• четврток, 26 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 28 април 2024 (МИА) - Единицата за внатрешни работи Аеродром и Драчево при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Љ.Г.(21) и А.К.(42), двајцата од Србија. Тие се сомничат дека во изминатиот период извршиле шест кривични дела „тешка кражба“ и едно кривично дело „кражба“ на велосипеди на подрачјето на општина Аеродром. Двете лица се лишени од слобода, а украдените велосипеди се пронајдени кај пријавените и вратени на сопствениците.

Полициски службеници од Полициска станица Гостивар вчера во 11:45 часот на улицата „Беличица“ во Гостивар го привеле Ш.Д.(41) од Албанија, поради непријавен престој и работење во фирма во Гостивар без потребната дозвола. Против него ќе следува соодветен поднесок.

На локален пат од село Конче кон село Лубница, општина Конче вчера во 18:20 часот се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од В.И.(32) од село Лубница, општина Конче и трактор „имт 533“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од С.Г.(47) од село Конче. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот, констатирани во Клинички центар Штип, а увид на местото извршила екипа на Полициската станица Радовиш.

Полициски службеници од СВР Скопје вчера во 23:40 часот на подрачјето на Центар го лишиле од слобода М.З.(40) од Скопје, поради тоа што околу 22:00 часот, пред угостителски објект каде бил вработен, со остар предмет ги нападнал Д.С.(37) и С.М. двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во СВР Куманово, 72-годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лица за сума од 6.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ понудило огревни дрва и откако се договориле и таа му ги дала парите, тоа ѝ кажало дека дрвата ќе ги донесе од складот во кој наводно се наоѓаат, но не се вратило, по што сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Велес вчера во 16:50 часот било пријавено дека на улица „Димко Најдов“ во Велес, пред Стар мост, мотоцикл „интајлер“ со велешки регистарски ознаки, управуван од С.Г.(38) удрил во велосипед, управуван од Н.Б.(70), и двајцата од Велес. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на велосипедот Н.Б., а со телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот С.Г., констатирани во болницата во Велес. По овластување на јавен обвинител увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.

М.И.(30) од Скопје утрово во 5:50 часот во СВР Скопје пријавил дека околу 2:40 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од неколку лица при што му бил одземен мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 13:00 часот во СВР Скопје, 32-годишна жена пријави дека во домот на подрачјето на Гази Баба во Скопје била физички нападната од нејзиниот сопруг А.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Скопје вчера во 8:00 часот било пријавено дека на подрачјето на Центар настанал пожар во стан сопственост на А.С. во кој бил опожарен дел од покуќнината. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Полициски службеници од СВР Скопје вчера во 5:00 часот на подрачјето на Кисела Вода ги привеле К.Т.Ц.(27), А.Ј.М.(25), Д.М.(24) и М.А.Ј.(24), сите од САД, поради тоа што го нарушиле јавниот ред и мир со вербална расправија која преминала во физичка пресметка, а дел од нив агресивно се однесувале и кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

И.Д.(42) вчера во 22:00 часот пријавил дека во Виница бил физички нападнат од Д.М.(23), двајцата од Виница. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

С.Т.(42) од Битола вчера во 17:50 часот во СВР Битола пријавил дека додека извршувал земјоделски работи во село Долно Агларци, Општина Новаци, пронашол артилериска граната кал.75 мм од Првата светска војна. Денеска од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување гранатата била безбедно подигната и предадена за понатамошна постапка.

Полициски службеници од ОВР Прилеп синоќа во 1:30 часот ги привеле О.П(34), Д.Т.(41) и Ф.С.(28) сите од Прилеп, затоа што пред угостителски објект во Прилеп го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Охрид синоќа во 1:40 часот е пријавено дека во Општата болница во Охрид со телесна повредa од остар предмет бил донесен С.Х.(33) од Скопје. Според негово кажување тој самиот се повредил. Полициски службеници излегле на местото и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

А.Н.(39) од Скопје вчера во 23:40 часот во СВР Скопје пријавила дека на 07.04.2024 околу 21:20 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје нејзиниот малолетен син бил пресретнат од едно лице кое со закана почнало да му пребарува по џебовите, а откако не нашло ништо, физички го нападнало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 10:40 часот било пријавено дека на Граничниот премин Белановце, патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од И.А.(72) од Косово, со живеалиште во село Долно Коњаре, кумановско, удрило во ѕид од објект, сопственост на Царинската управа на РСМ. Според пријавеното, на возачот му откажале сопирачките на возилото. Повредени лица нема, а увид извршила увидна екипа на СВР Куманово.

Г.А.(41) од Тетово вчера во 21:50 часот во СВР Тетово пријавил дека на улицата „180“ во Тетово неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник. вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан