• вторник, 24 декември 2024

Маричиќ: Во преговорите со ЕУ јазикот е црвената линија од која немаме намера ниту право да отстапиме

Маричиќ: Во преговорите со ЕУ јазикот е црвената линија од која немаме намера ниту право да отстапиме

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина е трајна порака на Коневски и еден вид на аманет, која во денешниот контекст е многу поважен и многу поголем товар за сите нас, а особено за институциите. Ние тоа го сфативме и како политичка агенда бидејќи во сите преговори со ЕУ, во сите преговори конкртетно со Бугарија секогаш клучна црвена линија ни бил македонскиот јазик и никогаш не отстапивме од тоа и немаме намера ниту право да отстапиме од такво нешто.

Ова го истакна заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, на панел-дискусијата посветена на афирмацијата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо по повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик.

-Токму затоа успеавме македонскиот јазик да го вметнеме во преговарачката рамка како јазик на кој што треба да се преведе целото европско законодавство и на кој што веќе се преведува, и како јазик на кој што ги потпишуваме договорите со ЕУ, како што е договорот со Фронтекс. Тоа е доказ дека вреди да се бориме за јазикот и дека така ќе го зачуваме како наша татковина, подвлече Маричиќ. 

Тој додава дека во ЕУ јазикот е дел од идентитетот и се негува како вредност, токму затоа, вели, инсистираме на тоа дека во процесот на зачленување кон ЕУ мора јазикот да ни биде заштитен и затоа во тој процес како Секретаријат вложуваат многу во доследен превод на европското законодавство.

-За ова се уште треба институционално да се подготвиме бидејќи законската лектура на тоа законодавство е многу важно бидејќи тоа законодавство утре ќе биде македонското законодавство, исто како што во перспектива еврото ќе биде македонска платежна валута. Затоа треба на тоа да обрнеме попсебно внимание. Ние одвојуваме околу 20 милиони денари од буџетот на СЕП за секоја година во последните две години имамме помош од Кралството Шведска и Норвешка преку Програмата УНОПС околу 250.000 долари годишно  и околу 25.000 евра од ЕУ. И на тој начин успеваме од минатат година до сега да преведеме околу 60.000 страници од европското законодавство на македонски јазик, потенцира вицепремиерот Маричиќ.

Тој наведе и дека скринингот којшто се одвива во Брисел од страна на нашата делегација 80 до 90 проценти се одвива на македонски јазик со преведувачи, што значи дека активно го користиме во текот на преговорите со ЕУ македонскиот јазик и тоа го сметаме како вредност и како предност.  

Маричиќ меѓу другото истакна дека треба да се посвети внимание и на недостигот на наставници по македонски јазик во дијаспората и порача дека во денешно дигитално време има начини како да се негува јазикот.

-Јас веќе неколку години кога пишувам на македонски, исклучиво пишувам на кирилица на телефон и мислам дека тоа треба секој да го прави. Тоа не значи дека нема македонска латиница, но треба да се користи кирилицата, порача вицепремиерот Маричиќ.  

На панел дискусијата која беше во организација на Министерството за култура, меѓу другите се обратија и ресорната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, Елена Јованова-Грујовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Наташа Аврамоска од Институтот за македонска литература, Људмил Спасов од Советот за македонски јазик и Весна Мојсова-Чепишевска од Семинарот за македонски јазик, литература и култура. вг/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан