• вторник, 03 декември 2024
МИА Флеш

16 јануари 2024 

-Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, оствари средба со претседателот на Република Латвија, Едгарс Ринкевичс. На средбата беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете пријателски држави, и во тој контекст беше посочена посветеноста од македонска страна за натамошно динамизирање и унапредување на политичкиот дијалог. Претседателот Пендаровски истакна дека Латвија е важен партнер на Северна Македонија и дека високо ја цениме поддршката што оваа балтичка држава ја дава во реализацијата на нашите стратешки цели, вклучувајќи ги аспирациите за членство во Европската Унија.

-Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ја видел инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на промената на личните документи и дека не постои причина зошто би ја отфрлил, но на крај тоа е сепак одлука на Уставниот суд. Како што посочи тој на денешната прес-конференција по посетата на Општина Шуто Оризари, со грчките власти нема разговарано на оваа тема, бидејќи обврската ја презел претседателот на државата, и рече дека може да се донесат законски измени, но дека во ситуацијата станува збор за документи за надворешна употреба. -Ние сме се обврзале како држава дека документите за надворешна уптореба ќе бидат со новото уставно име на државата. Законски измени може да се направат, но сепак се работи за документи за надворешна упшотреба, значи личната карта и со Република Македонија се користи за внатрешна уоппотреба, како и возачката. Надчовечки напори се направени од страна на вработените во МВР променети се 1, 2 милиони пасоши, гледате дека работат луѓето и за празници и во недела и ќе разговараме, тоа е процес кој мора да се заврши, дециден е Ковачевски.

-Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека Австралија се извини за ставањето на македонското знаме меѓу забранетите знамиња за снимање на „Австралија опен“ и смета дека ова не треба да влијание на односите меѓу двете земји. Како што потенцираше, станало збор за технички пропуст и се надева оти нема да се повтори во иднина. Тој додаде дејка Австралија е наша пријателска држава во која што имаме и голема македонска заедница. -Непријатно чувството и затоа ние реагиравме веднаш. Веднаш стигна извинување од Австралија и појаснување дека се работи за технички пропуст. Тоа не треба да влијае на нашите односи кои ги имаме со Австралија. На натпреварот којшто го играше нашата Лина, инаку гордост на нашиот тенис, имаше македонски знамиња во публиката, така што ние го прифативме тоа извинување на Австралија.

-На крајот на идната недела, согласно законските рокови, ќе се одвива процедурата за избор на техничката влада, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан кога ќе ја поднесе оставката со оглед дека техничката влада треба да биде формирана за десетина дена. Соопшти дека за законските рокови за поднесување оставки, избор на нов претседател на Собранието и за избор на техничката влада утрово на состанок разговарал со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба 100 дена пред изборите да биде технички премиер, и со координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој е кандидат за претседател на Собранието додека трае техничката влада. Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Шуто Оризари, Ковачевски рече дека во СДСМ е почната процедурата за предлагање можни кандидати за претседател на државата и за пратеници.

-Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска уште еднаш повтори дека нема никаква врска со вработувањата на неговите чичко и внук во М-НАВ. Тој изрази жалење што медиумите, како што рече, наместо да се интересираат за темите од земјоделството кое е основа на македонската економија, се обидуваат директно да шират лаги и невистини. Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот со шпанската фирма „Глобалтек“ за поставување фотоволтаици на вода, Николовски напомена дека државава треба да ги отвори вратите за младите стручни кадри, а не да им испраќа порака дека не се добредојдени тука. Според него, некому веројатно му смета Македонците успешни надвор од државата, да се вратат тука.

-Со грант вреден 765.158 евра од Кралството Шпанија, земјава ќе изготувува студија за поставување пловечки фотоволтаици. Целта е да се намалат трошоците за струја на АД „Водостопанство“ за пумпните станици и да не се дозволи да дојде до поскапување на водата за наводнување што ја користат земјоделците. Договорот за грантот го потпишаа денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и претставниците од шпанската компанија „Глобалтек“ која треба да ја обезбеди техничката поддршка. Реализацијата на проектот ќе биде во три фази. Со првата ќе се идентификуваат локациите за поставување на фотоволтаиците, втората е за концептотот, дизајнот и физибилити студијата, а трета ќе биде фаза на поставување на фотоволтаичните системи

-Соработка во делот на обезбедување компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, помош при вработување и реализација на менторска програма за деца од згрижувачки семејства и деца сместени во установите на Министерството за труд и социјална политика предвидува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорот на Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“, Александар Марјановиќ. Ваквата иницијатива, како што соопштуваат од МТСП, била поттикната на претходни средби помеѓу Тренчевска и Марјановиќ  на кои се разговарало за начините на кои може да се поддржат децата кои се сместени во згрижувачки семејства и штитениците на Министерството за труд и социјална политика.

-Директорот на Царинската управа Стефан Богоев и неговиот српски колега Бранко Радујко денеска потпишаа Меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали таканаречени кантарски белешки помеѓу двете земји. Од 1 февруари, македонските компании што увезуваат или извезуваат во Србија и обратно, камионите со стока ќе ги мерат само еднаш. Истото ќе се однесува и за стоки кои транзитираат низ двете држави, соопшти Царинската управа. Говорејќи за значењето на потпишаниот протокол, Богоев истакнал дека заклучно со ноември 2023 година, трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра, при што извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 проценти повеќе од претходната година. Притоа целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин „Табановце“, каде минатата година на влез биле евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.

- Во четврток и петок ќе има повремен локален дожд и ќе дува засилен јужен ветер што ќе придонесе температурите да бидат во значителен пораст, соопшти УХМР. Промена на времето ќе има во сабота кога под влијание на влажен и студен бран ќе дува засилен северен ветер и ќе има врнежи кои на повеќето места ќе бидат од снег. Се очекува и формирање на снежна покривка и во некои пониски места.

-Две лица се повредени во Косовска  Митровица откако експлозивна направа, најверојатно рачна бомба, била фрлена во близина на еден од угостителските објекти, на раскрсницата кај Техничкиот факултет. Информацијата за КоССев ја потврди заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани. - Вечерва околу 23 часот и 50 минути во близина на хотелот „Бишевац“, на улицата „Књаза Милоша“ во Северна Митровица експлодирала сомнителна рачна бомба. Од експлозијата се оштетени седум возила, а две лица се повредени. Едно лице е со тешки телесни повреди, но е надвор од животна опасност. Надлежни полициски единици се на лице место и се занимаваат со случајот“, вели Ељшани.

-Ова е година кога нашите демократии и слободи ќе бидат ставени на тест, не само со изборите за овој дом, туку подеднакво и за Конгресот на САД и за американски претседател и ако 2024-те повторно ни ја донесе „Америка на прво место“, тоа повеќе од кога било ќе значи „Европа оставена сама“, порача денеска белгискиот премиер Александер де Кро во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, посветено на програмата на претседателството на Белгија со ЕУ во првите шест месеци од годинава.- Не треба да се плашиме од оваа перспектива. Треба да ја прифатиме со ставање на Европа на поцврсти основи. Посилни, посуверени, посамоуверени. Европа која обезбедува и прави разлика во животите на луѓето. Заштитувајќи ги. Зајакнување на економијата. Подгответе ја заедничката европска иднина. Белгиското претседателство сака да придонесе во овој напор, нагласи Де Кро. 

-Локалните избори во Полска ќе се одржат на 7 април, а вториот круг ќе се одржи на 21 април, соопшти на прес-конференција полскиот премиер Доналд Туск, пренесе полската новинска агенција ПАП. -Денеска одлучив да донесам уредба, која формално треба да биде испратена до Централната изборна комисија заедно со изборниот календар, но одлуката е веќе донесена, рече премиерот. Според Изборниот законик на Полска, изборите мора да се одржат помеѓу 31 март и 23 април 2024 година.

-Полските возачи на камиони кои блокираа некои гранични премини со Украина од ноември, постигнаа договор за „одредени услови“ со Владата и ќе го завршат протестот во среда во 12 часот, соопшти организаторот. Полските возачи побараа од ЕУ повторно да воспостави систем според кој на украинските компании им требаат дозволи за работа во Унијата, како и на европските камионџии кои влегуваат во Украина. „Тоа нема да биде крај, туку ќе има прекин на протестите“, изјави Томаш Борковски од Комитетот за заштита на превозниците и работодавачите во транспортот. „Се договоривме за одредени услови, ќе и дадеме време на Владата да работи бидејќи тоа е нова влада“, додаде тој.

-Австрискиот монструм - „таткото од пеколот“, Јозеф Фрицл, кој ја држел својата ќерка 24 години затворена во подрумот каде ја силувал и со неа станал татко на седум деца, може да биде преместен од затворот со максимална безбедност, јавуваат австриските медиуми. „Јутарњи лист“ пренесува дека Фрицл, кој сега има 88 години, во 2009 година е осуден на доживотен затвор по откривањето на случајот кој го шокираше светот. Австрискиот радиодифузер ОРФ јави дека новиот психијатриски извештај за Фрицл, кој боледува од деменција, вели дека тој повеќе не претставува опасност за јавноста. Тоа значи дека сега судот може да одлучи дали тој ќе биде префрлен во редовен затвор. Фрицл моментално се наоѓа во високобезбедна институција за ментално пореметени престапници во затворот Штајн, во градот Кремс. Во Австрија, доживотните осуденици можат да поднесат барање за условно ослободување по отслужување на 15 години од казната. Според тој закон, Фрицл годинава има право да поднесе такво барање.

-На маргините на состанокот на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, украинскиот претседател Володимир Зеленски му рекол на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека очекува НАТО да донесе одлуки годинава што ќе ја доближат неговата земја до пристапување во Алијансата. Украинскиот лидер, исто така, го информирал Столтенберг за ситуацијата на линијата на фронтот, според соопштението од претседателскиот кабинет на Зеленски, и му се заблагодарил за постојаната поддршка од НАТО. Зеленски, исто така, ја подвлекол важноста од зајакнување на системите за воздушна одбрана на Украина наспроти неодамнешното руско гранатирање на украинските градови.

-Последиците од климатските промени во наредните децении веќе се смртна закана за неколку милиони луѓе и ќе предизвикаат сериозни болести и високи трошоци за здравствените системи, се вели во извештај објавен во вторник во Давос. Поплавите се најголем ризик, се наведува во заедничкиот извештај на Светскиот економски форум (СЕФ) кој оваа недела се одржува во Давос и консултантската фирма Оливер Вајман. Авторите на студијата анализирале шест клучни последици од климатските промени: поплави, суши, топлотни бранови, тропски бури, шумски пожари и пораст на нивото на морињата. Студијата се заснова на средното сценарио на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) за пораст на температурата до 2100 година, што претпоставува просечно зголемување на температурата за 2,7 степени Целзиусови. Според студијата, климатските промени би можеле да предизвикаат до 14,5 милиони смртни случаи во светот до 2050 година. Здравствените системи ќе мора да сносат дополнителни трошоци во вкупна вредност од 1,1 трилиони долари.

-Два патнички авиони се судрија на аеродромот „Њу Читозе“ на северниот јапонски остров Хокаидо, неколку недели откако патнички авион се судри со авион на крајбрежната стража, кога загинаа пет лица. „Несреќата се случи кога авионот на „Коријан ер“ се подготвувал да полета“, изјави претставник на авиокомпанијата. Засега нема извештаи за повредени и не се познати деталите за сударот. Аеродромот претходно соопшти дека има доцнења и откажувања на летови поради обилниот снег во областа. Според Противпожарната служба, во авионот на „Коријан ер“ имало 276 патници и 13 членови на екипажот, а авионот на „Катаи Пацифик ервејз“, стоел на пистата и во него немало патници. 

Остани поврзан