• петок, 08 ноември 2024

Маричиќ на Форумот во Брисел: Среде кризи ЕУ ја засилува соработката за заедничко надминување на предизвиците 

Маричиќ на Форумот во Брисел: Среде кризи ЕУ ја засилува соработката за заедничко надминување на предизвиците 

Брисел, 25 октомври 2023 (МИА) - Образованието и младите се столбови за развој на човечкиот капитал и ние како држава која започна преговори за пристап во ЕУ, нашиот фокус на образованието и истражувањето го усогласуваме со посветеноста на Унијата за инклузивен економски развој, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во обраќањето на лидерската сесија за образование и истражување на дводневниот Форум „Глобална порта“, што денеска започна во Брисел. 

- Среде енергетски и воени кризи, мисијата на ЕУ и нејзините партнери е да се засили блиската соработка и заеднички да ги надминуваме предизвиците, истакна Маричиќ на сесијата насловена „Посилни заедно преку одржливи инвестиции“. 

Тој посочи дека активното учество на земјава во програмата Еразмус+ и во Европскиот корпус за солидарност, го збогати нашиот образовен и младински сектор. 

Според Маричиќ, шемата за гаранции за млади поттикнува успешни приказни во високото образование и програмите за мобилност на ЕУ. 

- Нашата посветеност на поврзувањето и соработката не придонесуваат само за нашите ЕУ интеграции, туку и за глобалната мрежа на исти вредности и цели за одржлив напредок. Тие кои соработуваат ќе се движат напред и ќе имаат позитивни резултати во секоја област. Трендот е јасен – инвестирањето во човечки капитал од најмала возраст го максимизира потенцијалот, заклучи Маричиќ. сп/  

Фото: Фејсбук  

Остани поврзан