• вторник, 24 декември 2024

Мартин Костовски: Со однесувањето во Собранието ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не ги интересира ни ЕУ, ни влез на земјата во Унијата

Мартин Костовски: Со однесувањето во Собранието ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не ги интересира ни ЕУ, ни влез на земјата во Унијата
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци бараа дебата за францускиот предлог, а кога тој стигна овде во Собранието и кога треба да усвоиме заклучоци, тие не дозволуваат ниту да се дебатира по него, изјави денеска на прес конференција во Собранието, пратеникот на СДСМ Мартин Костовски, додавајќи дека последните случувања во собраниската сала покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија на блокатори, лицемери и насилници. - Палат хартии, свират, врескаат, се закануваат само со една цел народот да на ја чуе вистината, а тоа е дека со последниот предлог имаме чиста формулација на македонскиот јазик и историски прашања надвор од преговарачкиот процес, додаде Костовски. Тој потенцира дека собранието не е месен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, туку највисок законодавен дом. - Ова ли е партија која наводно е за интеграција во ЕУ? Наместо дебата, аргументи, тие го резилат Собранието, ја резилат државата пред високи претставници на ЕУ и пред целата европска јавност, додаде Костовски. Според него, со ваквото однесување пратениците на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека ниту ги интересира ЕУ, ниту сакаат влез на земјата во Унијата. - Тие сакаат да се вратат назад во времето на Никола Груевски, да не затворат назад во минатото, да не заробат без иднина и без припадност во Европа, потенцира пратеникот на СДСМ. Тој истакна дека со старт на преговорите со ЕУ државата оди напред и нема враќање назад во режим и изолација. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се нервозни и уплашени. ВМРО-ДПМНЕ ниту може, ниту сака да ја води државата напред. Затоа не сакаат дебата и затоа додека ЕУ вели дека јазикот и идентитетот се заштитени, тие палат хартии во Собранието, фрлаат јајца врз објектот. Додека ЕУ вели сакаме да ве видиме внатре во Унијата, тие викаат НЕ. Според него, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можат да свират, да кршат и да се закануваат, но државата и без нив оди напред. - Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе останат запаметени дека остануваат на спротивната страна од државните интереси, одбработувајќи за туѓи центри на моќ на штета на интересите на граѓаните. Ќе оставиме историјата да суди, а ние знаеме дека сме на вистинската страна на историјата. Ќе победи европска Македонија, нагласи Костовски. сп/

Остани поврзан