• вторник, 10 март 2026
МИА Општински пул

10 март 2026

Штип – Општина Штип на 16 март, денот на одбележување на една година од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ ќе постави камен темелник за изградба на спомен обележје кај малата фонтана на Градскиот плоштад „Слобода“. Во рамките на спомен обележјето ќе има пет гулаби и еден ангел, а ќе бидат изгравирани и имињата на Филип Ивановски, Дамјан Таневски, Александар Ефремов, Филип Стевановски и  Александар Коларов, кои загинаа во пожарот во „Пулс“. Од Општината велат дека Штип стои заедно со Кочани во овие тешки моменти, обединети во болката, но и во надежта.

Програмата на 16 март во понеделник започнува во 18.30 часот со прием на гости и поставување камен-темелник за изградба на спомен-обележје кај малата фонтана во близина на Градскиот плоштад „Слобода“. Потоа, од 18.40 до 19.10 часот ќе следува палење свеќи во чест на сите починати.

Охрид – Општинската организација на Црвениот крст од Охрид во рамки на своите здравствено-превентивни активности почнува со бесплатно психолошко советување за граѓаните.

Советувањето ќе се одвива во просториите на Црвениот крст -  Охрид, секој петок во периодот од 9 до 12 часот, со претходно закажување.

Заинтересираните лица, можат да закажат термин на телефонскиот број 070 729 615.

Советувањето ќе го реализира Гешталт советничката Мерсиха Исмајлоска. Инаку, Гешталт терапијата е научно заснован психотерапевтски метод со корени во хуманистичката филозофија. Основната цел на гешталт терапијата е поттикнување личен раст, зрелост и автономност преку зголемена свесност за сопствените мисли, чувства и однесување во сегашниот момент...  

Кочани - Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани утринава е добиена дојава за поставена бомба, по што учениците веднаш биле евакуирани. Дојавата е лажна, а во објектот на  училиштето во моментов се наоѓаат службени лица на МВР.

Информацијата за МИА ја потврди директорот на училиштето Драган Трајчев.

-Дојавата во ОУ „Св. Кирил и Методоиј“ била испратена преку електронска пошта  на Центарот за управување на кризи во Штип. Во училиштето трае истрагата и се постапува според протокол за вакви ситуации, информираат од училиштето. 

Скопје - Нов фекален канализационен систем во должина од 800 метри, кој треба да ги собира отпадните води од објектите, се гради во населеното место Мрзенци, Гевгелија.

Со реализацијата на зафатот, по должината на улицата „Александар Бел“ ќе се обезбеди целосно покривање со систем за одведување на отпадни води, велат од општината, а со тоа очекуваат подобрување на комуналната инфраструктура во населеното место.

Општинските власти најавија дека по завршувањето на фекалната канализација, предвидено е да се гради и нов водоснабдителен систем на истата улица.

Остани поврзан