• четврток, 26 март 2026

„Мамутите“, новиот документарец на Котевска, меѓу добитниците на Sandbox Fund на Sundance Institute за 2026

„Мамутите“, новиот документарец на Котевска, меѓу добитниците на Sandbox Fund на Sundance Institute за 2026

Скопје, 25 март 2026 (МИА) - Новиот документарен филм на режисерката Тамара Котевска - „Мамутите“ (The Mammoths that Escaped the Kingdom of Erlik Khan), копродукциски проект меѓу Данска, Македонија, Обединетото Кралство и Португалија,  е меѓу добитниците на Sandbox Fund на Sundance Institute за 2026 година.

- Sundance Institute преку Sandbox Fund поддржува иновативни документарни филмови на пресекот помеѓу науката и раскажувањето, селектирајќи ограничен број автори на глобално ниво. Во оваа силна конкуренција на автори и проекти поддршката од престижниот Sundance говори за квалитетот и на новиот документарен филм на Котевска - „The Mammoths that Escaped the Kingdom of Erlik Khan”, каде што таа е режисер и продуцент, соопшти тимот на Котевска. 

Филмот е приказна за млад одгледувач на ирваси од јакутската тундра, кој се соочува со избор помеѓу традиционалниот начин на живот и современите ловци на мамутски заби. Филмот се снима во екстремни услови во Сибир и ја истражува комплексната врска помеѓу традицијата и современите економски предизвици.

Минатата година Тамара Котевска се претстави во Венеција со два документарни филма, при што проектот за филмот „Мамутите“ беше селектиран на копродукцискиот маркет, а „Приказната за Силјан“ имаше европска премиера. 

Меѓу поддржаните автори на Sandbox Fund на Sundance Institute за 2026 година е и македонскиот режисер Љубомир Стефанов, со кого Котевска го режираше документарецот „Медена земја“ и пред шест години имаа две номинации за Оскар. 

- Извршната директорка на Sandbox Films, Џесика Хароп,  истакнува дека авторите поддржани преку овој фонд „создаваат исклучителни дела на пресекот помеѓу уметноста и науката“, нагласувајќи ја растечката потреба за вакви приказни во независниот филм, се наведува во соопштението. хс/паг/

Фото: тим на Тамара Котевска 

Остани поврзан