• понеделник, 16 декември 2024

"Марш за живот" во Тирана против предлог-законот "Сексуален живот и репродукција"

Тирана, 1 јуни 2024 (МИА) - Албанската коалиција „За семејство и живот" денеска во Тирана,  организираше "Марш за живот" во знак на несогласување со предлог-законот "Сексуален живот и репродукција".

Учествуваа родители со нивните деца, баби и дедовци, млади луѓе, претставници на  албанската коалиција за семејство и живот, кои беа и организатори. Тие мирно маршираа од плоштадот „Скендербег“ до плоштадот „Мајка Тереза“ во одбрана на семејството и прославата на животот на Меѓународниот ден на детето, објави Топ чанел.

Со транспаренти за живот и за традиционално семејство, држејќи во раце балони и цвеќиња, тие порачаа дека семејството е светост.

Тоа е закон против Бог, античовечки, против плодноста. Има сурогат мајки кои живеат во станови во Албанија, а тоа што се прави на црно, бараат да се легализира. Овој закон е за чист бизнис и ја претвора Албанија во земја на трговија со луѓе, обвинуваат учесниците.

Луѓето што протестираа денеска потпишааа петицијата „Манифест на животот“, која ќе  биде доставена до албанскиот Парламент за отфрлање и не ставање на дневен ред на предлог- законот.

Со него се предвидува сурогат мајчинство, абортус за 16-годишни девојчиња без знаење на родителите, стерилизација на млади 18-годишни девојки и 23-годишни момчиња, како мерка за планирање на семејството.

Министерството за здравство го подготви предлог-законот „За сексуално и репродуктивно здравје“ образложувајќи дека има за цел да ги гарантира сексуалните и репродуктивните права на поединците. 

Против ваков закон веќе се изјаснија првите луѓе на верските заедници во земјата. вт/сд/


Фото: принтскрин

 

Остани поврзан