• среда, 25 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - СВР - Струмица - ОВР - Гевгелија до Основното јавно обвинителство - Гевгелија, поднесе кривична пријава против Б.Ш. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 и „бесправно градење“ по член 244 - а од Кривичниот законик.

Пријавениот, во својство на градоначалник на една општина, во периодот од 02.03.2021 година до 23.09.2021 година, ги пречекорил границите на своето службено постапување на начин што постапил спротивно на член III од Годишната програма за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локални патишта во општината за 2021 година. Имено, со средства од буџетот на општината, пријавениот извршил изградба на крак од улица, што не била дел од годишната програма за изградба, реконструкција и одржување на локални патишта во општината. На тој начин, пријавениот Б.Ш. нанел штета на буџетот на општината и ги сторил кривичните дела.

Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културно наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство - Скопје, поднесе кривична пријава против А.С., 28-годишно лице од главниот град на државата, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.

На 17.07.2024, врз основа на наредба од Основен кривичен суд - Скопје, бил извршен претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени полуавтоматско оружје - пиштол „заводи црвена застава“ калибар 9 мм, куршуми со калибар 7,65 мм и чаура 7,65 мм.        

ОВР - Кичево поднесе кривична пријава против Г.М., 48-годишно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет  наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

При извршен преглед кај пријавениот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР - Кичево, пронајдоа и одзедоа марихуана.

Синоќа во 23 часот во ОВР - Кичево, пријавено е дека во кичевската населба „Иванидол“ била пронајдена граната.

Од овластено лице од Дирекцијата за заштита и спасување, гранатата денеска била безбедно подигната и предадена за натамошна постапка.

Вчера во 18:45 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР - Скопје - Полициска станица - Карпош, привеле седум малолетници од главниот град на државава и од скопско, поради сомнение дека физички нападнале 17-годишник.

Притоа, кај еден од малолетниците од село Грчец, бил пронајден и одземен метален боксирач. По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Вчера во СВР - Куманово било пријавено дека по завршување на фудбалски натпревар од втората фудбалска лига помеѓу екипите на Башкими и Беласица, на стадионот на Башкими, судиите биле попречувани да влезат во нивните службени соблекувални.

По интервенција на полициските службеници, судиите влегле во соблекувалните, а откако го напуштиле стадионот, забележале дека возилото „фиат браво“ со скопски регистерски таблички, сопственост на еден од судиите, било оштетено. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 17 часот во ОВР - Неготино било пријавено дека по завршување на фудбалскиот натпревар од втората фудбалска лига на Градскиот стадион во градот, помеѓу екипите на Вардар - Неготино и Охрид, голманот на гостинската екипа, А.М. бил физички нападнат од К.П., на возраст од 45 години од Неготино.

По документирање на настанот, против К.П. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска во 4:10 часот во СВР - Скопје било пријавено дека во казино на подрачјето на Кисела Вода, В.Н., на возраст од 38 години бил физички нападнат од С.М., 40-годишно лице, двајцата скопјани.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.    

Денеска во 00:30 часот во СВР - Скопје, М.З., на возраст од 44 години и И.О, 43-годишно лице, двајцата скопјани, пријавиле дека околу 21 часот, пред казино на подрачјето на Центар, нивните малолетни синови биле физички нападнати од неколку лица, кои употребиле и тврди предмети.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок. 

Денеска во 2:30 часот во СВР - Скопје, Р.Д., 48-годишен скопјанец, пријавил дека околу 22.15 часот на подрачјето на Центар, тој и неговиот малолетен син биле физички нападнати од неколку лица.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 18 часот во СВР - Скопје, 20-годишна скопјанка пријавила дека околу 9:30 часот во семејниот дом на подрачјето на Гази Баба, нејзиниот братучед Б.А., на возраст од 22 години ѝ се заканил со остар предмет, оштетил дел од покуќнината и се обидел да го нападне нејзиниот сопруг.

Потоа во дворот физички ја нападнал неа, како и соседите Ѓ.И.(41), А.Д.(48) и А.М.(63). Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Вчера во 13:15 часот во СВР - Скопје, Д.Ш., на возраст од 51 година од Република Србија, пријавила дека околу 5:30 часот, пред влез на станбена зграда на подрачјето на Бит Пазар, била физички нападната од едно лице, кое употребило и тврд предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 14:10 часот во ОВР - Виница, Т.А.Д., 50-годишна жена од овој град, пријавила дека претходниот ден, на работното место во средно училиште во градот, била физички нападната од колегата М.С..

