• сабота, 23 ноември 2024

Мас: Германија и ЕУ се солидарни со Грција, потребна е деескалација и волја за искрен дијалог од Турција

Мас: Германија и ЕУ се солидарни со Грција, потребна е деескалација и волја за искрен дијалог од Турција
Атина, 25 август 2020 (МИА) – Овде сум со две пораки, првата дека Германија и целата Европска Унија се со Грција со чувство на солидарност и втората исто толку важна порака е дека она што сега итно ни е потребно е знак за деескалација и намера, волја за дијалог под предусловите што ги поставува меѓународното право, рече министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина. Акцентот на разговорите на двајцата шефови на дипломатиите бил ставен на ситуацијата во Источниот Медитеран, со оглед на тоа дека Мас од Атина заминува за Анкара на средби со турскиот државен врв. Хајко Мас ја изрази германската поддршка и подготвеноста да помогне и придонесе за искрен дијалог меѓу Грција и Турција врз основа на меѓународното право и во рамките на германското претедателство со ЕУ. -Се надевам чекор по чекор да стигнеме до напредок и да ја постигнеме целта, а целта на сите нас, според она што ми го потенцира секоја страна е на крајот од процесот да постои решение, решение не со употреба на сила или воено решение, туку да биде решение на добрососедски односи, рече Мас. Шефот на грчката дипломатија ја изрази и ја повтори подготвеноста на Грција за дијалог, но не како што рече, „дијалог под закани или провокации“, додавајќи дека за дијалог е потребен веродостоен соговорник и истакнувајќи дека Турција продолжува со провокациите и ескалацијата. -Очигледно е дека ризикот во Источниот Медитеран ги надминува границите на билатерални разлики, се однесува на целата Европска унија, на целото европско семејство, се однесува на суверените права на Европската унија, се однесува на безбедноста на Европската унија, се однесува на безбедноста во Медитеранот, се однесува на кредибилитетот на Европската унија и затоа нема простор за двојни стандарди, рече Дендиас и истакна дека Грција ќе ги одбрани нејзиниот суверенитет и нејзините суверени права, како и „националните и европските граници и суверенитетот на Европа“. Додаде дека Грција ја очекува листата од Борел со санкции за Турција. Шефот на германската дипломатија претходно се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и со лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас. На средбата Мицотакис – Мас, според грчки владини извори, била истакната потребата за деескалација на турската провокација за да се намали тензијата во регионот. За иницијативата на Германија како претседавач со ЕУ,  истите извори коментираат дека тоа придонесува позитивно во оваа насока. ср/

Остани поврзан