• недела, 28 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Во 19 часот синоќа полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при ОВР Кавадарци ги лишиле од слобода З.П.(56) и Б.П.(33) од село Сирково, кавадаречко. При претрес во нивниот семеен дом, извршен со наредба од Основен суд Кавадарци, кај З.П. биле пронајдени и одземени две воздушни пушки, сигнален пиштол, повеќе сигнални куршуми, повеќе куршуми за ловечка пушка, кутија со сачми и барут и алатки за изработка на муниција. Додека кај Б.П. биле пронајдени и одземени повеќе ловечки патрони. Лицата биле приведени во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Вчера околу 11.50 часот на улицаta „18 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово - Одделение за внатрешни работи Гостивар, со судска наредба и по распишана потерница, го привеле 42-годишниот гостиварец М.Х. за издржување на притвор од 30 дена за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“, казниво по член 216 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа „Затвор Скопје“ за издржување на мерката.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.У.(20) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 10.03.2024 во 03.40 часот, тој со уште едно лице, со запалива течност предизвикал пожар во угостителски објект на булеварот  „Туристичка“ во Охрид. Судија на претходна постапка на М.У. му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, по што е префрлен во Казнено - поправната установа „Затвор Охрид“ за издржување на мерката.

Вчера од 10 до 15 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово спроведена е акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз. При контролата откриени и санкционирани се 2 возила (ТЕ-1 и ГВ-1) со неисправни сопирачки и 1 возило (ТЕ) со истечена регистрација. Неисправните возила веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се предвидените поднесоци со парични глоби од 400 евра за физичко, 2.000 евра за правно лице и плус 500 евра во денарска противвредност за неговото одговорно лице. Во вчерашната контрола, исто така, санкционирани се и 2 возачи (ТЕ) кои управувале возило без положен возачки испит, 10 возачи (ТЕ) кои непрописно ги паркирале нивните возила, од кои 5 возила биле и подигнати од тетовската „пајак-служба“, како и 12 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-10 и ГВ-2).

Вчера од 10 до 14 часот на подрачјето на Струга извршени се засилени сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници затекнале и санкционирале 21 возач кои управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената - 06 надвор од населено место, 15 во населено место.

Вчера на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 17 прекршоци, од кои 9 надвор од населено место и 8 во населено место. Санкционирани биле и 36 други видови на прекршоци.

Синоќа околу 20 часот на улица „Гоце Делчев“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово - Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 50-годишниот А.Т. од Република Албанија. Тој претходно бил пријавен од 54-годишен гостиварец дека на 14 и 15 овој месец во Гостивар, во два наврати, се доближувал на неговата малолетна ќерка и ја допирал по телото. А.Т. е задржан во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што против него ќе следува соодветен поднесок.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.Џ.(47) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, од личен профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ во повеќе наврати објавувал коментари со заканувачка и навредлива содржина.

Во неделата околу 17.30 часот во атарот на тетовското село Доброште, во месноста „Орман“, малолетник од ова село, управувајќи четирицикл со тетовски регистарски ознаки, сопственост на неговиот татко, изгубил контрола движејќи се по нивите, паднал и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во тетовската Kлиничка болница, додека сопатникот, исто така, малолетник, се здобил со телесни повреди. Увид на местото вчера, 18 март, извршила екипа од СВР Тетово.

Рано изутринава во 00.30 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода П.К.(40) од Битола. Тој се сомничи дека синоќа околу 23.35 часот со трактор оштетил влезна врата на казино во Битола, како и неколку столбчиња пред влезот на казиното. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 14.25 часот на улица „Марко Цепенков“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го привеле Ј.М.(46) од Охрид затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. При приведувањето бил извршен преглед кај него, при што била пронајдена и одземена марихуана. Во врска со настанот, Ј.М. пријавил дека, при преземањето мерки кон него, полициските службеници употребиле прекумерна сила, при што се здобил со тешки телесни повреди. За настанот биле известени јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионалним стандарди при МВР. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска во 02.30 часот во СВР Скопје, 50 - годишна жена пријавила дека на 16 март околу 14 часот во скопско била физички нападната од нејзиниот партнер М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 23.15 часот во СВР Скопје, М.К.(31) од селото Кучевиште, скопско, пријавил дека околу 22.30 часот пред угостителски објект во селото бил физички нападнат од А.К.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 10.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Е.Х.(48) и Е.Р.(67), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 21 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа „Затвор Идризово“ било пријавено дека А.Ѓ.(23) со остар предмет бил нападнат од Р.Р.(35), двајцата осуденици од установата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во СВР Битола, В.Ѓ.(35) од Битола пријавил дека кај месната заедница „Тодор Ангелевски” во Битола бил каснат од куче скитник.

Вчера во СВР Битола, М.К.(23) од Битола пријавила дека во село Долно Оризари, битолско, била касната од куче скутник.

Вчера во 17.50 часот во СВР Тетово, 40 - годишен жител на тетовска Брвеница пријавил дека неговата малолетна ќерка во селото била касната од куче скитник.

Синоќа во 19 часот во СВР Тетово, 42-годишната тетовка М.С. пријавила дека на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Вчера во 14.30 часот во СВР Тетово, 50 - годишниот Б.С. од скопско пријавил дека на улица „101“ во Гостивар бил каснат од куче скитник.

ОВР Неготино поднесе кривична пријава против Д.Ѓ.(20), Н.Ј.(23) и К.Р.(22), тројцата од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“, казниво по член 237 од Кривичниот законик. На 25 февруари, пријавените со закана со пиштол кон вработените од казино во Неготино одзеле пари.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Џ.С.(33), Д.С.(31) и малолетник, сите од село Слатино, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 20 јануари, пријавените физички го нападнале А.А. од село Слатино и му нанеле повреди.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против малолетник од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 05.07.2023 година пред угостителски објект во Тетово, пријавениот физички нападнал друг малолетник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Д. од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 17 јануари, пријавениот во угостителски објект во Тетово физички го нападнал З.Р..

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.С.(20) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање на промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во село Сингелиќ, скопско, при што биле пронајдени и одземени хероин, марихуана и дигитални ваги.

СВР Велес поднесе кривична пријава против Т.А.(28) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 13 март, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин и две дигитални ваги.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.Т.(36) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ и „давање лажен исказ“. На 30.11.2023 на социјална мрежа „Фејсбук“, на објава на портал, објавил коментар со кој поттикнал омраза и нетрпеливост. Во службен разговор во полициска станица, пријавениот изјавил дека му бил хакиран профилот на социјалната мрежа, но, било утврдено дека дал лажен исказ.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против И.П.(45) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“. Пријавениот, подолг временски период ги оставал без храна и вода домашните животни во неговата фарма, што било потврдено при обдукција на дел од животните.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.Ф.(57) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 10.04.2023 на регионален пат Тетово - Пирок, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило, кое го управувал пријавениот, при што констатирале дека врши јавен превоз на патници без да поседува лиценца. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан