• четврток, 06 февруари 2025
МИА Радио флеш

   7  февруари 2025

 

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат две комисии - Комисијата за одбрана и безбедност и Законодавно правната комисија.

Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност ќе расправаат по Предлог на законот за изменување на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови и Предлог на законот за изменување на Законот за меѓународна и привремена заштита, и двата во прво читање.

Скопје - Министерството за локална самоуправа наскоро ќе продолжи со серија теренски посети на општините низ земјава наречени „Каде срцето е дома“, со цел да се мапираат сите предизвици во нив и да се сублимираат насоки за нивно надминување.

Детали околу посетите ќе бидат соопштени денеска на работен појадок со медиумите во реновираниот Клуб на пратеници. На средбата најавено е присуствувото на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ресорниот министер Златко Перински, како и на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски. 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денеска до 13 февруари ќе престојува во работна посета на Австралија, што претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи по пауза од 15 години.

Гевгелија - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, денеска, ќе престојува во работна посета на институциите од областа на културата и субјекти од областа на туризмот во  Гевгелија.

Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, во рамки на посетатата, министерот Љутков ќе се обрати на прес-конференција во Народниот театар во Гевгелија. 

Скопје - Судскиот совет денеска треба да формира комисија која ќе ги разгледа сите списи во врска со претходните судски случаи на обвинетиот за сообраќајката на „Партизанска“ Васил Јованов, каде животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова, по што ќе излезе со став дали имало пропуст во претходните судски постапки на обвинетиот Јованов.

Ова го најави претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, а следи по изнесените забелешки во јавноста во врска со претходните судски случаи на обвинетиот Васил за сообраќајката на „Партизанска“. Тој вчера информира и дека комисија на Судскиот совет веќе ги разгледува списите и ќе постапи по сите забелешки на јавноста. 

Скопје - Годишниот план за 2025 година за финансирање специјалистичкo-консултативна здравствена заштита во приватните и јавните здравствени установи ќе биде презентиран денеска во просториите на Фондот за здравствено осигурување во Скопје.

- Фондот за здравствено осигурување, како најголем финансиер и купувач на здравствени услуги, оваа година обезбеди најголемо досегашно финансирање за здравствените установи, информираат од ФЗО.

Скопје - Активностите на Остен Биеналето Скопје 2024 кои со голем успех се одвиваа во текот на целата измината година, ќе имаат своја завршница вечер во 19 часот во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам Скопје со отворањето на официјалната изложба и доделувањето на награди и признанија на уметници и сорботници на ОСТЕН.

Скопје - Оркестарот на Националната филхармонија вечер со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Магична виолина“ на кој како солист ќе настапи врвниот белгиски виолинист Марк Бучков, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски.

На програмата се: увертира „Оберон“ од К.М. Вебер, Концерт за виолина и оркестар бр. 3 во Ге-дур од В.А.Моцарт и Симфонија бр. 5 „Реформациска“ во Де-дур/де-мол, оп.107 од Ф.Менделсон.

Скопје - Современиот бугарски писател Николај Терзијски доаѓа во Скопје по повод по повод книжевната промоција на македонското издание на романот „Ѕвезди под клепките“, информираат од Издавачкиот центар ТРИ.

Промоцијата на романот ќе се одржи во 19 часот во „Јуроп хаус“, со промоторката Ана Јовковска, авторот Николај Терзијски и преведувачката Виолета Танчева-Златева.

Скопје - Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик денеска ќе биде промовирана најновата книга на проф. д-р Људмил Спасов „Особености на граматичката категорија преодност на глаголите во македонскиот јазик“.

Како што информираат од Институтот, поздравно обраќање на промоцијата ќе одржи проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик.

Загреб - Училишта во Загреб утрово добија дојави запоставени експлозивни направи, информираа Градот Загреб и полицијата, наведувајќи дека децата се безбедни и дека се надвор од училиштата и се проверуваат од експерти за деактивирање бомби.

„Во контакт сме со полицијата, чии деминери веќе вршат увид во училиштата. Сите ученици се целосно безбедни надвор од училиштата, а сите надлежни служби преземаат максимални мерки за што поскоро нормализирање на состојбата“, соопштуваат од Градот.

Белград - По бојкотот на големите трговски ланци што се одржа во петокот на 31 јануари во Србија, Здружението за заштита на потрошувачите Ефектива ги повика граѓаните на нов бојкот.

Ефектива упати нов повик до потрошувачите да ги бојкотираат петте големи трговски синџири - Делеза, во која се Maxi и Shop&Go, Меркатор, кои ги вклучуваат Idea и Roda, како и DIS, Lidl и Univerexport, јавија српските медиумис.

Приштина - В недела, на 9 февруари, во Косово треба да се одржат парламентарни избори, на кои ќе се утврди новиот состав на 120-члениот парламент за следните четири години. На изборите ќе учествуваат 28 политички субјекти со 1.280 кандидати. Ова ќе бидат први редовни парламентарни избори во земјата откако Косово прогласи независност од Србија во 2008 година.

Лондон - Доколку Доналд Трамп ги исполни своите закани и воведе царини за стоки од Унијата, Брисел ќе одговори со таргетирање на големите технолошки компании објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на два извора во ЕУ.
Европската комисија се обидува да го искористи својот „Инструмент против принуда“ (Anti-Coercion Instrument или скратено ACI) во потенцијалниот спор со Вашингтон, изјавија за ФТ двајца официјални лица кои имале увид во плановите.

Тел Авив - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац и нареди на војската да подготви план што ќе им овозможи на жителите на Газа доброволно да ја напуштат палестинската енклава, објави неговиот кабинет.

Во соопштението се вели дека Кац го поздравил „храбриот план на американскиот претседател Доналд Трамп“, кој може да „овозможи голем дел од населението во Газа да оди на различни места низ светот“, пишува „Тајмс оф Израел“.

Тел Авив - Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека Израел ќе се повлече од Советот за човекови права на Обединетите нации (УНХРЦ), обвинувајќи го телото за „заштита на прекршителите на човековите права“, додека, како што наведе, го „демонизира“ Израел и „пропагира антисемитизам“.

Ерусалим - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека нема ништо лошо во идејата на Доналд Трамп за иселување на Палестинците од Појасот Газа, откако предлогот на американскиот претседател предизвика меѓународна критика.

Организациите за човекови права го опишаа предлогот на Трамп за трајно раселување на Палестинците од енклавата како етничко чистење, а истовремено сугерираа САД да ја преземат администрацијата на Газа.

Вашингтон - Администрацијата на САД испратила понуди за отпремнина на вработени во најмалку четири американски разузнавачки агенции, покрај ЦИА, како дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да го намали бројот на вработени во федералните агенции, соопштија портпаролите на тие агенции.

Портпаролите рекоа дека станува збор за персонал од Канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка агенција, Националната агенција за безбедност, Националната геопросторно-разузнавачка агенција и Националната канцеларија за извидување.
Централната разузнавачка агенција (ЦИА) во вторникот објави дека нејзиниот персонал добил понуди за отпремнини.

Вашингтон - Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон изјави дека Пентагон е подготвен да ги разгледа сите опции во врска со Појасот Газа.

„Би рекол во однос на Газа - дефиниција за лудост е да се обидува да се прави истото одново и одново“, рече Хегсет.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која на трансродовите спортисти им се забранува да учествуваат во женски спортови.  Наредбата, насловена како „Исклучување на мажите од женскиот спорт“, им дава на федералните агенции, вклучително и Министерството за правда и Министерството за образование, широка слобода да обезбедат дека субјектите кои добиваат федерално финансирање се усогласуваат со Наслов IX во согласност со позицијата на администрацијата на Трамп, која го толкува „родот“ како пол што му е доделен на личност при раѓање, јавија американските медиуми.  

Вашингтон - Војската на САД развива планови за повлекување на сите американски војници од Сирија, објави американската телевизија Ен-Би-Си, повикувајќи се на неименувани извори од Пентагон.

Медиумот јави дека Министерството за одбрана разгледува сценарија за повлекување на војниците од таа држава во рок од 30, 60 или 90 дена. Во моментов, САД имаат до 2.000 војници распоредени во Сирија со наведена цел да го спречат повторното обновување на терористичката група ИД. Армијата соработува со курдските сили кои контролираат области во североисточниот дел на земјата.

Буенос Аирес - Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј одлучил да ги забрани терапиите за промена на полот и операциите за малолетници, како и да воведе ограничувања за сместување трансродови жени во женски затвори.

Кабинетот на Милеј соопшти дека владата ќе го промени законот од 2012 година што им дозволува на луѓето да го менуваат својот родов идентитет, вклучително и забрана за хормонски третман и операции за деца.

Брисел - Минатиот месец беше најтоплиот јануари досега, продолжувајќи ја низата екстремни глобални температури и покрај промената на феноменот Ла Ниња за ладење, рекоа научници од Европската унија.

Со просечна температура од 13,23 степени Целзиусови според Коперникус, „јануари 2025 година беше 1,75 степени над прединдустриските нивоа“.

Остани поврзан