МВР Билтен
- СВР - Битола поднесе кривична пријава против Е.У., 37-годишна прилепчанка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

Скопје, 28 март 2025 (МИА) - СВР - Куманово поднесе кривична пријава против А.М., на возраст од 36 години, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и против Џ.Ш., 57-годишно лице и С.М., на 31-годишна возраст, сите од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
На 20.03.2025 во Куманово, првопријавениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија, а се обидел да употреби и остар предмет. Второпријавениот и третопријавената ги попречувале полициските службеници при извршување на службените задачи.
СВР - Штип поднесе кривична пријава против А.В., 19-годишник од Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.
На 23.03.2025 во Македонска Каменица, пријавениот физички нападнал полициски службеник.
СВР - Битола поднесе кривична пријава против Е.У., 37-годишна прилепчанка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Пријавената, од домот на едно лице украла три платежни картички и извршила вкупно 12 трансакции на различни локации.
СВР - Охрид поднесе кривична пријава против М.В., на возраст од 43 години, управител во правно лице од село Горно Добреноец, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“, против С.С., 41-годишно лице - соработник за евиденција на побарувања и обврски во ЈП „Национални шуми“, В.Р., на 58-годишна возраст - финансов оперативец во ЈП „Национални шуми“ и против З.К., 65-годишно лице - поранешен директор во ЈП „Национални шуми“ - Подрачно шумско стопанство Лопушник во Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Во текот на 2022, 2023 и 2024 година, по претходно склучен договор за транспорт на дрвни сортименти помеѓу ЈП „Национални шуми“ и правното лице, првопријавената доставила фактура до ЈП „Национални шуми“ - Подрачно шумско стопанство Лопушник во Кичево, каде внела три испратници за превоз со невистинита содржина за услуга што не била извршена од нивна страна, за реализиран транспорт на дабово огревно дрво. Додека, останатите пријавени со пропуштање на должен надзор не ги увиделе неправилностите и фактурата со невистинита содржина ја примиле, процесуирале и исплатиле и на тој начин нанеле штета на ЈП „Национални шуми“.
СВР - Штип поднесе кривична пријава против Ж.М., 56-годишна жена од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавената, директор на средно училиште во Свети Николе, распишала оглас и на 05.09.2024 вработила лице како наставник со неполно работно време од 18 работни часови. После тоа, во периодот од септември 2024 до март 2025, пријавената од петмина вработени на неопределено работно време, одзела часови по норматив и ги доделила на лицето. Со ваквите дејствија, незаконски му исплатила плата со придонеси во вкупен износ од 174.805 денари, оштетувајќи го Буџетот на Министерството за образование и наука.
СВР - Куманово поднесе кривична пријава против Б.Н., 35-годишно лице од овој град, поради постоење основи за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
На 31.10.2024 во Казнено - поправната установа „Затвор - Куманово“ бил извршен преглед над пријавениот, осуденик во установата, при што биле пронајдени и одземени МДМА таблети.
СВР - Битола поднесе кривична пријава против Д.И., 47-годишно лице од Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“.
На 22.10.2024 во село Белица, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле куршуми со калибар 7,62 милиметри.
Полициски службеници од СВР - Скопје го лишија од слобода И.С., 45-годишно лице од главниот град на државава.
Синоќа околу 21:50 часот во Скопје, на крстосница од улиците „Адем Демачи“ и „Методија Митевски“, со патничко возило „фиат“ со скопски регистарски таблички, удрил во пешакот А.А., на возраст од 57 години од Скопје. Пешакот е пренесен за укажување на лекарска помош во ГОБ „Свети Наум Охридски“, каде му се констатирани тешки телесни повреди. Известен е јавен обвинител, а увид извршила екипа од СВР - Скопје. И.С. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка.
Полициски службеници од СВР - Скопје го лишија од слобода Б.Х., на возраст од 52 години од Република Турција, со живеалиште во Скопје, затоа што вчера околу 17:30 часот во главниот град на државава, на крстосницата од улиците „Филип Втори Македонски“ и „Мирче Ацев“, со патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски таблички, удрил во Л.М., 48-годишна скопјанка.
Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобила Л.М., констатирани во ГОБ „Свети Наум Охридски“. Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР - Скопје, а по наредба на јавен обвинител, возачот е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка.
СВР - Охрид поднесе кривична пријава против П.С., на возраст од 33 години од Струга и С.Ш., 43-годишно лице од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „помагање при вршење на измама“.
Во периодот од 21.11.2024 до 17.12.2024, пријавените измамиле двајца сопружници од Струга и им причиниле материјална штета од 229.000 денари. Тие стапиле во контакт со нив преку социјална мрежа и претставувајќи се лажно како лица кои сакаат да донираат парични средства за лекување на нивниот болен син во странска земја, во неколку наврати им побарале да испратат одредена сума на пари за да може средствата што, наводно, сакаат да ги донираат, да се ослободат од даночните обврски. Откако неколкупати испраќале пари преку автопревозници во Скопје, од сопружниците било побарано да им ги пуштат кодовите за активирање на трансакциските сметки, а откако ги дале кодовите, во наредните неколку денови имале повеќе приливи и одливи од нивните сметки. После тоа, на сметката на оштетениот легнале пари од повеќе финансиски друштва, иако не побарал од ниту едно финансиско друштво да му биде одобрен кредит.
Во текот на вчерашниот ден на различни локации во Скопје полициски службеници ги лишиле од слобода Ф.Ш.(22), Е.А.(33), Т.Т.(31) и В.Т.(47), сите од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела грутчеста материја.
По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР - Струмица до Основното јавно обвинителство - Струмица поднесе кривична пријава против правно лице од Струмица и управителот - Ј.П., на возраст од 59 години од село Секирник, општина Босилово, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.
Во периодот од 01.12.2020 до 31.12.2020, согласно пријавената состојба од вкупно 11.755.927 денари, пријавените имале обврска да пресметаат и уплатат данок на друг доход во вкупен износ од 1.306.083 денари, но, не го уплатиле и за таа сума го оштетиле државниот буџет.
Завчера во осум часот во индустриска зона „Жабени“, битолско, полициски службеници од СВР - Битола го лишиле од слобода В.Б., 25-годишен битолчанец.
Тој бил баран по централна потерница, врз основа на судска наредба, за издржување затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа „Затвор - Битола“ за издржување на казната.
Вчера во 14:15 часот во СВР - Битола било пријавено дека во дворно место во село Крклино, битолско, била пронајдена граната.
Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување - Битола безбедно ја подигнал гранатата и било констатирано дека се работи за артилериска граната со калибар 105 милиметри од Првата светска војна.
Вчера во 17:40 часот, полициски службеници од СВР - Скопје го привеле Д.З., 39-годишник од скопско село, постапувајќи по претходна пријава дека околу 17 часот во семејниот дом физички ги нападнал 73-годишниот татко и 70-годишната сопруга на неговиот татко.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Синоќа во 21 часот во Полициската станица - Кавадарци било пријавено дека на улицата „Страшо Пинџур“ во градот, патничко возило удрило во И.Ш., на возраст од 51 година од овој град и оштетило патничко возило „ренџ ровер“ со кавадаречки регистарски ознаки, паркирано од А.М., на 70-годишна возраст од Кавадарци, по што возилото го напуштило местото.
Притоа, со телесни повреди се здобила И.Ш., констатирани во Општа болница - Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР - Кавадарци и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Синоќа во 23:15 часот во СВР - Скопје, 38-годишна скопјанка пријавила дека на 26.03.2025 околу еден часот на паркинг простор на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот партнер М.Ј., на 27-годишна возраст.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 11 часот во Полициската станица - Бит Пазар, Д.С., 23-годишник од Скопје, пријавил дека била пронајдена неговата сопруга Ж.Е., на возраст од 21 година, за која на 16.03.2025 беше пријавено дека се оддалечила од семејниот дом.
Синоќа во 19:20 часот во Полициската станица - Центар, В.П., 74-годишник од Скопје, пријавил дека од кругот на Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во градот се оддалечил неговиот брат Т.П., на 70-годишна возраст, исто така од овој град.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Денеска во 2:40 часот во Полициската станица - Чаир, В.А., 43-годишен скопјанец, пријавил дека од семејниот дом се оддалечила неговата сестра В.А., на возраст од 33 години од Скопје, а, според пријавеното, можно е да е со лицето Љ.С..
Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. бд/дма/
Фото: МИА архива