• понеделник, 23 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 11 септември 2023 (МИА) - Полициски службеници од ОВР Кичево вчера во 19:35 часот на магистралниот пат Кичево-Гостивар, во близина на кичевското село Зајас, го лишиле од слобода А.Ј.(59) од Охрид. Тој, по сторен сообраќаен прекршок, во личните исправи што им ги дал на полициските службеници, ставил пари како поткуп, кои веднаш му биле вратени. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Танушевци при Регионалниот центар за гранични работи Север, вчера во 18:40 часот кај место викано „Две реки“ на Скопска Црна Гора, во содејство со полициски службеници од Полициското одделение Мирковци, го лишиле од слобода С.А.(47) од село Брест, општина Чучер Сандево. Имено, на наведеното место тој бил затекнат во непосредна близина на товарно возило „мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки и товарно возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, кои биле натоварени со огревно дрво без жиг и без соодветна документација за транспорт. За настанот било известено Јавното претпријатие „Национални шуми“, а лицето и возилата биле предадени во Полициското одделение Мирковци за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На автопатот А1, во близина на надвозник „Негорци“, во правец од Гевгелија кон село Прдејци, вчера во 11:10 часот по даден знак за запирање на патничко возило „мазда“, со скопски регистарски ознаки од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен премин Богородица, возачот на возилото „мазда“ го запрел возилото и го напуштил местото. Во возилото биле пронајдени 9 лица мигранти, од кои две од Ирак и седум од Сирија. Со нив бил извршен службен разговорот, по што биле сместени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Во СВР Тетово вчера околу 23:10 часот биле задржани Е.Е.(25), Д.Д.(33), С.Ќ.(48) и Х.З.(41), сите од Република Косово, поради сомнение дека илегално влегле во нашата земја. Се расчистува и документира случајот по што ќе следува соодветен поднесок. 

Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на целата држава за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што се санкционирани 339 возачи. Од нив, 14 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле дури со 70 километри на час над дозволеното. Притоа, 140 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 199 надвор од населено место. 

На подрачјето на ОВР Кичево вчера во периодот од 16:00 до 21:00 часот реализирана е акциска контрола во патниот сообраќај. Притоа, полициските службеници, затекнале и санкционирале 17 возачи кои во населено место управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената. 

Во СВР Тетово вчера во 15:30 часот било пријавено дека во месноста „Церипашина“ на Попова Шапка, четирицикл „кавасаки“ со тетовски регистарски ознаки, управуван од 44-годишниот тетовец А.Х., на кој се превезувала и 41-годишната тетовка Е.Х., се превртел. Во несреќата, двете лица се здобиле со повреди и биле пренесени во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово. 

Р.Д.(33) од Скопје утринава во 2:40 часот во СВР Скопје пријавила дека околу 0:30 часот во клуб за игри на среќа на подрачјето на Центар била физички нападната од женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Во СВР Скопје вчера во 21:30 часот било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.П.(42) и М.Н.(28), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

Ф.М.(23) вчера во 17:15 часот во СВР Скопје пријавил дека на работното место во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од С.Т., кој бил гостин во објектот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

39 - годишна жена вчера во 12:00 часот во Полициската станица Центар пријавила дека била физички нападната од нејзиниот партнер А.А.(44) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Ш.Ш.(45) од Скопје вчера во 15:00 часот во СВР Скопје пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од Р.Е.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Г.С.(48) од Скопје вчера во 7:45 часот во СВР Скопје пријавил дека на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Б.И.(46) од село Крушопек, скопско. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

40 - годишна жена вчера во 0:20 часот во СВР Скопје пријавила дека на подрачјето на Аеродром била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Б.С.(39) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

И.Б.(44) од населбата Илинден вчера во 15:00 часот во Полициското одделение Петровец пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот син Б.Б.(17), кој имал здравствени проблеми, а кој и претходно се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.вј/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан