
24 февруари 2025
Скопје - Надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство. На претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот Димитар Апасиев му е укажано дека веќе закажаната расправа, согласно заклучокот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не може да продолжи под тие околности, информираат за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Скопје - Министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу ќе ги чекаат анкетите кои ги спроведуваат нивните матични политички партии за да видат дали ќе ги кандидираат на нивните партии дали ќе ги кандидираат на локалните избори што треба да се одржуваат есенва.
При денешната посета на Општина Чаир во рамки на теренските посети на општините - „Каде што срцето е дома“, Перински во изјава за медиумите рече дека уште е рано, но оти е потенцијален кандидат за градоначалник на Град Скопје.
Скопје - Вкупно 14,7 милиони евра инвестиции од кои 12 милиони за реконструкција на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември" и 2,7милиони за реновирање на охридскиот аеродром "Св. Апостол Павле", најави Владата.
Како што беше речено денеска на прес конференција, болницата во октомври се очекува да биде целосно реконструирана. Со планираните активности е предвидено да биде опфатен оперативниот блок од седум хируршки сали, две за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една сала за уво, нос и грло, една за очна хирургија и една за роботска хирургија. Сите сали ќе имаат најнова опрема, хируршки маси у машини за анестезија, медицински компјутери, дефибрилатори и друг инвентар.
Скопје - Пратеничката група на Левица предлага измени и дополнувања на Законот за јавните патишта со кои ќе се овозможи намалување на цените на патарините за 50 отсто и законска регулација на висината на патарината и нивната наплата, изјави пратеникот Амар Меџиновиќ.
-Со години македонските граѓани плаќаат високи цени за патарини, додека патиштата остануваат во катастрофална состојба. Дупки, свлечишта, незавршени делници и криминални тендери. Само во 2023 година, државата наплатила 62 милиони евра од патарини со што Македонија е меѓу земјита со најскапи патарини во регионот и на континентот, изјави Мециновиќ.
Дебар - Иако значителен дел од населението во општина Дебар се соочува со социјални проблеми, во текот на изминатата година многу мал процент се обратиле до локалната власт да добијат средства од општинската програма за социјална заштита, беше констатирано на седница на Советот на општината.
Малиот број барања, како што беше оценето, е поради тоа што населението кое припаѓа на оваа категорија не е доволно информирано за оваа можност што ја дава локалната власт.
Вевчани - Неселните места Вевчани, Октиси, Лабуништа и Добојвани ќе останат без струја на 26 и 27 февруари поради инвестициски зафати во дистрибутивната мрежа, информира градоначалникот на Општина Вевчани Спасе Кочовски.
Според соопштението, в среда на 26 февруари во периодот од 9 до 16 часот, без напојување со електрична енергија ќе останат потрошувачите на Вевчани, Октиси, Лабуништа влез на индустриска зона, училиштето во Велешта Амза, Каба, Кондри, бензинската Макпетрол, објектот „Алумина“ и селото Добојвани поради инвестициони зафати во ТС 31/10 Суво Поле.
Делчево - Фолклорната група при Националната установа ,,Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево и оваа година продолжува со акцијата за промовирање на културата преку собирање материјални добра.
За таа цел од установата со апел до граѓаните кои имаат ракотворби или облековни елементи, да се вклучат во акцијата на делчевската културна установа.
Нови Сад – Судири со граѓаните и фрлање јајца кон полицајците го означи почетокот на денешната седница на новосадското собрание, на која треба да се избере нов градоначалник, откако претходниот поднесе оставка поради уривање на настрешница на железничката станица при што загинаа 15 лица.
Зградата на Градското собрание од рано утрото ја обезбедуваат голем број полицајци, кои граѓаните се обидуваат да ги потиснат и да го изразат своето противење на политиката на владејачката Српска напредна партија (СНС), која, според лидерите на опозицијата во Нови Сад, доведе до смрт на невини луѓе на железничката станица.
Белград - По наредба на Специјалното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград, денеска е упасена С.К., менаџерка за развој на инвестиции во АД „Инфраструктура Железница Србија“, како и тројца членови на Комисијата за технички преглед на Железничката станица во Нови Сад, додека еден е во бегство, во врска со извршување неколку кривични дела со коруптивни елементи, што резултираше со уривање на настрешница на таа железничка станица на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 15 лица, а тројца беа тешко повредени.
Берлин - Победникот на парламентарните избори во Германија, конзервативецот Фридрих Мерц, повика Украина да биде вклучена во мировните преговори за ставање крај на војната на нејзино тло, додека САД директно преговараат со Русија за ова прашање, без Украина.
„За да се постигне праведен мир, нападнатата земја мора да биде дел од мировните преговори“, рече лидерот на германските конзервативци, кој најверојатно ќе биде следниот канцелар што ќе го замени социјалдемократот Олаф Шолц.
Берлин – Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек планира да се повлече од секаква водечка улога во Зелените, откако неговата партија претрпе загуби на вчерашните избори.
- Веќе нема да претендирам ниту да се стремам за водечка улога во кадровската постава на Партијата на зелените, рече Хабек, кој беше главен кандидат на Зелените во кампањата.
Пекинг - Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека земјата е подготвена да соработува со идната германска Влада по изборите и бара натамошно развивање на односите со Германија.
„Кина е подготвена да го консолидира и прошири сеопфатното стратешко партнерство меѓу двете земји. Кина отсекогаш гледала на односите со Германија од стратешка и долгорочна перспектива и е задоволна што Германија и Европската унија играат важна улога во глобалните текови, изјави денеска во Пекинг, портпаролот на кинеското МНР, Лин Џијан.
Киев - Украина и САД се во завршна фаза од преговорите за договор за ретките метали, објави украинската вицепремиерка задолжена за европски и евроатлански интеграции Олха Стефанишина на мрежата Икс, но нејзината објава е избришана по само неколку минути.
Стефанишина наведе дека Украина понудила договорот да биде потпишан во Вашингтон за време на состанокот на лидерите на земјите и дека „речиси сите клучни детали“ се завршени.
Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави денеска дека Пекинг и Москва се „вистински пријатели“ кои „меѓусебно се поддржуваат“, објавија кинеските државни медиуми.
„Историјата и реалноста покажуваат дека Кина и Русија се добри соседи кои не можат да бидат отуѓени, како и вистински пријатели кои меѓусебно се поддржуваат и постигнуваат заеднички развој“, рече Си.
Медиумите пренесоа дека Си и рускиот претседател Владимир Путин имале телефонски разговор.
Брисел - Советот за надворешни работи на ЕУ денеска донесе одлука за суспендирање на голем број рестриктивни мерки кон Сирија, како дел од напорите на Унијата за поддршка на инклузивната политичка транзиција на земјата и нејзино брзо економско закрепнување, обнова и стабилизација.
- ЕУ има за цел да го олесни ангажманот со Сирија, нејзиниот народ и бизнисите во клучните области на енергијата и транспортот, како и да ги олесни финансиските и банкарските трансакции поврзани со овие сектори, како и оние кои се потребни за хуманитарни цели и за обновата, се наведува во одлуката.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска, во Киев, за време на состанокот организиран во Киев по повод третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, повика на „вистински и траен мир“, што ќе биде воспоставен годинава.
-Оваа година треба да биде година на почеток на вистински и траен мир, рече Зеленски, претседавајќи со состанокот во Киев со десетина западни лидери кои дојдоа да ја изразат својата поддршка за Украина.
Вашингтон - Американското Министерство за правда им порача на своите вработени засега да го игнорираат барањето на Одделението за владина ефикасност (DOGE), кое го предводи милијардерот Илон Маск, во кое се бара од нив да ги наведат задачите што ги сработиле претходната недела, пренесува „Фокс њуз“.
„Министерството за одбрана е одговорно за преглед на учинокот на својот персонал и секоја ревизија ќе ја спроведе во согласност со сопствените процедури доколку е потребно. Одделението ќе ги координира одговорите на е-поштата што ја добивте од ОПМ. Засега, паузирајте го секој одговор“, им рече на вработените Дарин Селник, в.д. заменик - министер за правда.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го номинирал Ден Бонџино, десничарски коментатор, за заменик директор на ФБИ.
Трамп рече дека Бонџино за функцијата бил номиниран од Кеш Пател, чие назначување за директор на ФБИ неодамна го потврди американскиот Сенат.
„Одлични вести за полицијата и американското правосудство“, рече Трамп, додавајќи дека Бонџино е „човек со неверојатна љубов и страст кон нашата земја“.
Газа - Високиот функционер на Хамас, Басем Наим, изјави денеска дека палестинската милитантна група е подготвена да ја предаде власта во Појасот Газа на кое било палестинско тело што ќе ги застапува интересите на сите Палестинци.
Во интервју за „Ал Џезира“ Наим, во името на Хамас, ја осуди израелската офанзива на северот на Западниот Брег и недостатокот на реакција на меѓународната заедница на тоа што се случува таму, укажувајќи на континуираното убивање на палестински бегалци во различни бегалски кампови на северот на окупираната палестинска енклава.
Лос Анџелес - Американската глумица Џејн Фонда синоќа ја доби наградата на „Здружението на глумци - Американска федерација на телевизиски и радио-уметници (САГ-АФТРА)“ за животно дело. Во говорот потоа, таа се осврна и на новите политички збиднувања.
Имено, говорејќи за одговорноста на актерот да се соживува со ликовите што ги глумат, посочувајќи го Себастијан Стен како добар пример, Фонда очигледно целеше кон претседателот на САД, Доналд Трамп, пренесува „Ентертејнмент тунајт“ (Entertainment Tonight).