• среда, 14 јануари 2026
МИА Општински пул

14 јануари 2026

Охрид – Жителите на охридското село Куратица православниот празник Свети Василиј Велики - Василица го прославуваат со голем карневал под маски. Самиот маскенбал што од година во година добива на масовност, но и посетеност, започна синоќа со палење на василичарскиот оган на сред село, за церемонијата да продолжи низ ноќта со посета на василичарската група, предводена од зет, невеста, бајачот на домовите низ Куратица.

Централната манифестација во рамките на карневалот е предвидена за вечерва од 20 часот, со дефилето на маските пред гостите на средсело. 

За гостите на карневалот домаќините и вечерва обезбедија од традиционалното јадење – варејнца, како и вино и топла ракија, сето тоа во рамките на голема сенародна веселба, збогатена со културно-уметничка програма и настап на познати фолк-пејачи, како и голем огномет.

Кавадарци - Со клопотарци и страшни маски џоломарите бркаат лоши духови во неколку села во Тиквешијата. Традиционално на ваков начин се почитува исконската традиција за Василица. 

- Традицијата која трае најмалку неколку  векови,  се повеќе привлекува туристи и го става овој крај на туристичката мапа,  како реткост која мора да се посети. Со страшни маски и клопотарци врзани околу половините  правејќи врева,   џоломарите од  неколку тиквешки села  низ ритуали со драмски и комични елементи со магиски дејства, бркаат лоши духови. Така е со векови, секоја Василица, вели за МИА Томе Крстевски, виш кустос етнолог при Музеј галеријата во Кавадарци.

Куманово - Зголемен е бројот на пациенти во Ургентниот центар во Куманово, соопштија денеска лекарите од таму. Граѓаните најчесто бараат помош за компликации поврзани со  сезонскиот грип и состојби слични на грипот. Во Ургентниот центар, како и во амбулантите, секојдневно се регистрира зголемен број прегледи, особено во попладневните часови и за време на викендите кога примарното здравство не работи. Најчести симптоми кај пациентите се покачена телесна температура, главоболка, болки во мускулите и зглобовите, општа слабост, а во подоцнежна фаза и кашлица и болки во грлото.

- Нема строго дефинирана возрасна група која е најпогодена. Доаѓаат пациенти од сите возрасти. Во Ургентниот центар третираме пациенти над 7 години, а помалите деца најчесто се упатуваат на детското одделение, кое во овој период е особено оптоварено - информираат лекарите Дарко Каранфиловски и Никола Стефановски. Покрај грипот, во претходниот период, за време на магливите денови, евидентирани биле и егзацербации кај пациенти со астма и ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), но во моментот доминираат вирусните инфекции.

Кавадарци - Приведен бил жител на кавадаречкото село Ваташа, кој алкохолизиран се однесувал агресивно во здравствена установа. 

- Полициски службеници од ОВР - Кавадарци во текот на вчерашниот ден го приведоа Г.М., на возраст од 41 година од село Ваташа, постапувајќи по претходна пријава дека во здравствена установа во Кавадарци, агресивно се однесувал кон вработените и пациентите, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

При преземање мерки, како што се појаснува во соопштението, кај него биле измерени 2,41 промили алкохол во крвта.

- Тој е задржан во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, се додава во соопштението.

Тетово - СВР Тетово денеска ги сподели деталите од пожарот во стан на улицата 180, а во градот познато како Блок 70. Станува збор за 76-годишнот пензиониран професор Обрад Стојановиќ.

- На 13.1.2026, во 19.20 часот. во СВР Тетово е пријавено дека на ул.ицата 180 во Тетово настанал пожар во стан, сопственост на О. С. (76) од Тетово, кој починал на местото. Лекар констатирал смрт, а изгореници добил син му М. С. (51) од Тетово при обид да го изгаси огнот. Со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Клиничката болница - Тетово за укажување лекарска помош. Од Територијалната противпожарна единица Тетово пожарот е изгаснат. Извршен е увид од јавен обвинител и екипа на СВР Тетово.

Тетово - Секторот за внатрешни работи Тетово соопшти дека деновиве се постапува согласно годишен план во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.

Според СВР Тетово, на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот, но оценуваат дека поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот  и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај.

-За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема. Само на тој начин сите заедно ќе придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот. СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано, се вели денешното соопштение на СВР Тетово.

Неготино - „Пежо“ утринава излетало од патот Кавадарци - Неготино, а младиот возач добил телесни повреди, потврдија за МИА од Секторот за внатрешни работи Велес. 

- Денеска, во ОВР Неготино било пријавено дека околу 9 часот, на регионалниот пат Кавадарци - Неготино, кај место наречено Антена, патничко возило „пежо“, со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Н. Т. (19) од Кавадарци, излетало надвор од патот. Во несреќата телесни повреди добил возачот, констатирани во Општата болница во Кавадарци - појаснија од СВР Велес.  

Увид извршила екипа од ОВР Неготино.

Струмица - Центарот за култура од Струмица го објави конкурсот за 27. Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам „Струмица 2026“, кој се одржува во рамки на Интернационалниот Струмички карневал на тема „карневал-еротика“.

Според пропозициите на конкурсот за афоризам, секој автор може да учествува најмногу со десет афоризми отпечатени во три примероци со шифра и со податоци за авторот во затворен плик. Учесниците можат да учествуваат со повеќе трудови од десет афоризми со шифра за секој труд.

Во категоријата карикатура секој автор може да учествува најмногу со три карикатури работени во техника по избор на авторот, со димензии А4, а на секоја кариктура треба да има податоци за авторот на задната страница.

Афористичарите и карикатуристите своите дела треба да ги испратат најдоцна до 15 февруари 2026 година, а жири комисијата ќе додели златна, сребрена и бронзена плакета со право на жирито да одреди дополнителен број награди.

Наградите ќе се доделат на 23 февруари 2026 година, Чист понеделник, кога ќе биде организирана изложба и презентација на наградените дела.

Делчево – Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денеска со голема радост ги пречека дел од своите најредовни членови – пензионери, кои со љубов и посветеност се најчести посетители на библиотеката и вистински промотори на културата на читање.

Средбата беше организирана како израз на благодарност до возрасните читатели кои со своето секојдневно присуство потсетуваат дека читањето нема возраст и дека книгата останува верен сопатник во секој период од животот. Во пријатна и срдечна атмосфера, присутните разговараа за омилените наслови, времето поминато во библиотеката, како и за читањето дома, со книга во рака.

Од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево посочуваат дека ваквите средби имаат за цел да бидат поттик и мотивација за сите возрасни читатели повторно да ја разбудат љубовта кон книгата, бидејќи таа зближува, инспирира и духовно збогатува.

Скопје - Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска објави видео во кое вели дека е почната целосна реконструкција на фонтаната „Лотос“ на влезот од Градскиот парк. 

- Култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај. Почната е целосна реконструкција на фонтаната, која се наоѓа на влезот од Градскиот парк - место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое, за жал, со години беше запуштено. Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставуваат нова урбана опрема и современо осветление, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните - наведува Ѓорѓиевски.

Според него, ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти.

- Простор на кој генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува. Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски! - изјави Ѓорѓиевски.

Остани поврзан