• сабота, 23 ноември 2024

Меркел на 14 септември во Тирана на средба со лидерите на Западен Балкан

Меркел на 14 септември во Тирана на средба со лидерите на Западен Балкан
Тирана, 1 септември 2021 (МИА) - Германската канцеларка Ангела Меркел на 14 септември ќе допатува во неколкучасовна посета на Тирана. Цел на посетата е да се даде нов поттик на Берлинскиот процес започнат во 2014 година, јави дописничката на МИА од Тирана. - Заедно со премиерот Еди Рама, во Тирана, Меркел ќе седне на иста маса со лидерите на другите земји од Западен Балкан кои го прифатија овој процес, чија цел е да ја олесни регионалната соработка помеѓу шесте земји од Западен Балкан. На средбата нема да биде српскиот претседател Александар Вучиќ, бидејќи се работи само за претседатели на влади, пренесува Топ чанел. Се додава дека визијата на оваа иницијатива се базира на помагање и исполнување на критериумите за членство во Европската унија. Најважната компонента на Берлинскиот процес е таканаречената „Агенда за поврзување“, која првично има за цел да ги поврзе шесте земји од Западен Балкан во областа на транспортот и енергетиката. - Самитите одржани во Германија, Австрија, Франција и Италија помогнаа да се воспостави комуникација меѓу балканските лидери, како и да се дизајнираат неколку инфраструктурни проекти. Одобрените проекти за секоја од шесте земји од Западен Балкан се финансирани делумно од механизмите на ЕУ, а делумно од самите нив, наведува телевизијата. Ова е вторпат Меркел да дојде во Тирана, по посетата во јули 2015 година. вт/паг/

Тагови

Остани поврзан