• четврток, 09 јануари 2025

МЖСПП: До почист воздух само со конструктивна соработка и исполнување на обврските од сите засегнати страни

МЖСПП: До почист воздух само со конструктивна соработка и исполнување на обврските од сите засегнати страни

Скопје, 8 јануари 2025 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП)  ги повика сите надлежни нституции, општините и Градот Скопје и општините од Градот поинтензивно да ги извршуваат своите обврски согласно „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025“, како што наведува „во услови на зголемени концентрации на суспендирани честички  со големина до 10 микрометри и 2,5 микрометри на метар кубен и неповолни временски услови што дополнително придонесуваат за зголемување на загадувањето на амбиенталниот воздух“.

Министерството потсетува дека Владата го усвоила Акцискиот план пред почетокот на грејната сезона на предлог на МЖСПП и оти во него се проектирани краткорочни превентивни мерки што ќе овозможат редукција на емисиите од детектираните сектори „што имаат најголем придонес во зголемувањето на емисиите на цврсти честички, а со тоа и високите концентрации, што ги надминуваат пропишаните стандарди“.  

Согласно Акцискиот план, МЖСПП  потсетува дека општинските инспекциски служби треба да ги засилат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на Б-Интегрирани еколошки дозволи и елаборати и позасилена контрола, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи особено во мали сервиси и погони.

-Општините и Градот Скопје со општините, согласно член 27 од Законот за амбиентален воздух и согласано „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025“, имаат обврска да подготват и усвојат краткорочни акциски планови што ќе соодветствуаат на спецификите на секоја општина/град одделно и според кои ќе постапуваат во услови на надминат праг на алармирање. Јавните претпријатија за комунална хигиена на Општините и Градот Скопје за редовно чистење на атмосферските и миење на улици и тротоари. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспектори за урбанизам и градежништво  да спроведат засилени вонредни контроли на градилиштата, соопшти МЖСПП. 

Укажува и дека министерствата за внатрешни работи и за економија и труд и Станиците за технички преглед треба да ги засилат вонредните контроли на станиците за технички преглед на возила, со цел да се утврди дали се спроведува мерење на емисија на издувни гасови, а Министерство за внатрешни работи, односно Сообраќајната полиција да спроведе вонредни контроли на техничка исправност на возилата, особено за оние со дизел горива, и нерегистрирани возила и отстранување на возила од сообраќајот кои се нерегистрирани или чии емисии на издувни гасови не ги задоволуваат пропишаните стандарди.

- Граѓаните што ги затоплуваат домите со огревно дрво правилно да го користат, да не употребуваат пластика, гума, обработено дрво и отпадни материјали во интерес на сопственото здравје и здравјето на другите. Министерството за животна средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, спроведува засилени и вонредни контроли врз индустриските капацитети со А интегрирани еколошки дозволи. Континуирано се следи и квалитетот на воздухот, а јавноста редовно се информира за состојбата и препорачаните мерки за заштита, соопшти МЖСПП за обврските согласно усвоениот Акциски план. 

Според извештаите од Државниот инспекторат за животна средина, посочува МЖСПП, на територија на град Скопје се поминати со вонредни надзори сите субјекти.

-Продолжуваме со ненајавени контроли кај субјекти кои се задолжени со елаборати за животна средина. На Цементарница УСЈЕ се направени два вонредни ненајавени надзора: еден по 19 часот и еден во работно време. Направена е и контрола на отпад кој влегува во УСЈЕ. Досега нема отстапувања во параметрите кои се зададени во А дозволата. Во Струмица, согласно добиените известувања за надминување на прагот за алармирање, вонредни надзори на три субјекти се направени на 2.01.2025 година, еден субјект е задолжен со решение и на уште два субјекта се прават денес, 8.01.2025 година, информира Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Министерството соопшти и дека поголем дел од големите капацитети кои имаат А интегрирана еколошка дозвола на територија на град Скопје, а за кои е надлежен Државниот инспекторат за животна средина, не работат или работат со редуциран капацитет.

-Во моментот комплетно не работат: Макстил АД, Бауер БГ, Гама Градба – Асфалтна база Студеничани, ЈП Улици и патишта, Радком, Филип инженеринг Асфалтна база, Агреад ДООЕЛ Петровец, Асфалтна База Вато ДОО Студеничани Скопје. Во Цементарница УСЈЕ АД Скопје работи само една печка (печка 3), а за 20 дена нема да работат и двете заради ремонтни активности, се наведува во соопштението. 

МЖСПП додава и дека заедно со Владата донеле „Програма против загадување на воздухот 2024-2030“, „со конкретни програмски цели и проектни пакети, кои таргетираат намалување на емисијата на цврсти честички во градовите“.

-Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање работат во правец на воспоставување конструктивна соработка и мобилизација на сите засегнати страни — државни институции, општини, невладини организации и бизнис-секторот за доброто на сите, наведува МЖСПП. хс/дма/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан