• петок, 15 ноември 2024
МИА Радио флеш

   31 октомври 2024

 

Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 18. седница, на чиј дневен ред се пратенички прашања, кои ќе бидат први на новиот парламентарен состав по конституирањето на 28 мај годинава.

Согласно Деловникот, прашања до премиерот и министрите први поставуваат пратениците од опозицијата.

Вообичаено, седниците за пратенички прашања се одржуваат последниот четврток во месецот.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе  учествува на Министерска конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на Украина, која се одржува во Монтреал, Канада. Конференцијата е организирана во копартнерство од страна на министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина.

Брисел/Скопје - Европската комисија вчера го објави „Пакетот за проширување“ за 2024 година, кој вклучува и Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат. Копии од Извештајот, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, евроамбасадорот Михалис Рокас вчера попладне им врачи на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на претседателот на Собранието Африм Гаши и на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше придружуван од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а денеска копија треба да и предаде и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. 

Скопје - Турскиот амбасадор во државава Фатих Улусој денеска ќе го посети Собранието.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Улусој ќе оствари средба со членовите на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и со пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција.

Штип - Нормализирана е состојбата со дистрибуција на струја до Клиничка болница-Штип. Директорот на болницата, Владко Захариев за МИА информира дека откако вчера околу 15 часот беше скинат кабел, екипите на ЕВН кои работеа во текот на ноќта проблемот го решиле околу 1 часот по полноќ.

Тој утринава истакна дека состојбата со струјата е нормализирана и болницата нормално функционира. Инаку, МИА синоќа информираше дека болницата со струја се снабдуваше од агрегат, бидејќи при градежни активности беше скинат кабел. 

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информира дека изминатите 24 часа, девет пожари на отворен простор биле евидентирани на територија на државава, покрај интервенции за гаснење пожари во населени места. Сите пожари биле изгаснати.

Од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) - Кочани од 14:15 до 15:10 часот, со двајца пожарникара и едно противпожарно возило, се интервенирало на запалено стрниште меѓу селата Горни Подлог и Мијанци. Во период од 14:35 до 15:10 часот, со двајца пожарникара и едно противпожарно возило, се  интервенирало на запалено ѓубриште во блиизна на градежната фирма „Стоименов“ во Кочани.

Скопје - Министерството за култура и туризам денеска информира дека поради техничките проблеми кои настанале поради преоптоварување на системот, рокот за аплицирање на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности во културата за 2025 година се продолжува до 5 ноември (вторник), до 16:00 часот.

Скопје - Завршна конференција за проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“ финансиран од Европската Унија, а краен корисник е Министерството за образование и наука, ќе се одржи денеска во Скопје.

- Овој настан ќе ги нагласи клучните резултати, научените лекции и идните чекори за подобрување на квалитетот на образованието. Исто така, ќе обезбеди одлична можност за вмрежување и дискусии меѓу експерти, едукатори и креатори на политики, се наведува во соопштението.

Скопје - Во организација на Германската хуманитарна организација Arbeiter-Samariter-Bund (АСБ) и Министерството за социјална политика, демографија и млади на Република Северна Македонија, денеска во Скопје ќе се одржи Регионална конференција во рамките на проектот „Обединети против семејното насилство во Западен Балкан – Регионална соработка и поддршка за прифатилишта за жртви на семејно насилство“.

Проектот е финансиран од Владата на Германија и имплементиран од АСБ и локалните власти и невладини организации од 11 општини во Западен Балкан.

Дебар - Македонскиот весник „Илинден" во Тирана во електронското издание објави напис под наслов „Ексклузивно-Вистината на виделина за измислените Бугари во Албанија“.

-Раководството и членството на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во 2017 година жестоко реагираше кога во Република Албанија во Законот за малцинства беа запишани непостоечки Бугари како малцинство. Таквиот чин беше реакција на силниот притисок кој го трпеше Република Албанија од европската членка Република Бугарија, со уцени за вето на нејзиниот европски пат. На уцените потклекнаа албанските власти, при што го направија најсрамниот чин во постоењето на албанската држава од 1912 година до денес, стои во написот.

Радовиш - Македонската поетеса Ирена Павлова Де Одорико и руската Олга Панкина се добитнички на наградата „Ацо Караманов 2024“. Павлова Де Одорико наградата ја доби за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик за книгата „Новоженство“, а Панкина интернационалната книжевната награда „Ацо Караманов 2024“ за книгата „Меѓусебна потрага“.

Наградите ги соопштија од Центарот за култура „Ацо Караманов“ -Радовиш заедно со ОНБ „Браќа Миладиновци“ и жири комисијата за избор на најдобри поетски ракописи добиени по конкурс за 51. Караманови поетски средби во состав професор д-р Даниела Андоновска Трајковска, Борче Панов и Славчо Атанасов.

Скопје – Четвртиот ден од Деновите на медиумска писменост 2024 носи три работилници со фокус на дезинформациите, вештачката интелигенција и медиумската писменост кај средношколците. 

Во СУГС „Георги Димитров“ во Скопје од 09:30 до 12:30 часот,  ќе се одржи работилница на тема „Медиумска лабораторија: Препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). 

Скопје - Во пресрет на Денот на Општината – 3 Ноември, Општина Карпош денеска организира традиционална крводарителска акција.

Граѓаните од општина Карпош, но и други општини од градот, кои се традиционални дарители или сакаат да даруваат крв, тоа ќе може да го сторат денеска од 9 до 17 часот, во спортската сала на ООУ „Јан Амос Коменски“ (населба Тафталиџе 1).

Скопје - Во Музеј на македонската борба во Скопје вечер концерт ќе одржи камерниот состав Трио АУРА, добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година.

Камерниот состав Трио АУРА го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски, кои истовремено се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Скопје - Во Галерија Ко Ра, Дом на култура ,„Кочо Рацин" во Скопје вечер (20:00) ќе биде отворена изложбата „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).   

Оваа изложба на ДЛУМ е дел од програмските активности и е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи во рамки на современата скулптура.

Скопје - Во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ вечер ќе биде промовиран новиот роман  „Што се случи со Исидора?“ на авторката Јана Мишо. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова.

Како што информираат од „Арс Ламина – публикации“, приказната во „Што се случи со Исидора?“ почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера.

Скопје - Фестивалот на виното „Виноскоп“, што ќе се одржува од денеска до 2 ноември годинава на плоштадот „Јадран“ во центарот на Скопје, ќе понуди врвни вина од над 30 винарии и врвни деликатеси.

Најавена е и богата музичка програма со акцент на поддршка на македонската музичка сцена. На фестивалот ќе настапат: Куку Леле, Фолтин, Brass Brothers, Деј ОФФ, Дј Александар Јорданов, Огнен Здравковски, Пауза за ракија, Дј Тина, Калевала, Занаду и други македонски артисти и изведувачи.

Скопје - Во просториите на „ОРО Радио Бар Галерија“ денеска ќе биде промовиран стрипот „Д Џитерс“ („The Jitters“) од Стефан Николовски, работен според негово сценарио и цртеж.

Станува збор за жанровски антолошки стрип во боја, збирка од четири различни приказни, во кои протагонистите ги занемаруваат последиците предизвикани од нивните исполнети желби. Преку наивното вкусување на четири бонбончиња, отпочнува серијата на кошмарни настани, кои оживуваат потиснати трауматични спомени, ширејќи одмаздољубие, своевидно љубовно писмо до хорор жанрот.

Приштина - Косово покажува силна посветеност на патот кон Европската Унија, но внатрешните политички поделби ја попречуваат имплементацијата на потребните реформи, се наведува во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за Косово.

„Владата треба да работи на создавање меѓупартиска политичка поддршка за поефикасно продолжување на реформите поврзани со ЕУ. Исто така, треба да ги вклучи ресорните министерства во одлуките што се однесуваат на политиките на ЕУ кои се под нивна надлежност и да ја зголеми меѓуресорската координација,“ се констатира во извештајот.

Берлин - Германската полиција извести дека илегалните преминувања на границите се намалиле за 13 отсто во првите три недели од воведувањето на постојаните гранични проверки, јави ДПА, повикувајќи се на официјалните прелиминарни податоци објавени денеска.

Намалувањето е пресметано според бројот на илегални преминувања во трите недели пред воведувањето на проверките.

Во периодот од 16 септември до 6 октомври полицијата регистрирала вкупно 3.464 обиди на странци да влезат без дозвола преку германските копнени граници. Од нив, 2.073 биле вратени на самата граница.

Њујорк - Генералното собрание на ОН изгласа резолуција со која се осудува економското ембарго на САД против Куба 32-ра година по ред. Резолуцијата беше усвоена со 187 гласа „за“ и два „против“. Против гласаа само Израел и САД. Една земја беше воздржана.

Пред гласањето, кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез ја критикуваше американската влада за нејзината политика на максимален притисок со цел да ја лиши карипската земја од увозот на гориво, што предизвика огромни прекини на струја низ целата земја на почетокот на месецот, вклучително и кога помина ураганот Оскар.

Њујорк - Советот за безбедност на ОН во средата го повика Израел да ја поништи одлуката за забрана на агенцијата на Обединетите нации која обезбедува „витални“ услуги за палестинските бегалци со децении.

„Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот исток (УНРВА) е рбетот на целиот хуманитарен одговор во Газа“, соопшти Советот за безбедност, предупредувајќи дека „милиони луѓе би можеле сериозно да бидат погодени“ доколку нејзините операции бидат оневозможени.

Мексико Сити - Двајца мексикански новинари се убиени за помалку од 24 часа во западните мексикански држави, јавија британските меидуми.

Во западната држава Колима, вчера попладне беше убиена познатата новинарка Патриша Рамирез, позната и по нејзиниот псевдоним Пети Банбери.

Претходно, во градот Уруапан, во западната држава Мичоакан, која за зафатена со насилства, беше убиен новинарот Маурицио Круз, кој работел за локален канал за вести.

Братислава - Словачкиот премиер Роберт Фицо вчера изјави за руската државна телевизија „Русија-1“ дека сака да ја посети Москва следната година на Денот на победата и го критикуваше пристапот на Европската унија кон војната во Украина, што ја налути словачката опозиција.

Неговото појавување на државната телевизија, опишано од словачките медиуми како прво гостување на лидер на ЕУ по нападот на Русија врз Украина во февруари 2022 година, наиде на остри критики во Словачка и ја истакна промената во надворешната политика на Словачка за време на неговото владеење.

Вашингтон - Високи американски функционери, вклучително и директорот на ЦИА, Вилијам Барнс и пратениците Брет Мекгурк и Амос Хохштајн, денеска ќе ги посетат Египет и Израел, соопшти Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека командантот на американската централна команда, генерал Мајкл Ерик Курила, исто така е во регионот и ќе го посети Израел како дел од напорите на САД да разговараат за Иран, Либан и ослободување на заложниците кои ги држи палестинската милитантна група Хамас. 

Вашингтон - Потпретседателката на САД и демократска кандидатка на претседателските избори, Камала Харис, има мала предност пред републиканскиот противкандидат Доналд Трамп во Мичиген и Висконсин, додека двајцата кандидати се изедначени во Пенсилванија, покажува новата анкета на Си-Ен-Ен, објавена синоќа.

Помалку од една недела пред изборите на 5 ноември, демократката Харис води со 48 наспроти 43 проценти меѓу веројатните гласачи во Мичиген и со 51 наспроти 45 проценти во Висконсин – две од трите неопределени држави кои го добија прекарот „плав ѕид“ поради нивната клучна улога во победата на претседателот Џо Бајден над Трамп во 2020 година.

Вашингтон - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп,  по навредливата изјава на претседателот Џо Бајден за неговите поддржувачи, кои ги нарече „ѓубре“, синоќа на еден од последните митинзи пред изборите, во Висконсин оддржа говор во флуоросцентен елек каков што носат ѓубреџиите, а на самиот настан допатува со камион за ѓубре.

„Како ви се допаѓа мојот камион? Тоа е во чест на Камала и Џо Бајден“, им рече Трамп на новинарите.

На митингот, тој потоа им се обрати на поддржувачите: „Морам да почнам со тоа што ќе реќам дека 250 милиони Американци не се ѓубре“, рече тој, осврнувајќи се на изјавата на Џо Бајден - која, како што подоцна се обиде да објасни, била гаф, поддржувачите на Трамп ги нарече - „ѓубре“.

Пенсилванија - Судија во Филаделфија му нареди на милијардерот Илон Маск да се појави пред суд на сослушување во врска со делењето по еден милион евра на регистрираните гласачи во таканаречените колебливи држави на САД.

Обвинителите од Филаделфија се изјаснија против иницијативата на Маск да подарува милиони преку лотарија, по што беше поднесена тужба.

Флорида - Против 18-годишен приврзаник на Доналд Трамп е покренато обвинение за закана со мачета од 60 сантиметри на две жени, приврзаници на Камала Харис, во Нептун Бич, Флорида, додека тие воделе кампања пред избирачко место, потврди полицијата.

Кејлеб Џејмс Вилијамс е обвинет за кривично дело напад врз лице над 65 години и за прекршок за прикажување опасно оружје.

Сеул - Северна Кореја лансираше интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), потврдија денеска јужнокорејската војска и САД, што предизвика остра критика од обете земји, пренесува ДПА.

Северна Кореја ја лансираше ракетата кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап, повикувајќи се на генералштабот во Сеул (ЈЦС).

Белата куќа, во изјавата објавена синоќа, го потврди лансирањето и истакна дека „силно го осудува“ тестирањето на „интерконтиненталната балистичка ракета“ од Северна Кореја.

Бејрут - Најмалку 19 лица, меѓу кои осум жени, загинаа во израелските напади врз либанскиот град Баалбек и неговата околина, соопшти Министерството за здравство на земјата.

Вчерашниот напад се случи откако десетици илјади жители го напуштија северниот либански град како одговор на наредбите за евакуација издадени од израелската армија.

Буенос Аирес - Аргентинскиот ултралиберален претседател Хавиер Милеј ја разреши својота министерка за надворешни работи, Дијана Мондино, откако таа на Генералното собрание на Обединетите нации го осуди трговското ембарго на САД против Куба, соопштија од кабинетот на претседателот.

Милеј, кој е на функција од декември, ја разреши Мондино откако таа гласаше за укинување на американското економско ембарго кон Куба на Генералното собрание на ОН, продолжувајќи ја така долгогодишната позиција на Аргентина, пренесува ДПА.

Москва - Руската воена интеракција со Северна Кореја не е против меѓународното право, изјави рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја пред Советот за безбедност, додека американскиот секретар за одбрана предупреди на можно продолжување или проширување на војната во Украина.

„Би сакал да нагласам дека интеракцијата на Русија со Демократска Народна Република Кореја во воените и другите области е во согласност со меѓународното право и не е негово кршење. Не е насочено против трети земји“, рече Небензја.

Остани поврзан