Меѓу спасените 77 мигранти кај грчкиот полуостров Пелопонез уапсени тројца криумчари
- По 8.000 евра платиле мигрантите кои пред три дена беа спасени кај грчкиот полуостров Пелопонез, за од турското крајбрежје во близина на Бодрум да бидат пренесени во Италија, додека пак меѓу 77-те лица се и тројца криумчари, кои биле уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 8 август 2024 (МИА) – По 8.000 евра платиле мигрантите кои пред три дена беа спасени кај грчкиот полуостров Пелопонез, за од турското крајбрежје во близина на Бодрум да бидат пренесени во Италија, додека пак меѓу 77-те лица се и тројца криумчари, кои биле уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.
Од крајбрежната служба на Грција утрово соопштија дека во понеделникот биле информирани за едрилицата која пловела без контрола, по што лицата биле преземени од крузер што се наѓал во близина и безбедно префрлени на пристаништето во градот Каламата.
Меѓу спасените, 36 се мажи, 34 деца, а седум жени.
По спроведената прелиминарна истрага, биле уапсени три лица, двајца мажи и една жена, осомничени дека се криумчари, а според грчките медиуми станува збор за државјани на Иран. ср/
Фото: Крајбрежна служба на Грција