• среда, 27 ноември 2024

Мареј за крајот на кариерата: Бев подготвен за овој ден, знам дека сега е вистинскиот момент

Мареј за крајот на кариерата: Бев подготвен за овој ден, знам дека сега е вистинскиот момент

Париз, 2 август 2024 (МИА) - Британскиот тенисер Енди Мареј изјави дека се чувствува добро и смирено по завршувањето на неговата професионална кариера по поразот со 2-6, 4-6 од Тејлор Фриц и Тони Пол на олимпискиот турнир во машки двојки каде што беше партнер на Ден Еванс.

Во типичен стил, Мареј брзо ги промени информациите на својот профил на социјалната мрежа Х и додаде: „И онака никогаш не го сакав тенисот“.

-Се чувствувам добро. Очигледно дека сум разочаран од резултатот вечерва и од настапот воопшто. Среќен сум. Имавме добро натпреварување овде, брилијантен турнир. Очигледно тоа не беше совршена завршница, ќе беше одлично да освоиме медал и навистина се трудевме, но сепак се чувствувам добро. Последниве неколку месеци знаев дека ќе дојде овој момент, бев подготвен за тоа. Беше секако многу емотивно бидејќи последен пат играв натпревар. Драго ми е што завршив токму тука на Олимпијадата, бидејќи на моменти во изминатите години, тоа воопшто не беше сигурно. Дури и пред неколку месеци ми беше кажано дека нема да можам да играм на Олимпијадата и на Вимблдон, па се чувствувам среќен што имав можност да играм тука и да одиграм неколку одлични натпревари и да зачувам неверојатни спомени, прокоментира тој. 

За неговите напори да се врати на тенискиот терен, Енди Мареј истакна дека било навистина тешко - физички и во однос на болка.

-Очигледно можам да излезам на теренот и да играм на добро ниво, но болката и непријатноста во моето тело не беше воопшто пријатна, затоа, среќен сум што ќе завршам тука, бидејќи ако продолжам да се обидувам, ќе завршам со повреда. Знам дека сега е вистинскиот момент, додаде Британецот. дс

Фото: Архива

Остани поврзан