МИА Радио флеш
- 12 декември 2024
12 декември 2024
Скопје - Во 2023 година, општините и Град Скопје потрошиле 67.269.053 денари (1,1 милион евра) за адвокатски услуги, додека, министерствата исплатиле 62.428.934 денари (1 милион евра), покажува истражувањето за исплатите за адвокатски услуги од буџетите на општините и министерствата што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации.
Според истражувањето, општините користат различни критериуми за избор на адвокати, вклучувајќи углед, искуство, достапност и препораки.
Скопје - Ана Анастасијади-Симеониди, почесна професорка од Универзитетот „Аристотелис“ во Солун, по специјалност лингвист која своето образование го комплетирала на „Сорбона“ во Франција, вчера одржа предавање пред колегите од Филозофскиот и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Предавањето на светски реномираната професорка, авторка на бројни трудови од областа, беше насловено „ДРВО и ПЛОД - Теорија-Трансвременоста-Настава“.
Во рамки на посетата, проф. Анастасијади-Симеониди ја збогати библиотеката на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет со подарок книги.
Брисел - Советот на ЕУ денеска одлучи проверките на копнените шенгенски граници на Бугарија и Романија да бидат укинати од 1 јануари следната година. Ова го соопшти унгарското претседателство со Советот на ЕУ.
Претходно оваа година, проверките на воздушните и поморските шенгенски граници на двете земји беа укинати со одлука донесена за време на шпанското претседателство со Советот на ЕУ на 30 декември лани.
Атина - Уапсени осуммина турски државјани, приведени 30 лица и пронајдени 50 пиштоли е исходот на акцијата на грчката полиција спроведена вчера во Атина и Солун за разбивање на турската мафија, а при спроведените претреси, согласно објавените фотографии од полицијата, биле пронајдени и македонски денари, јави дописничката на МИА од Атина.
Од полицијата соопштија дека во акцијата на Секторот за справување со организиран криминал за разбивање на криминални групи на турски државјани во Грција, биле извршени претреси шест домови во Атина при што биле уапсени осум турски државјани и запленети биле: 50 целосно функционални пиштоли, од кои 48 имале цевка за поставување придушувач, 1,7 килограми канабис, 38 куршуми, 12 часовници и сим картички и телефонски уреди.
Приштина - Поранешниот американски советник за национална безбедност Џон Болтон изјави дека со доаѓањето на Доналд Трамп на власт може да се обнови идејата за размена на територии меѓу Белград и Приштина.
За размена на територии многу се разговарало во претходниот мандат на Доналд Трамп, а Болтон за приштинскиот портал Teve1 вели дека идејата му ја презентирал поранешниот британски премиер Тони Блер.
Белград - Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави денеска за РТС дека безбедносната ситуација во државата е стабилна и покрај фактот што е изложена на „хибридна војна“.
Дачиќ рече дека е исполнето главното барање на протестот на студентите и дека комплетната документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад ќе се најде на веб-страницата на Владата.
Приштина - Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека 28 политички субјекти поднеле барање за сертификација за учество на парламентарните избори на 9 февруари, а меѓу нив е и водечката српска политичка партија Српска листа.
Српската листа претходно најави дека ќе учествува на косовските избори. Инаку, пратениците на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот.
Москва - Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе започне со подготовка на Украина за прием во ЕУ и НАТО, изјави специјалниот претставник на ОБСЕ за Украина, Петр Мареш.
Петр Мареш во разговор за „Известија“ отворено изјави дека неговата мисија ќе биде да ја подготви Украина за влез во ЕУ и НАТО.
Анкара - Германската влада одобри извоз на оружје и воена опрема за Турција во вредност од 230,8 милиони евра оваа година, што е највисок износ во последните 20 години, според информациите на германското Министерство за економија, цитирано од ДПА.
Одобрениот извоз вклучува 79,7 милиони евра за оружје и 151,1 милиони евра за друга воена опрема, рече Министерството како одговор на барањето на пратеникот на партијата Алијанса, Сара Вагенкнехт (БСВ) до ДПА.
Kaнбера - Австралија ќе ги принуди Мета и Гугл да плаќаат за вести споделени на нивните платформи според новата шема објавена денеска, заканувајќи им се дека ќе ги оданочуваат доколку одбијат да склучат договори со локалните медиуми.
Австралија сака големите технолошки компании да ги компензираат локалните издавачи за споделување написи што го поттикнуваат сообраќајот на нивните платформи.
Сеул - Парламентот на Јужна Кореја денеска усвои предлог за разрешување на началникот на националната полиција и министерот за правда поради нивната улога во спроведувањето на рестриктивните мерки за време на воената состојба, која неколку часа беше воведена минатата недела.
Законодавниот дом со мнозинство од опозицијата планира да поднесе втора иницијатива за импичмент на претседателот Јун Сук-Јол, откако првото гласање не успеа поради бојкотот на владејачката партија.
Чачак - Синдикатот за образование на српскиот град Чачак, кој е мнозинскиот синдикат на просветните работници во тој град, најави прекин на работата в петок во сите училишта во Чачак во знак на поддршка за студентите од сите факултети кои протестираат и, како што се наведува, „се борат за воспоставување правен поредок во државата“.
Синдикатот ги повика сите просветни работници да се приклучат во поддршката на студентската борба и апелираат до надлежните органи итно да влезат во преговори со студентските претставници.
Брисел - Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска донесе одлука за укинување на контролите на патниците на копнените граници на Бугарија и Романија со земјите од Шенген зоната од 1 јануари 2025 година.
- Ова е историски момент. Бугарија и Романија конечно стануваат полноправни членки на Шенген зоната, изјави унгарски министер за внатрешни работи Шандор Пинтер. Според него, укинувањето на контролите на патниците на внатрешните копнени граници меѓу двете земји и останатите членки на Шенген зоната беше еден од главните приоритети на унгарското претседателство со ЕУ.
Москва - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп не испрати покана за неговата инаугурација во јануари до рускиот лидер Владимир Путин, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не, тој не испрати покана“, рече портпаролот, одговарајќи на новинарско прашање. Претходно, ТВ каналот Си-Би-Ес Њуз цитирајќи свои извори објави дека Трамп го поканил кинескиот лидер Си Џинпинг на инаугурацијата. Кинеската амбасада во Вашингтон се уште тоа не го потврдила.
Белград - Урош Блажиќ, кој на 4 мај 2023 година уби девет и рани 12 лица во селата Мало Орашје и Дубона во Србија, е осуден пред Специјалниот суд во Белград, јавија српските медиуми.
Судењето заврши во експресниот рок за српското правосудство и по неполни четири месеци колку што траеше процесот.
„Виновни се обвинетите Урош Блажиќ и обвинетата Радиша Блажиќ“, рече претседавачкиот судија Лидија Јовановски и посочи дека судскиот совет ја донел одлуката едногласно.
Лондон - Европската унија мора да биде храбра во односот кон Западен Балкан и да го препознае како регион од стратешко значење. Ова во интервју за БТА го изјави поранешниот известувач на Европскиот парламент за напредокот на Бугарија на европскиот пат, Џефри ван Орден.
Тој истакна дека важно прашање на патот кон членството во ЕУ на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија е дали е политички неопходно тие да се приклучат како полноправни членки на „западниот клуб“.
Брисел - Европскиот комесар за енергија и домување Ден Јоргенсен најави амбициозен план за целосен прекин на енергетските врски меѓу Европската Унија и Русија, оценувајќи дека ЕУ се колеба околу целите за замена на руските со енергенси од други извори, па затоа се потребни чекори за „враќање на работите на вистинскиот пат“.
Тој смета дека самото намалување енергетската зависност на ЕУ од руските енергенси по почетокот на инвазијата на Русија врз Украина претставува значајно достигнување, но тоа, според него, не е доволно.
Париз - Најмалку 54 новинари се убиени оваа година ширум светот, од кои речиси една третина во Појасот Газа, јавува организацијата за човекови права „Репортери без граници“ во својот годишен извештај.
Засега бројот на убиени новинари останува на исто ниво како лани, покажуваат податоците од крајот на ноември собрани од организацијата. Сепак, таа рече и дека секоја година дознава за повеќе смртни случаи кои се додаваат во статистиката, па веројатно е дека бројот на убиени новинари ќе се зголеми.