• понеделник, 23 декември 2024

Маринакис: Патот на Албанија кон Европа поминува преку Грција

Маринакис: Патот на Албанија кон Европа поминува преку Грција

Атина, 4 ноември 2024 (МИА) – Патот на Албанија кон Европа поминува преку Грција и предуслов што не може да се заобиколи е почитувањето на грчкото етничко малцинство во Албанија, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на албанскиот премиер Еди Рама изразен вчера во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Рама одржа средба со Албанците кои живеат во Солун, каде што, според грчките медиуми рекол дека фразата „Северен Епир“ што во Грција се користи за јужниот дел на Албанија каде што живее грчкото малцинство е „мртов термин“ и дека „оној кој го користи овој термин кога зборува за југот на Албанија покажува дека не сака да живее во 21 век.“

Следеше реакција од грчки дипломатски извори за медиумите во Грција, но и од владиниот портпарол.

-Може за господинот Рама Северен Епир да не постои, но претпоставувам дека е очигледно дека постои грчко етничко малцинство во Албанија, кое има свои права, чиешто почитување, но и целокупното почитување на грчкото етничко малцинство во Албанија, е експлицитен предуслов за пристапниот процес на Албанија, според едногласниот став на 27-те земји членки, како што со правилно укажа Министерството за надворешни работи. Накратко, патот на Албанија кон Европа поминува преку Атина, поминува преку Грција и има еден предуслов што никој не може да го заобиколи, а тоа е почитувањето на грчкото етничко малцинство во Албанија, рече Маринакис

Како што претходно објави МИА, грчките дипломатски извори посочија дека „историјата не се брише и го одржува живо барањето за целосно почитување на правата на грчкото етничко малцинство од страна на Албанија“.

Рама вчера беше во Солун во рамки на серијата средби со албанската дијаспора, а ова е втора средба со Албанците од Грција, откако во мај одржа митинг во Атина. ср/рп/

Остани поврзан