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 13:30 часот во СВР - Скопје, 39-годишна скопјанка пријавила дека околу осум часот во семејната куќа на подрачјето на Кисела Вода, по претходна расправија, била физички нападната од Т.Н., татко на нејзиниот вонбрачен сопруг.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 14:30 часот во СВР - Скопје, Т.К., 54-годишен скопјанец, пријавил дека претходниот ден, околу 11 часот во основно училиште на подрачјето на Мирковци, скопско, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 20:45 часот во СВР - Скопје, 58-годишен скопјанец пријавил дека околу 20:30 часот во дворот на семејната куќа на подрачјето на Шуто Оризари, бил физички нападнат од неговиот син О.Р., на возраст од 41 година.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 10:15 часот во СВР - Скопје било пријавено дека во село Ајватовци ,општина Илинден, настанал пожар во викенд куќа, сопственост на С.А.. 71-годишно лице од главниот град на државава.

Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита - Скопје, пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен бил увид.

Рано изутрина во 2:50 часот во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР - Скопје го лишиле од слобода Б.М.Ѓ., 38-годишен скопјанец, затоа што со остар предмет се заканувал на полициски службеници, кои извршувале службени дејствија.

Вчера во 8:25 часот во СВР - Скопје, пријавено било дека околу осум часот во семејниот дом на подрачјето на Драчево, пронајден бил починат Д.С., 56-годишен скопјанец.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

Вчера во 14:29 часот во СВР - Скопје било пријавено дека во една просторија во основно училиште во населба Илинден, пронајдена била почината С.М., 50-годишна скопјанка, вработена во училиштето.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатата било дадено на обдукција.

Вчера во 11:30 часот во атар на село Кривци, дебарско, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор - Дебар го привеле М.К., 41-годишник од Република Албанија, затоа што било констатирано дека незаконски престојувал во државата.

Тој бил предаден на полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија - Дебар за понтамошна постапка.

На 24 септември во 23.31 часот во СВР - Штип, А.М., 33-годишник од штипско Чардаклија, пријавил дека на 21-ви овој месец, околу 20 часот на паркинг-просторот во градот, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Во ОВР - Свети Николе, Ч.С., 47-годишник од село Долно Којнаре, кумановско, пријавил дека на 23 септември во 6:30 часот во Свети Николе бил физички нападнат од Т.И. од Свети Николе.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во 9:15 часот во Полициската станица - Кочани, Р.К., 59-годишник од скопско Визбегово, пријавил дека од дома се оддалечила неговата сопруга З.Р., на возраст од 52 години.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Синоќа во 20:30 часот во Полициската станица - Шуто Оризари, Ф.Ј., 34-годишник од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот штитеник М.А., на возраст од 13 години.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Денеска во 4:30 часот во Полициската станица - Кавадарци, Д.Т., 22-годишен кавадарчанец, пријавил дека на улицата „Пиринска“ бил каснат од куче скитник.

Вчера во 9:35 часот во Полициската станица - Велес, Ж.П., 38-годишник од овој град, пријавил дека на улицата „Благој Ѓорев“ бил каснат од куче скитник.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против Г.Ц., на возраст од 52 години и Р.С., 29-годишно лице, двајцата од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 07.07.2024, по претходно нерасчистени должничко - доверителски односи, пријавените го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка.

СВР - Охрид поднесе кривична пријава против Г.М., на возраст од 48 години од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 10.11.2023, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило во кое пријавениот бил сопатник, при што под неговото седиште била пронајдена и одземена марихуана.

ОВР - Радовиш поднесе кривична пријава против Д.Л., 39-годишник од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба наркотични дроги“.

На 06.10.2023, полициски службеници извршиле претрес на домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана, од која му овозможил на друго лице да користи.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Свети Николе поднесе кривична пријава против Д.А., 32-годишник од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“.

На 16.04.2024 на место викано „Кантонче“ бил затекнат пријавениот со уште едно друго лице, кои користеле кокаин, кој претходно го набавил пријавениот.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против В.П., 35-годишно лице од село Радиовце, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „незаконит лов“ и против Н.Г., на 44-годишна возраст од селото, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконит лов“.

На 24.10.2023 на локалниот пат од село Радиовце кон браната на река Вардар, полициски службеници забележале патничко возило „мерцедес“ во кое на задното седиште имало две ловечки пушки „заводи црвена застава“ со калибар 12мм. По кратко време, кај возилото пристигнале пријавените, кои изјавиле дека возилото и пушките се нивни и дека за нив не поседуваат документи. По извршена проверка, кај првопријавениот биле пронајдени шест куршуми за ловечка пушка со калибар 12мм, а кај второпријавениот биле пронајдени три куршуми за ловечка пушка со калибар 12мм, по што пријавените биле лишени од слобода.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против Б.Б., 22-годишно лице од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“.

На 23.03.2024, полициски службеници извршиле контрола на правен субјект од Тетово, во сопственост на пријавениот, при што биле затекнати К.С. и пријавениот, а при контрола во неговиот мобилен телефон, било констатирано дека во апликација во телефонот имало список на долгови од лица, кои му должеле вкупно 390.000 денари, како и други пораки во кои се гледа дека бил посредник на онлајн игри на среќа без поседување на лиценца. бд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан