МИА Општински пул
- 21 јануари 2026
21 јануари 2026
Кавадарци - Врнежите од снег во нашата општина се најизразени во ридско-планинскиот дел и тоа на висорамнината Витачево и во Бошавијата и Поткожувјето. Од рано утро, надлежната служба на Општината, задолжена за зимско одржување, излезе на терен за расчистување на локалните патни правци што беа зафатени од снежното невреме, соопшти денеска градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.
- Службите на терен интервенираат со три камиони. Сите патни правци се оспособени за сообраќај во зимски услови. Исчистени се патните правци до поголемите села близу градот, а во моментот се чистат и сите патни правци кон Бошавијата и Поткожувјето, додаде Јанчев.
Росоман - Јавното претпријатие за комунални дејности „Росоман“ е подготвено со механизација и човечки ресурси за навремено постапување и обезбедување безбедно сообраќање во зимски услови, соопшти денеска росоманскиот градоначалник Ѓорѓи Крстевски.
- Зимската служба на ЈПКД „Росоман“ од утрово е на терен. За првпат оваа година, надлежностите за зимско одржување на локалните улици и патишта се префрлени на Јавното претпријатие за комунални дејности „Росоман“, со што се обезбедува побрза, поефикасна и поорганизирана реакција на терен. ЈПКД „Росоман“ е целосно подготвено со механизација и човечки ресурси за навремено постапување и обезбедување безбедно сообраќање во зимски услови, напиша градоначалникот на „Фејсбук“.
Во објавата, тој додаде дека се продолжува со системски решенија и подобри комунални услуги за сите во општина Росоман.
Кавадарци - Три збирки поезија од две сестри поетеси, беа промовирани синоќа во градската библиотека „Феткин“ во Кавадарци. Пред присутните беа читани и стихови од збирките на поезија од Данче Христова Младенова и Валентина Младенова Куковска.
Директорот на библиотеката, Петар Гурев изрази задоволство од настанот и тројната промоција на книги со стихови. На авторките им посака многу успех.
- Станува збор за две роднокрајни авторки на поезија. „Ќе дојде ден“ од Христова Младенова е во издание на библиотеката. Младенова Куковска живее и работи во Белград, а се промовираат нејзините дела „Твојот лик од спротива“ и „Нарцис о иднина“, рече Гурев во изјава за медиумите.
Виница - Екипи на ЈП „Солидарност“ од Виница денеска уште од раните утрински часови се на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците во градот, од патните правци кои гравитираат од селата кон градот и од патните правци кон селата во Општина Виница, соопштува локалната самоуправа.
-Исчистени се неколку патни правци: Осојница-Липец, Липец-Блатец, Блатец-Скараница и Виница-Градец. Во моментов се чисти во високите делови од градот, а попладне ќе продолжиме со чистење кон селата Лаки, Пеклани, Драгобраште, Крушево, Трсино, Трстија, Грљани, Калиманци и Црн Камен, информира градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски.
Тетово - Претријатието Саубермахер Тетово кое ја врши општинската услуга за подигање и транспортирање на комунален смет од градските контејнери соопшти дека се соочува со отежнат пристап. Од таму посочуваат дека во одредени населени места на територијата на Општина Тетово доаѓа до одложување на собирањето на комуналниот отпад, односно истото нема да може да се реализира во предвиденото време поради отежнатите услови за пристап.
-Собирањето на отпадот од страна на компанијата Саубермахер Тетово ќе продолжи и ќе се реализира веднаш по подобрување на условите и овозможување безбеден и непречен пристап за возилата на терен. Ги замолуваме граѓаните за разбирање и трпение до нормализирање на состојбата, се вели во соопштението од Саубермахер Тетово.
Претријатието има обврска да го собере сметот оставен во повеќе од 700 контејнери на јавни места во градот и неколку тетовски села кои приаѓаат на Општина Тетово.
Василево - Градоначалникот на Василево, Славе Андонов заедно со членовите на друштвото „Баделци“ од Василево, ги предадоа собраните пари во износ од 136.000 денари на Влатко Митев од Василево од хуманитарниот настан „среќки“ што се одржа на Богојавление Водици, соопштија денеска од Општината.
-Го посетивме нашиот сограѓанин Влатко Митев и му ја предадовме собраната помош, од хуманитарниот настан што се одржа пред црквата ,, Успение на Пресвета Богородица ” во Василево, се наведува во пренесената изјава на градоначалникот Андонов.
Настанот „среќки“ беше во организација на друштвото „Баделци“ од Василево, кои преку донации од хумани граѓани и со среќка од само сто денари, го реализараа овој настан за помош на сограѓанинот Влатко Митев.
Генерален покровител на настанот беше општина Василево, која со одлука на општинскиот совет ја обезбеди главната награда.
Куманово - Екипите на „Чистота и Зеленило“ од утрово се на терен и ги расчистуваат улиците и локалните патишта од снег во Куманово, сооопштија денеска надлежните. Како што информираше директорот на комуналното претпријатие, Сашо Томиќ, улиците во централното градско подрачје се веќе исчистени и се чистат патиштата кон селата.
- Сите екипи сè на терен, се чистат според програмата усвоена од советот. Имаме на располагање механизација и доволно количини сол, изјави Томиќ.
За оваа намена, од општинскиот буџет издвоени се осум милиони денари.
-Имаме три специјални машини, камиони со плуг, две метлачки за чистење на плоштадите и трактор со приколка и преден плуг. Во моментов имаме обезбедено 25 тони сол, додаде Томиќ.
Кочани - ОВР Кочани поднесе кривична пријава против М.Е.Ј(40) и О.И.(29), двајцата од Скопје.
Според пријавата, на 17.01.2026 во Кочани, полициски службеници извршиле преглед во патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, во кое се превезувале двајцата, при што е пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
Од судија на претходна постапка, на М.Е.Ј. му е определена мерка притвор од 30 дена и е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Куманово за издржување на мерката. Додека, на О.И. му е определена мерка претпазливост.