа и е работа, но дека не се сеќава на разговор за тоа конкретно.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обратил на 12-от Регионален координативен состанок за имплементација на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје во Западен Балкан.

Како што соопштија од МВР, Тошковски изразил уверување дека овие состаноци на регионално ниво поттикнуваат не само продлабочување на регионалната соработка во развојот на вештини и координацијата во борбата против недозволена трговија и нелегално поседување огнено оружје, туку и посилна соработка со Европската унија, нејзините земји-членки, агенциите на Европската унија, како и со клучните меѓународни актери активни во областа на контрола на мало и лесно оружје.

Скопје  - ДУИ точно знаат како функционира Уставниот суд и утре нема да се случи ништо, но целта им е, вели, да излезат пред јавноста и како политички глодари да кажат дека поради нивниот политички притисок се одложила одлуката за Законот за јазици, вели премиерот Христијан Мицкоски.

– Јас пред неколку дена на една иста ваква прес-конференција, чинам дека беше пред два дена, кажав дека на овие од ДУИ многу им е јасно како функционира Уставниот суд, бидејќи тие ги бираа судиите таму, во детали ги бираа судиите и буквално таму не можеше никој да биде уставен судија или каков било судија, доколку не го помине филтерот на ДУИ. Тие точно знаат дека за да дојдеме до конечно решение какво и да е, најпрво тој што е надлежен судија за овој случај треба да рапортира, да им објасни на своите колеги, потоа следи јавна дискусија, па јавна расправа, па подготвителна седница, така што тоа е процес којшто ќе трае со месеци, можеби и со години. Што беше нивната цел? Нивната цел е сега како политички глодари да начекаат и да видат дека еве сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи да излезат во јавноста, нормално тоа може да го прават само политички глодари, да излезат и да кажат - еве поради тоа што ние правевме притисок се одложи сето ова. Работите не Не функционираат така, а на нив им е многу јасно како функционираат работите, вели Мицкоски на новинарско прашање колку се веродостојни изјавите дека воопшто нема утре да се одлучува за евентуално укинување на употребата на албанскиот како службен јазик.

Букурешт - Романската Национална агенција за даночна администрација спроведува истрага против претседателскиот кандидат Калин Георгеску и инфлуенсерите кои го поддржуваа на ТикТок, јавува „Диџи24“.

Истрагата започна откако изборната комисија извести за нула пријавени трошоци за неговата кампања, иако е утврдено дека неколку инфлуенсери биле платени за негово промовирање.

Тирана - Во Албанија во последните три години, односно во периодот 2021/23 година убиени се 32 жени, при тоа  90 отсто од овие убиства се извршени од интимен партнер (27), додека остантите од член на семејството, стои во првиот извештај за убиства на жени и девојки и фемицид во Албанија за споменатиот период.

Извештајот, спроведен од Народниот правобранител, со поддршка од UN Women, покажува дека 24 од овие случаи се идентификувани како фемицид, кои, за разлика од обичните убиства, се дефинирани како убиства на жени или девојчиња поради нивниот пол. Приближно 60 отсто од случаите на фемицид се случиле во домот на жртвата.

Атина - По последните случувања во Сирија, Грција го замрзнува издавањето одлука по барањето за азил за сириските бегалци, соопшти генералниот секретар од Министерството за миграција и азил Манос Логотетис во интервјуто за државната телевизија ЕРТ и посочи дека во земјата има над 8.000 Сиријци баратели на азил, јави дописничката на МИА од Атина.

Логотетис објасни дека „она што е замрзнато и мора да се замрзне е делот на донесување решение по барањето“, додавајќи дека тоа е процес што е замрзнат и на европско ниво, но и објасни дека тоа не значи дека нема да примаат нови барања или дека е замрзната процедурата за азил.

Тирана - Албанскиот претседателот Бајрам Бегај денеска на посебен начин им се обрати на младите преку пораката за Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, повикувајќи ги да преземат активна улога во напорите за почитување на човековите права и достоинство за подобра иднина.

„На 10 декември 1948 година е објавена Универзалната декларација за човекови права, која претставува водилка и инспирација за унапредување на човековите права и слободи. Ги призна основните права и слободи за секое човечко суштество, без разлика на раса, боја, пол, јазик, вера, национално или социјално потекло, политичко мислење, имотни или други услови“, стои во пораката на Бегај. 

Москва -  Александар Дугин, кој е познат како неофицијален идеолог на рускиот претседател Владимир Путин, се огласи на социјалната мрежа „Х“ по падот на Башар ал Асад во Сирија и се закани на Турција.

-Сирија беше стапица за Ердоган. Тој направи стратешка грешка. Тој ја предаде Русија. Го предаде Иран. Тој е осуден на пропаст. Сега почна крајот на Кемалова Турција. Ние ве поддржувавме до сега. Отсега ќе зажалите, напиша Дугин на социјалната мрежа „Х“.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон изразија подготвеност за соработка со новите власти во Сирија, под одредени услови, по соборувањето на Башар ал-Асад, соопшти германската влада по нивниот телефонски разговор.

Лидерите ги поздравија промените, опишувајќи ги како чекор кон подобра иднина за сирискиот народ. Тие се согласија дека соработката ќе зависи од почитување на човековите права и заштита на малцинствата.

Дамаск - Педесет и тригодишниот, Мехмет Ертурк, кој беше ослободен од затворот Адра во Дамаск, каде помина 21 година, се врати со семејството во Килис, Турција, јавија турските медиуми.

Ертурк, кој беше уапсен во 2003 година во Дамаск, главниот град на Сирија, под обвинение за шверц и испратен во затворот Адра, имал 32 години кога влегол во затворот каде што поминал 21 година.

Доха - Катар смета дека е неприфатливо Израел да ја искористува моменталната ситуација во Сирија и да го нарушува суверенитетот на земјата, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед Ел Ансари.

Тој одговарајќи на новинарско прашање дали Катар има комуникација со водечката сириска бунтовничка фракција Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), Ансари наведе дека вратата на Доха е отворена за сите страни во Сирија. 

Сеул - Поранешниот министер за одбрана на Јужна Кореја, Ким Џонг-хјон изјави дека ја презема одговорноста за улогата на неговото министерство во одлуката за прогласување воена состојба минатата недела, пренесува агенцијата Јонхап.

„Целата одговорност е моја“, изјави Ким преку правниот советник. „Моите подредени само ги следеа наредбите. Барам разбирање за нив.“

Никозија - Волја за дополнително зајакнување на билатералните односи, изразиле претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис и премиерот на Велика Британија Кир Стармер на нивната денешна средба во Никозија, а во фокусот на разговорите било кипарското прашање, како и последните случувањата во Сирија, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на средбата, кипарскиот претседател и британскиот премиер истакнаа дека е „историска средба“ со оглед на тоа дека последната посета на Кипар на премиер на Велика Британија, била пред 53 години.

Лисабон – И Португалија се приклучува на групата земји кои им забрануваат на учениците да користат мобилни телефони додека се на училиште.

Во оваа земја забраната ќе важи за учениците од прво до шесто одделение, најави министерот за образование, наука и иновации, Фернандо Александре, наведувајќи ги негативните ефекти од користењето мобилни телефони врз децата.

Тел Авив - Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху денеска првпат ќе се појави пред судот во долготрајниот судски процес за корупција против него.

Во 2019 година Нетанјаху е обвинет за поткуп, измама и нарушување на довербата. Судењето почна во 2020 година и опфаќа три кривични предмети. Нетанјаху ги негира делата и се изјасни за невин.

Остани поврзан