• сабота, 23 ноември 2024

Меџити: Северна Македонија има напредок во ублажување на антимикробна резистенција

Меџити: Северна Македонија има напредок во ублажување на антимикробна резистенција

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) - Северна Македонија има напредок во ублажувањето на антимикробната резистенција. Ова го истакнал денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, на панел-дискусијата „Заеднички во спречување на антимикробната отпорност“, во организација на Здружението за одржлив развој БИОМ Скопје и мултисекторската комисија за контрола на антимикробна отпорност при Министерството за здравство (МЗ) и со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО).

- Денес мора да делуваме, ако сакаме утре да имаме лек. Антимикробната резистенција треба да ја решаваме сите заедно. Основата на силните здравствени системи е клучна за спречување на ширењето на заразните болести и поттикнување на нивното искоренување. Областа на безбедна хирургија и третман на рак, зајакната со ефективни антибиотици, се составен дел за управување со ризиците од инфекции. И покрај сите напори, се соочуваме со вознемирувачки предизвик во форма на антимикробна отпорност, што ги загрозува чекорите што ги направивме во минатото со имплементирање на стратегијата за антимикробна отпорност. Овој отпор веќе го бара данокот од јавното здравје, што доведува до зголемена стапка на смртност, постојани инфекции и зголемување на трошоците за здравствена заштита, изјавил министерот.

Во соопштението од МЗ се додава оти тој кажал и дека борбата против антимикробна отпорност наидела на неуспеси за време на Ковид-пандемијата, сведочејќи на пораст на несоодветната употреба на антибиотици. Токму пандемијата, според министерот, го нагласила огромното значење на програмите за заштита и превенција, контрола на антимикробна отпорност.

- Во насока на поддржување на напорите на СЗО и на другите релевантни меѓународни организации, ние како држава го потпишавме документот за прифаќање на патоказот за антимикробна резистенција на СЗО, 2023-2030, во октомври на состанокот на СЗО во Астана, Република Казахстан. Северна Македонија постигна напредок во ублажувањето на антимикробна резистенција. Аспектот „Едно здравје“ за превенција и контрола на АМР бара дополнителни интервенции. Колективната акција е императив за да се справиме со развојот и ширењето на антимикробната отпорност, не само меѓу луѓето, туку и кај животните и во секторот за производство на храна и во областа на животната средина. Овој холистички пристап, што го опфаќа здравјето на луѓето, здравјето на животните, земјоделството и животната средина, е познат како „Едно здравје“, нагласил Меџити.

Во писмената изјава, тој информира оти деновиве потпишал решение за назначување нова мултисекторска комисија за справување со антимикробната ресизистенција во Северна Македонија, составена од експерти и претставници од здравство, ветерина, земјоделство и животна средина, со што, како што додава, се промовира мултисекторскиот пристап на проблемот со антимикробна резистенција во нашата држава, односно пристапот за „Едно здравје“.

- Свесни сме дека ни претстојат големи предизвици, како и секаде во светот, но, важно за нас, е, да се движиме во вистинска насока, дури и со мали чекори некогаш. Сите со заеднички напори да се бориме против оваа таканаречена тивка треска, со спречување на несоодветната употреба на антибиотици и да се справиме со антимикробната резистенција, подвлекува министерот. бд/са/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан