МД „Илинден“-Тирана повторно ја актуализира потребата за 24-часовно функционирање на граничниот премин Требиште - Џепиште
- Македонското друштво „Илинден“-Тирана повторно ја актуализира потребата за 24-часовно работење на граничниот премин Требиште - Џепиште, кај Дебар, барајќи од албанската влада итно решавање на ова прашање.

Дебар, 17 февруари 2025 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана повторно ја актуализира потребата за 24-часовно работење на граничниот премин Требиште - Џепиште, кај Дебар, барајќи од албанската влада итно решавање на ова прашање.
-Бараме од Владата на Република Албанија под итно да го реши долгогодишниот проблем со работното време на граничниот премин Требиште – Џепиште. Тоа значи преминот да работи 24 часа, како што беше договорено од владите на Македонија и Албанија на заедничката владина седница во Поградец на 15 декември 2017 година, како дел од напорите за подобрување на регионалната поврзаност, стои во соопштението на друштвото.
Сепак, и покрај оваа одлука, се додава, граничниот премин и денес функционира, како премин од локален карактер, што подразбира со ограничено работно време што претставува сериозен проблем за жителите на Голо Брдо, особено во зимскиот период, кога ниските температури, снегот и неповолните временски услови дополнително ја ограничуваат нивната комуникација и движење.
- Владите на Македонија и Албанија официјално се согласија дека граничниот премин треба да работи 24 часа. Неспроведувањето на оваа одлука претставува непочитување на билатералните договори. Други гранични премини меѓу Македонија и Албанија функционираат 24 часа, па се прашуваме зошто оваа одлука сè уште не е спроведена и за овој премин и не тера на помислата дека станува збор за дискриминација во однос на другите гранични премини, се посочува во соопштението, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај и Фатри Фетаху координатор на друштвото за оваа област.
Покрај другото се наведува дека областа Голо Брдо е една од најизолираните во Албанија, со лоша патна инфраструктура и ограничен пристап до основни услуги и се нагласува дека овој премин е единствената врска за многумина со блиските македонски градови, заради работа, трговија и други економски активности.
Граничниот премин Требиште - Џепиште, кој ги поврзува областа Голо Брдо со Македонија, беше официјално отворен во мај 2013 година. Бидејќи е од локален карактер, во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот. Право да го користат имаат само жителите од граничниот регион, на двете држави.
Фреквенцијата на преминот е во постојан раст. Според статистиката на македонското МВР, минатата година минале 51.080 патници, од нив странски 48.116 и 2.964 македонски државјани. Споредено со претходната година бројот е поголем за 12.255 патници. вт/дма/
Фото: МИА