• понеделник, 23 декември 2024

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - Согласно ЕУ стандардите и локалните потреби, вака се обучени првите 90 советници кои на земјоделците ќе им помагаат во секој сегмент од производството. Советниците денеска и официјално ги добија сертификатите, откако претходно поминаа низ 13 обуки, но знаењето ќе мора во континуитет да го обновуваат, за да ги задржат лиценците. Тие се евидентирани во електронски регистар, лесно достапен и преку мобилна апликација.

Како што истакнаа министерот за зермјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и евроамбасадорот Дејвид Гир пред доделувањето на сертификатите, регистарот е дел од ИТ систем кој на земјоделците, освен за советници, ќе им биде и главен извор за информации во однос на непогоди, потенцијална заштита на посевите, работилници, семинари за производството, ИПАРД инфо денови, презентации за рурален развој, директни палаќња, географски ознаки, јавни огласи, повици за земјиште, заштита на традиционалните производи, фитосертификати, податоци за акредитирани лаборатории,... и сите услуги што ги дава Министерството за зермјоделство, шумарство и водостопанство.

ИТ системот е реализиран со 150 000 евра финансиска поддршка од ЕУ. 

-Ова е прв проект на МЗШВ највисоко оценет од ЕУ, за чие времетраење е донесен и соодветен Закон. Проектот е пример како треба да се ангажираме. Веднаш е применлив во пракса, ги оправдува средствата, времето и човечкиот потенцијал инвестирани во него, самоодржлив е и доаѓа во вистински момент, подвлече Николовски. 

Евроамбасадорот  Гир порача дека за целосни резултати на проектот,  односно за да нема одложување во обезбедувањето услуги за земјоделците, мора да се донесат и подзаконски акти за Законот за воспоставување на советодавниот систем.

-Важноста на советите и образованието во земјоделството е поголема од кога било претходно. Земјоделците треба да донесуваат одлуки базирани на инфорамции, за производството да биде сигурно. Тие мора да имаат вештини и знаења за да се прилагодат на средината која се менува и да ги минимизираат последиците од климатските промени, истворемено подготвувајќи се за учеството на единствемиот пазар на ЕУ. Досега македонските земјоделци имаа ограничен пристап до квалитетни советодавни услуги поради недостигот на систематски пристап и обуки, но сега ситуацијата се менува. Новиот советодавен систем согласно ЕУ стандардите ќе им помогне да ги разберат и да ги исполнат ЕУ правилата во однос на животната средина, јавното здравје, здравјето и благосостојбата на животните и добрата земјоделска пракса, потенцира Гир.

Тој истакна и дека ИТ системот ги опфаќа сите чекори: поднесување барање, добивање лиценца, пријавување, поднесување извештаи, со што, напомена, ќе се подобри транспарентоста.

-Целта на овој проект не е само почеток на советодавниот систем, туку и да се осигураме дека системот ќе биде одржлив, дека ќе има продолжение на политиките кои носат позитивни промени во секторот, високи стандарди, конкурентост и фер приходи за земјоделците, дополни евроамбасадорот.

Наскоро, како што најави министерот Николовски, согласно Законот за воспоставување на советодавниот систем ќе се конституира совет за мониторинг и координација на ИТ системот, составен од претставници на  21 различна институција: агенции, комори, наука, земјоделски здруженија, односно од сите економско-социјални партнери. мч/лв/

фото: МЗШВ и принт скрин

Остани поврзан