МИА Општински пул
- МИА Општински пул
28 април 2025
Куманово - Охриѓанец со автомобил „пасат“ удрил во метален столб со камери за видеонадзор на граничниот премин Табановце, соопшти денеска кумановската полиција.
- Вчера околу 18:30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на граничниот премин Табановце се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило „пасат“ со охридски регистарски ознаки управувано од С.Љ. (59) од Охрид удрило во метален столб со камери за видеонадзор, информираше СВР Куманово.
Во незгодата нема повредени, увид извршила екипа од СВР Куманово.
Кочани – Утре во Скопје ќе се одржи протестен „Марш за ангелите“ што го организираат семејствата на загинатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани.
Маршот ќе почне пред Oбвинителството во Скопје во 12 часот и 5 минути, како симболика за задоцнетата реакција на институциите, ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“ и ќе заврши пред Собранието.
-Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со „фати, па пушти“, без да има јасно образложение за таа законска процедура, и што се создава во нашите мисли кои се на работ на себеуништување, се истакнува во писменото известување од семејствата.
Во повикот тие нагласуваат дека и понатаму ќе бараат одговори за насилната смрт на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на Македонија.
Берово - Во беровското село Владимирово викендов официјално беше отворена фестивалската сала ,,Ванчо Чавдарски", каде кон крајот на месец мај ќе се одржи фестивалот Фолк Фест ,,Владимирово 2025".
Во рамки на отворањето на фестивалската сала, концерт одржа камерниот оркестар ,,Скопски солисти“ под диригентство на Иван Еминовиќ и обоистот проф. Васил Атанасов кои ги придружуваше баритонот Борис Трајанов, a публиката уживаше во изведбите на дела од европски и македонски композитори под диригентската палка на Ангел Спировски.
Творец на проектот е еден од најпознатите македонски хармоникаши, маестро Горан Алачки, а настанот се организира под покровителство на Здружението З.В.И.С. и Културниот центар „Горан Алачки“.
Како што истакнаа пред присутните на отворањето на фестивалската сала од Културниот центар „Горан Алачки“, концептот за „Фолк Фест Владимирово“ е сам по себе уникатен, бидејќи на истиот ќе настапат дојаените на македонската фолк естрада и учесници чиј квалитет одамна е докажан пред македонската публика.
Меѓу главните ѕвезди кои ќе настапат на првото издание на „Фолк Фест Владимирово“ се Драган Мијалковски, Круме Спасовски, Зуица Лазова, Горан Кукиќ, Жаклина Узунова, Благоја Грујовски, Ленче Кукиќ, Наум Петрески, Ванчо Тарабунов, Нино Величковски, Перо и Виданка Георгиевска.
„Фолк Фест Валандово“ ќе се одржи на празникот Вознесение Христово Спасовден.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат податоците од направените анализи на 147 примероци од 39 мерни места.
-Секторот за санитарна контрола во периодот од 22-ри до 25 април зема 147 примероци за физичко-хемиска и 147 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 39 мерни места во Градот Скопје.Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Јавното претпријатие, како што се наведуваат оттаму, со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, овие податоци ги објавува во неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.
Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски, во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на телевизија Сител потенцираше дека Општина Центар континуирано вложува во културата. Во 2021 година, буџетот за култура изнесувал 3.5 милиони денари, а денеска, во 2025 година изнесува 14 милиони денари за многубројни културни настани што се спроведуваат во текот на целата година.
Герасимовски, истакна дека изминатите неколку години Центар го прославува роденденот на Горан Стефановски со богати настани, музика, читање на негови дела.
„Имаме одлична соработка со семејството, синот Игор е секогаш активен учесник на овие настани . Така беше и вчера, му благодарам за тоа. Имавме и убава музика претставена од групата Аудио Скопје, се читаа и дел од текстовите од книгите на Горан Стефановски, преку дружба и одлични изведби се потсетивме на делото на големиот автор. И секако живите статуи кои беа одлични. И да не заборавам на центарско ќоше посветено на Горан Стефановски, со прекрасниот мурал којшто е поставен на основно општинско училиште „Коле Неделковски“, рече Герасимовски.
Во емисијата, Герасимовски посочи дека Горан Стефановски е симбол на Центар, симбол на Дебар Маало.
„Преку многубројните настани кои ги организираме доловуваме се што Горан има творено и не ги забораваме и идните генерации. На Боемска улица постојано имаме нешто ново да понудиме, традиционален е и концертот „Нешто што ќе остане“ кој трета година по ред се изведува во Паркот на франкофонија. Имаме „Џез под ламба“, многубројни мурали и графити, а за летниот период веќе го подготвуваме проектот наменет за најмладите „На одмор сум, во Скопје сум“ каде преку игра, песна ќе се дружат сите оние дечиња кои ќе останат за распустот во главниот град, а ќе има и ред други настани кои ќе го разубават секојдневието на центарци“, изјави Герасимовски.