• сабота, 23 ноември 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 2 јуни 2024 (МИА) - Полициски службеници од ОВР Неготино вчера со наредба од Основен суд Неготино, извршиле претрес во домот на Ќ.С.(29) во село Корешница, неготинско. При претресот биле пронајдени и одземени марихуана, предмети со остатоци од бела прашкаста материја, како и маневарски куршуми калибар 7.62мм, кои биле одземени од неговиот татко М.С.(51), додека К.С. не бил дома. Со М.С. бил извршен службен разговор во кој тој појаснил дека куршумите се негови, а при извршена проверка било  констатирано дека ги поседува без дозвола. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вчера во 10:00 часот на подрачјето на општина Аеродром го лишиле од слобода Д.М.(29) од Скопје, поради тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од ОВР Гостивар вчера во 15:35 часот ги лишиле од слобода Р.Д.(20) и Х.В.(35), двајцата од Кавадарци, како и Ж.З.(56) од Гостивар. Тие се сомничат дека сториле кривично дело „нелегално поврзување во електрична мрежа и кражба на електрична енергија“, казниво по член 235 од Кривичниот законик. Тројцата се задржани во полициска станица за понатамошна постапка и против нив ќе следува соодветен поднесок.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден  продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 88 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола девет санкции, пет санкции за користење мобилен телефон при возење, четири мерки за минување на затворен сигнал - црвено светло, 11 санкции за управување под дејство на алкохол...

Во СВР Скопје вчера во 6:50 часот било пријавено дека на крстосницата од регионален пат Скопје–Велес со локален пат село Јурумлери–село Долно Лисиче, патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.К.(20), удрило во пешакот С.А.(55), двајцата од село Јурумлери, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Во СВР Куманово вчера во 21:00 часот било пријавено дека на крстосница од улицата „Тоде Мендол“, улицата „Есперанто“ и локален пат за село Романовце, кумановско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“, управувано од А.Д.(24) од Куманово и мотоцикл „јамаха“, управуван од С.О.(21) од Куманово, двете со кумановски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоцикл, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово.

Во ОВР Струга вчера во 9:40 часот било пријавено дека на улицата „Пабло Неруда“ во Струга патничко возило „опел“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Е.М.(21) од село Радолишта, струшко, удрило во пешакот С.Д.(68) од село Долна Белица, струшко, по што го напуштило местото. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Струга.

Вчера во 7:40 часот било пријавено дека на улицата „Илинденска“ во Пехчево товарно возило „мерцедес“ со беровски регистарски ознаки, управувано од Д.П.(64), удрило во пешакот А.В.(66), двајцата од Пехчево. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во ЈЗУ Здравствен дом Пехчево. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Берово.

С.С.(42) од Охрид вчера во 19:45 часот во Полициската станица Центар пријавила дека на улицата „Орце Николов“ во Скопје била касната од куче скитник.

С.Д.(47) од Скопје вчера во 21:00 часот во Полициската станица Аеродром пријавил дека на кеј на реката Вардар неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.вј/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан