• среда, 11 март 2026
МИА Општински пул

 9 март 2026 

Кочани - Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Општата болница со проширана дејност во Кочани. При тоа се сретна со  градоначалникот Владко Грозданов и со ракводството на кочанската здравствена установа.

На овој настан беше објавено склучувањето на Меморандум за соработка помеѓу Општината и Болницата во насока на расчистување и хортикултурно уредување на дворната површина и просторот под асфалт, заради обезбедување повеќе паркинг места за пациентите и  вработените.

Министерот Алиу ја поздрави ваквата активност, позитивно оценувајќи ги агилноста и на градоначалникот и на раководството на Болницата.

Куманово - Во текот на 2026 година ЈП „Куманово Гас“ планира реализација на неколку проекти за приклучување на јавни институции и проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа во градот информираше директорот на претпријатието, Марко Митровски на последната прес-конференција. Според Митровски, годинава се предвидува приклучување на четири нови објекти на гасоводната мрежа. Станува збор за основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, градинката „Славејче“ кај поранешен „1 Мај“, како и Здравствениот дом Куманово.

-Преку проект во текот на 2026 година ќе имаме четири нови приклучоци кои ќе ги финансираат самите институции. Тоа се основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, градинката „Славејче“ кај поранешен „1 Мај“ и Здравствениот дом Куманово. Овие проекти ќе се реализираат во текот на оваа година-изјави Митровски.

Охрид - Општина Охрид објави Јавен повик за финансиска поддршка на микропроекти во рамки на Програмата за локален економски развој и туризам на Општина Охрид – 2026 година.

Предмет на Јавниот повик е доделување финансиска поддршка за реализација на микропроекти од јавен интерес, со цел поттикнување на локален економски развој, унапредување на туристичката понуда, зачувување и промоција на културното и природното наследство, како и подобрување на квалитетот на живот во општината.

Финансиската поддршка е наменета за активности од мал обем со јасно дефинирани резултати, временска рамка до 6 месеци и мерлив придонес кон локалниот развој.

Битола - Градоначалниникот на Битола Тони Коњановски и претседателката на Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Битола, Марина Крстиќ денеска остварија работна средба со извршната директорка на Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“, Елена Димушевска.

На средба во Битола се разговараше за продолжување на досегашната соработка и овозможувањето поголема грижа за жртвите на семејно насилство, информираа од локалната самоуправа.

-Општина Битола продолжува да обезбедува континуирана финансиска поддршка од еден милион денари за советувалишниот центар за жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство, се со цел непречено функционирање на центарот, каде што жртвата добива прихолошка поддршка, кариерно советување и правна помош. Националната мрежа „Глас против насиство“ ќе раководи со советувалишниот центар согласно стандардите за работа на советувалишните центри за жртви на семејно насилство усвоени од Министерството за труд и социјална поликтика, посочија од Општина Битола и потврдија дека Центарот во Битола има нова локација на улицата „Пеце Матичевски“ бр. 77/1.

Скопје - Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа средба со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во нашата држава, Никол Варнс. На средбата се разговараше за активностите и проектите што ги спроведува Општина Центар, како и за можностите за продлабочување на соработката и реализација на заеднички иницијативи и проекти, соопштија попладнево од локалната самоуправа.

- Имавме одлична средба, со посебен фокус на проектите и плановите за подобрување на услугите за граѓаните и процесот на децентрализација. Поддршката од САД ни значи многу, бидејќи ни помага да ги унапредуваме практиките и да продолжиме да се развиваме како модерна и отворена општина, се наведува во пишаната изјава на Герасимовски.

Дебар - Локалната власт на Дебар и раководството на општинското комунално  претпријатие  „Стандард" со цел чист град и околина, преземаат активности за да обезбедат управувањето со отпадот и одржувањето на животната средина да биде според стандардите што се практикуваат во Европа.

Во тие рамки за време на посетата на Љубљана, Словенија, градоначалникот на Општина Дебар, Фисник Меља, заедно со директорот на „Стандард“,  Нертиљ Османи, реализирале работна посета на Регионалниот центар за управување со отпад RCERO Љубљана, еден од најнапредните центри во Европа за третман и управување со комунален отпад. 
 
-За време на посетата, имавме можност одблиску да се запознаеме со функционирањето на интегрираниот систем за управување со отпад што се применува во градот Љубљана и во поширокиот регион, рече за МИА, директорот Османи. 

Скопје - Општина Аеродром во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“, денеска започна голема заедничка акција за уредување и разубавување на парковите и булеварското зеленило на територијата на Општина Аеродром.

Како што информира денеска Општина Аеродром, градоначалникот Дејан Митески и в. д. директорот на претпријатието Муамер Сефери извршиле увид на теренот, каде што екипите со соодветна механизација работат на повеќе локации.

-Се врши машинско косење на тревните површини, собирање откос и лисја, кроење и уредување на вегетацијата, обликување на дрворедите покрај велосипедските патеки, како и одржување на чистотата и отстранување на собраната зелена маса. Овие активности се од особено значење за Општина Аеродром, бидејќи уреденото и одржувано зеленило директно придонесува за поквалитетна животна средина, повеќе простор за рекреација и подобри услови за секојдневниот живот на граѓаните, информираат од Општината. 

Остани поврзан