• петок, 05 декември 2025

Македонците во село Леска ја одбележаа летна Света Петка, заштитничка на селото

Македонците во село Леска ја одбележаа летна Света Петка, заштитничка на селото

Дебар, 8 август 2025 (МИА) - Во селото Леска, општина Пустец, Мала Преспа, беше одбележаа селската слава  „Св Великомаченица Петка Римјанка“ или летна Света Петка, која се смета за заштитничка на селото.

-Во чест на овој голем празник, одбележувањата почнаа од синоќа во селската црква каде беше отслужена Вечерна богослужба а на самиот празник, денеска, Утрена со Света божествена литургија. Послужен беше ручек а имаше и македонска музика и оро, велат од црковниот одбор.

Додаваат, дека, освен постојаните жители, за оваа селска слава,  тука, по традиција, се и поранешни жители и нивните потомци, кои се потсетиле на времето кога во селото имало многу народ.

-За оваа селска слава, тука сме сите, постојаните жители, поранешни жители и нивните потомци, кои сега живеат во други делови на Албанија, во Македонија, во Грција. Независно каде сме не ја забораваме нашата родна Леска и денешната селска слава, чие празнување го паметам од дете, вели жител на Леска, кој летниот одмор со семејството, со кое живее во Грција, го минува тука.

Додава дека во божјиот храм запалиле свеќи и се помолиле „сите Македонци каде и да се да ги дарува со здравје и благосостојба“ и посакале традицијата да продолжи.

Леска е едно од деветте села на општина Пустец, некогаш со над 350 жители, но бројот на постојаните жители денеска е многу помал. вт/сст/

Фото: Црковен одбор

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан